top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Љубовноста на Пијан Славеј како есенција на Фолтиновото творештво

Нештата сами по себе си се редат па после моите „Импресии“ за изложбата на Ташковски и новиот роман на Ана Стојаноска, на ред дојде да си ги искажам сопствените импресии за еден од омилените бендови на мене и луѓето околу мене, а нештата кои ме натераа конечно да седнам и да кажам неколку зборови за Фолтин се двете збирки на Пијан Славеј кои пред некое време конечно земав да ги читам. Станува збор за збирките „Креветизам и хоризонтала“ (2018) и „Срчки“ (2020) на фронтменот на нашиот бенд Фолтин, Бранислав Николов познат под псевдонимот Пијан Славеј, а во издание на „Прозарт Медиа“. И да, збирките беа отскочната даска за оваа статија, но нема да се фокусирам само на нив бидејќи кога станува збор за моето пишување за овој бенд не можам да не ги опфатам и концертите на кои сум присуствувал, а секако и новото ЕП „Симултан бакнеж“ кое ми ја заокружи убавата слика за „Фолтин“ која си ја оформував во глава.


Па ќе започнам од почетокот! Првиот Фолтинов концерт на кој сум присуствувал е во 2016 во склоп на „Таксират“ каде свиреа заедно со Санаториум, Архангел, Чиста Околина и Џајковски (со моето друштво имаме консензус дека тоа е најубавиот „Таксират“ на кој сме биле). Тогаш и не ги слушав премногу Фолтин, речиси и само што ги запознавав, но после излегувањето на албумот „Момома“, кој најмногу ме освои за да започнам религиозно да ги слушам Фолтин, речиси и да нема нивен настап кој сме го пропуштиле. Па така, ова лето, кога Фолтин полнат 25 години постоење, можеби е најинтензивното фолтинување заедно со моите пријатели од Култура β и уште неколку прекрасни луѓенца со кои соработуваме (читај: и се дружиме). Почнувајќи од настапот на овогодинешниот Д Фестивал, јубилејниот концерт во Битола на Хераклеја, како и нивниот концерт во Куршумли Ан за „Бела Ноќ“. Но и не само концертите, нашето константно пуштање на музиката на Фолтин – од промоцијата на мојата збирка каде се пушташе само Фолтин, до секоја седенка и журче што сме го правеле, па се до присуството на Фолтин (или барем инспирацијата која ми ја дале) во поезијата и прозата што во меѓувреме си ја пишувам. А секако и нашето исчекување да се повтори феноменален настап како оној на 14-ти февруари 2020 во МКЦ.


И да, секое присуство на концерт на Фолтин или на настан каде што ме ја пуштиле нивната музика била искуство кое може да зборува самото за себе, било секогаш ултра-инспиративно, ултра-вљубувачко и ти доаѓа само да си се запрашаш самиот себе „Што има толку посебно во овој бенд што прави вака да се чувствуваме?“. И тоа прашање останува да виси во воздухот, а ако некој го има конечниот одговор нека нè извести! Кога конечно ги земав збирките на Пијан Славеј до некаде започнувам и да ја откривам есенцијата која се крие во песните на Фолтин. Често знам да кажам дека кај песна, за таа да ми се доапаѓа, ми е важно текстот да биде широк, длабок, заносен (и можеби љубовен). Зошто е тоа така можам да елаборирам на долго и на широко, но да не дигресирам. Кај Фолтин ваквите мои „потреби“ од песна се во целост задоволени – бидејќи текстовите се поезија сами по себе. И навистина, кога ќе ги земете збирките на Пијан Славеј ги наоѓате текстовите на Фотлин во чиста поетска форма. Ја наоѓате љубовноста на Пијан Славеј како есенција на Фолтиновото музичко творештво. Кога ќе нурнете во неговата поезија како да доаѓате од другата страна на Фолтин, како да сте излегле од музичкиот свет и длабоко сте зануркале во нечија мисловност или во нечиј срцев храм кој кажува многу.


СВРЗАНИ САДОВИ

срцата чукаат

двотактно пумпаат

твоето во моето

моето во твоето

сега се врзани крвните садови

делиме среќа, делиме јадови


ја легнав меѓу нас најрамната либела

куќата на љубовта мајсторски ја кренав


срцата чукаат

двотактно пумпаат

моето во твоето

твоето во моето

сега се сврзани крвните садови

подеднакво мераци, подеднакво јадови


*****

БУКЕ НА ЕДЕН ДОБРО ОДЛЕЖАН БАКНЕЖ

[…]

симултан бакнеж

се прави едновремено

не – јас да го барам

а ти да го даваш


(Срчки. 2020.)


И сега – кој го слушал новото ЕП ќе разбере зошто токму овие две песни ги одбрав. Овие две збирки се преглед во иднината на Фолтин, можеби нешто што во иднина би слушале, а сега само читаме. Овие две збирки се преглед во љубовноста на Пијан Славеј. Во интимноста. Песните од „Креветизам и хоризонтала“ и од „Срчки“ зборуваат за љубовта, за најмалите детали на љубовта, за пијаните сопки на љубовта, за искреноста и нежноста, за моментите кога имаме несоница и ни се води љубов, описи на моментите кога се бара бакнеж, кога ја повикуваш љубовта в кревет и за секое облаче. Едноставно кога се читаат и двете збирки со поезија на Пијан Славеј се чувствувате милно. И тоа милно сфатено како естетичка категорија која се однесува на нешто мало и слатко. Јас би додал: и искрено. Бидејќи самите песни се мали, мили, слатки, лесно-сфатливи, но ве освестуваат за секој аспект на едно од најмилните чувства. За разлика од збирките, концертите на Фолтин се возвишени, ве супериорираат, но не си дозволуваат да ве поклопат. Ве оставаат да уживате во нивната големина. Па заради ваквата дихотомија милност-возвишеност, можеби еднаш во еден тефтер напишав: „Нема концерт на Фолтин кој не ми променил нешто во животот“.


Кога се вљубив во една нежна песна

Баш на прво уво, затрескан до уши

Избегав од светот и насамо ја пуштив

Скржаво на слушалки ѝ ја бранев честа

Да не рече некој – Песна ко песна.


(Креветизам и хоризонтала. 2018.)


И читајќи го ова само сфаќаш дека ниедна песна на Фолтин не е „Песна ко песна“!






Comments


bottom of page