top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Што научив(ме) од 2020?

Дека 2020 е лоша, мачна, тешка, одвратна година не е тајна. Сум кажала и јас сто пати, а и сите други седум милијарди луѓе на планетава. Меѓутоа, целта не ми е да го исплукам ова зло од година, туку да направам една ретроспектива на сѐ она што се случуваше и да си поставам прашање за тоа дали научив(ме) нешто ново во последниве месеци? Дали може да се извлече нешто убаво од грдото?

Првото нешто кое го сфатив кога ситуацијата почнуваше да станува сериозна е тоа колку брзо работите можат да се сменат. 10-ти март беше вторник, јас бев втора смена и пред часови бев да си ги земам обетките цреши што си ги имав нарачано. Цел ден бев особено весела. На првиот час се спомна дека ќе има прес од Филипче кој уште не ми беше многу јасно кој е и како изгледа и ја гледавме конференцијата на самиот час. Се порадувавме дека нема да одиме на училиште две недели, со мајка ми се најдовме да купиме 20 пакетчиња макарони за престојниот период, се договарав со другари кај ќе одиме следниот ден. Уште не бев во паника и некако целата таа фама ме ставаше во одредена нелогична еуфорија. Следниот ден, СЗО го прогласија Ковид-19 за глобална пандемија. Е, тогаш веќе имаше паника, без еуфорија. За еден ден, светот се смени.

Оттука, свесна дека нештата можат да се променат преку ноќ, заклучив и дека светов стои на стаклени нозе. Не сакам да ја намалам големината или опасноста на Ковид-19, но фактот дека во напредно и модерно време, во ера на технологија и нејзината навидум бескрајна моќ, паднавме на колена пред еден вирус е апсурд и зборува многу за системот кој нѐ диригира. Тој е суров, но неговите столбови се кревки и каде и да е, ќе паднат.

Научив кому треба да бидам благодарна за животот кој го живееме. Научив без кого не би издржале. Научив дека на вистинските херои не им го знам ни името, ни лицето, дека никогаш не сум ни била свесна за тоа колку од работите во кои уживаме подлежат на грбот на илјадници луѓе кои работат по цели денови, во никакви услови, за никакви пари. Научив дека тие ни го држат општеството.

Она што најмногу ме погоди беше сознанието за продуктивноста. Зошто, зошто имаме толкава потреба да бидеме продуктивни, корисни, активни во секој момент од нашето постоење? Зошто во услови на глобална пандемија кога сѐ на кое бев навикната ми се рушеше пред очи имав потреба да правам нешто, да земам да учам, да читам, нешто да се случува, да не се седи мирен, да се работи? Не, некогаш не можам да постигнам сѐ. Ми треба помош, ми треба некој да ме води. Човечки е да има денови кога не правам ништо и денови кога ништо не ми тргнува од рака. Ќе цитирам дел од мојата омилена статија која се појави токму во почетокот на кризниот период и го кажува токму она кое и мене ми тежеше:

Who am I, really, when I am not being constantly drawn into some directionless orchestra of busyness? Or when I am not being constructed/instructed in perfect dyadic tandem by that vast, external capitalistic force that demands me to produce? Although it does feel hyper-personal, my obsession with productivity is something that does not end or begin with me, it would be too self-involved to think so. It is possibly a very human and touching attempt to locate meaning in the face of constant meaninglessness. We are deeper and more in need of interpersonal intimacy than we think we are. In the face of an economic engine that has evolved to structure the very basis of how we are allowed (able?) to think and be. We are still awake within ourselves. Looking for something. Victims of economic thinking. Transactional exchanges become the norm. I’ll scratch your back if you scratch mine! Sterile beings versus beings of heart. Point me to the room where I can simply love you. Endless demands must give us cold blood. Endless demands must exhaust us. Endless demands make us feel guilty for sleeping. The dread of waking up at noon. The dread of not having a good enough excuse for ourselves, or lives embellished with meaning (money, fast cars, glittering mansions, bitches to fuck). Cold conduct makes way for cold intimacies.

Од друга страна, она што ми стана јасно е дека хипиците се во право и дека навистина сме едно со природата. За некој природа е парк, за друг Водно, за трет Козјак, а за четврт нешто сосема поинакво, но за сите природата претставува(ше) место во кое бега(в)ме од тешката реалност. Ако ништо друго, во 2020 имавме многу сончеви денови. Седам на сонце, примам витамин Д и се заблагодарувам на Универзумот што сум жива и што можам да ја почувстувам таа убавина. Е, за тоа вреди да се живее.

Убаво е и тоа што научивме дека нѐ бива. Способни сме. За што и да е. Другарка ми почна да учи германски без никакво предзнаење, друга почна да слика и сфати дека умее тоа да го прави сосема добро, јас научив дека можам мислите да си ги искажам во зборови и дури иститите да бидат објавувани (фала, Култура Бета!). Можеби уште не научив дали ме бива, ама барем научив дека сакам да почнам со керамика и грнчарство и милијарда други активности! Колку се радувам кога гледам како различни луѓе на толку многу различни начини успеаја да бидат креативни, посебни и свои дури и во време како ова. Сите успеваат да придонесат во својот и во животот на другите на уникатен начин.

Нешто што ми е особено важно да го напоменам што отсекогаш ми било особено важно, но особено во последнава година е живеење во моментот. Секако дека не сакам да звучам како инспиративен цитат, но тие цитати се инспиративни со причина. Убаво е да бидиме присутни во сегашноста, а не секогаш да копнееме по минатото или по некое подобро време. Само така ќе можеме да уживаме и во сегашното. И секако, да уживаме во малите моменти. Сонцето кое го споменав претходно, earl gray со бадемово млеко секое сабајле во 7, видеата што ми ги праќа сестра ми, звучните пораки со смеење од другарка ми и секој петок во МСУ со другар ми се само дел од малите, секојдневни работи поради кои успевам да уживам во моментот.

Кога веќе почнав со патетика, ќе продолжам со истата. Пари, авторитет, политичари и познати личности се толку неважни, толку минливи, толку непотребни. Она кое ни е навистина потребно се луѓе. Емпатија, љубов, забава, муабет, смеење, плачење – човечност. Во ниедна мака не сме сами и потребни сме си едни на други. Доволно сме големи за да сфатиме дека веќе не е фраерски да бидеме цинични. Секоја препрека со која се справив во оваа ужасна година ја преживеав заради луѓето околу мене. Затоа што се грижиме едни за други. Затоа што сме социјални битија. Затоа што на луѓето им се потребни луѓе. Е, тоа е најголемата лекција која ја научив.


2020, ај на здравје. Се читаме во 2021!

Comments


bottom of page