Уметничко дело
Душата сликарско платно
нејасно и матно,
безброј уметници,
едно дело
скриено во женско тело.
На него безброј чувства,
борби и искуства.
И сите погледи се упатени,
со восхит збогатени
кон сликата бескрајна
од душата истрајна.
Единствен
Ти си поинаков од сите љубови
Те љубам а ми судиш
И ме кудиш
На сите увца им шептиш
Зборови клети
А пред мене си занемен
Од тишината обземен
И молчиш
На срцево му пречиш
Да бие со разумна брзина
Кога си во близина.
Те воспев
И го добив твојот потсмев
За мојот неспокој
Добивав поглед понекој
За мојот непребол
Кој сеуште не излегол.
Повторно
Здив ми зема
пак те нема,
со секој твој поглед дрзок и презирен
во мене умира нешто севезден.
И стиховите ги снемува,
времево ме менува
но искрата останува.
Замини немо ко прошли пат,
солзи крвави нек ми искапат.
Залудно ти го симнувам и сводот севишен
за тебе здивот мој е неважен.
Римите ќе ги потиснам
па макар и да се распрснам,
нек ме задушат не ти ги пишувам,
љубовта не ја вдишувам.
Роденден
Ново раѓање
Ново паѓање
Нова смрт и преродба
Нова спогодба
Нов страв
Во умот збрав
Дал е пропаст
Барам доказ
Врескам молкум
Врескам збогум
На претходното постоење
На денови броење.
Глас
Во длабочината
на сетилата
ми одекнува повик,
на шепот налик.
Во неговата срж
стои незадрж,
и со преѓи прозирни
чиниш бисерни,
ми ги плете нишките на поривот
и го ништи заборавот.
Нежно ме целива,
бегам срамежлива
а ме тера да се заљубам
и во целивот да се загубам.
Но срцето го изврзав
та да не го искршам,
со него војував
и за телото го заковав.
Катаден ми шепти
за љубов и свет без правила
за свет без сенки и патила.
Груба нежност
Твоите прсти студени на вратот ги чувствувам,
Чудни форми ми исцртуваат
И не се исцрпуваат.
А моиве прстиња врз хартија стихови истураат
И не изумираат.
Ја чекам твојата восхита,
Штом ти ги подарам
Окото твое да ги прочита,
Та со истото да ме погледнеш и да онемам
В прегратки да ти се припитомам.
Умот пред телото да ти го разголам
И сите страсти да ги разгорам,
За навек да ме сочуваш
И нежно да ме бакнуваш.
Во денешното издание на ß-поезија, ви ја претставуваме Мартина Даниловска која има 17 години и учи во гимназијата Кирил Пејчиновиќ во Тетово. Уште од мали нозе во слободно време се занимава со уметност, како со театарот така и со поезијата. Пишува веќе неколку години и поезијата ја чувствува како нешто преку кое може слободно да се изразува. "Темите за кои пишувам секогаш ми доаѓаат спонтано и најмногу се чувствувам исполнето кога луѓето со кои ја споделувам мојата поезија се пронаоѓаат во неа", вели Мартина, а во продолжение, прочитајте два извадока од нејзиното поетско творештво.
Comments