Лани ова време пишував колумна со ист наслов, само со сменета бројка. Денес, не ми се верува дека има пројдена речиси цела година и дека повторно пишувам за крајот на едни дванаесет месеци и почетокот на нови. Пак е декември, а јас не можам да верувам колку е сè драстично поразлично, а истовремено и скандалозно исто. Па со таа цел, ќе се навратам на поентите од минатогодишната колумна за да видам дали јас како индивидуа научив нешто од тоа што го пишувам, но и дали колективно ги искористивме знаењата од 2020 за да имаме поубава 2021. Очигледно е кој е одговорот.
Лани почнувам вака: „Дека 2020 е лоша, мачна, тешка, одвратна година не е тајна.“ Има ли нешто пострашно од реализацијата дека истово можеме да го кажеме и за 2021? Па, еве, така почнувам и сега. Дека 2021 е лоша, мачна, тешка, одвратна година не е тајна. Можеби и полоша, помачна, потешка, поодвратна од претходната. Она што лани беше ново, неочекувано, невообичаено, она што лани нè сплоти и ни даде шанса да го реобмислиме начинот на кој ние и светот функционираме, оваа година е истото нешто што нè одвојува, нè тера да трагаме по стариот начин на живеење кој очигледно е штетен за сите вклучени фактори и она што ни беше ново, денес е веќе толку добро познато, и оттука, уште илјада пати непријатно.
Во претходната колумна го романтизирам денот кога ја сфатив големината на короната. Зборувам за црешите обетки кои тогаш сум ги земала и првиот прес на Филипче (кој, патем е одличен пример за тоа колку сме научиле нешто од минатата година, и ако да, дали веќе не е предоцна?), зборувам и за тогашната нелогична еуфорија која толку брзо се претвори во страв. И сега што? Ни еуфорија, а богами ни страв. Само апатија, рамнодушност и цинизам.
„[Системот] е суров, но неговите столбови се кревки и каде и да е, ќе паднат.“ Го велам и ова, што не значи дека уште не го мислам. Секако дека го мислам и постојано го повторувам, но после некое време станува досадно, станува мачно и станува бесмислено. Како може и покрај сè она низ кое поминавме, уште да дозволуваме да тонеме заедно со светот?! И ништо, седи си и паѓај си заедно со столбовите.
Велам дека сум научила дека општеството го држат милиони луѓе на кои не им го знаеме името, кои работат во никакви услови, за никакви пари. Научивме, сфативме, ама како им помогнавме на тие луѓе? Како, им помогнавме кога или продолжуваат со работа и живот во истите тие услови, или ја губат и таа мизерна работа за мизерни колку, 10, 12 000? Што, тоа е колатерална штета? Нешто што мора да се случи, па ајде, не можеме сите да ги жалиме? Не, не мора и не треба да се случи и не треба сите да ги жалиме, туку да се трудиме да не дојде до потреба за жалење. Ама, очигледно ни глобална пандемија, ни поместување на сите граници и кршење на сите правила кои дотогаш владееле, не нè учи.
Правам поента и за продуктивноста и нашата потреба да бидеме активни и општествено-корисни дури и во време на криза и дека можеби треба малку поинакво да се поставиме. Аха, секако. Никогаш не сум била под поголем стрес за тоа да бидам продуктивна и корисна и едноставно, „да правам нешто“. Џабе муабетите.
Уште се согласувам со хипиците и со нивната поента дека треба да сме едно со природата, една убава поука од 2020. Можеби укинување на пластични ќеси е вистинскиот чекор кон наше повторно сплотување со корените? Не, чекорот треба да е многу порадикален од тој, но ајде, зошто да не се караме една недела на социјални мрежи за тоа?! И вака и така е веќе досадно да плукаме по авторитетите кога повторно се наоѓаме во иста состојба како и пред една година, така?!
Моите омилени поуки од минатата година се оние веселите, милите: дека нè бива и дека убаво е да живееме во сегашноста и да се радуваме на убавините на секојдневното живеење. Уште мислам дека сме сите талентирани. Сите мои луѓе се толку прекрасни и толку паметни и толку способни и толку весели. Сите прават убави работи. Сите можат да го освојат светот. Ама, не сите имаат шанса, не сите имаат време, не сите имаат можности за да направат сè што можат да направат, а уште помалку имаат шанса, време и можности за да „уживаат во моментот“. Па не знам, може сега тоа треба да го извлечеме како поука.
Не, поуката која ја извлекувам на крајот на 2021 е дека нешто е длабоко погрешно штом дозволивме да има година полоша од 2020. Но, и покрај тоа, не дозволувам да го напуштам декември без надеж. До кога ќе влегуваме во годината со надеж, а ќе излегуваме поразени? Не знам, но знам дека не можеме да дозволиме да влеземе без борба. Скапо ќе нè чини.
2021, ај на здравје! Се читаме во 2022!
Comments