top of page
Writer's pictureЛеонид Велковски

Филмска анализа: ,,Блискост’’ – Лео и Реми

Кога би морал да зборувам за овој филм би морал да ја откријам до некаде главната премиса. Филмот едноставно постои само поради една причина, поради едно нешто што се случува во филмот, а тоа е смртта на еден од главните ликови.


,,Блискост’’ е филм на белгискиот режисер Лукас Донт, а својата премиера ја има на овогодинешното издание на Канскиот филмски фестивал, каде што и добива ,,Гранд при’’. Во главните улоги играат: Еден Дамбрин како Лео, Густав д Вал како Реми, Емили Декен како Софи, мајката на Реми, а Леа Друкер како Натали, мајката на Лео. Македонската премиера ја имаше на 21то издание на фестивалот на европски филм ,,Синедејс’’, како дел од Гала програмата.


Филмот може да се подели на два дела. Делот пред смртта, односно пред кулминацијата, тоа е животот, среќата, а потоа доаѓа смртта и процесот на тагување и прифаќање на вистината.


Психолошки е јасно направена границата помеѓу внатрешниот свет на Реми и Лео и надворешниот свет, во кој постојат семејствата на Лео и Реми, новото училиште и новите деца. Така додека сме во внатрешниот свет кадрите се крупни, близу до лицата на Лео и Реми, додека пак сме во надворешниот се менуваат и боите, кои заладуваат, а кадрите стануваат широки. Играње со светлината, доста контраст во боите, посебно кај полињата со цвеќиња и секако доста играње со боите кои зависно од емоцијата и моментот, заладуваат или стануваат потопли.

Малку дијалог, постатични кадри, освен во моментите кога Лео и Реми трчаат низ полињата со цвеќиња на кои работи семејството на Лео, свирењето на флејтата од страна на Реми, односно имаме блиски, интимни моменти, дружбата и покажувањето љубов и ,,страни’’ моменти, моменти кои не им се блиски на ликовите, а тоа прави да не и се блиски на публиката, нова средина, заднинско спомнување на нешта кои не се во интерес на главните ликови, а така не се во интерес на публиката. Новите деца и новото училиште се толку ,,страни’’, можеби страшни, ,,криви’’ што многу ретко конкретно се покажуваат децата, односно скоро цело време фокусот е на Лео или на Реми, можеби повеќе и на Лео, а лицата на семејствата ги гледаме само во некои важни моменти. Така може и да заклучиме дека филмот е за Лео, за неговото растење, созревање и ненадејно губење на нешто многу важно во неговиот живот.


Бидејќи филмот следи две момчиња од по 13 години, кои се најдобри пријатели, односно се многу блиски, бидејќи растат заедно, тоа многу добро го доловува, многу јасно е покажан односот помеѓу момчињата, јасно се поставени улогите, односно Лео е екстроверт, Реми е интроверт. Живеат во порурална средина, но среќни се во слободата која што ја имаат, во трчањето по полињата, а училиштето е онаа затворена средина, од која доаѓаат новите, можеби и ,,лоши’’ работи, притисокот и осудата.


Но, нивната врска е посебна, а тоа ќе го воочат и нивните нови соученици кои ќе ја демонизираат нивната врска, а новата средина, нејзиниот притисок и норми, а можеби и недоволното време за приспособување, разбирање, а потоа и толеранција ќе го притиснат Лео да почне да се двоуми околу врската со својот најдобар другар Реми и да ги премислува начините на кои тие двајца се дружат. Всушност двете момчиња и донекаде трпат булинг од своите соученици, но тој булинг е суптилен, детски, но за Лео доста сериозен и тој чувствува потреба да им се допадне на новите деца, да се вклопи во средината, докажувајќи дека го интересираат истите работи, го интересира хокеј, едноставно се плаши понатаму да се дружи со Реми и поради тоа да биде етикетиран како ,,педерче’’. Тоа што е нормално за Реми и Лео во нивната врска, ќе биде чудно за другите деца и ќе мислат дека се во љубовна врска.


Заладувањето на односите од страна на Лео и неговото одделување од Реми ќе заврши фатално. Донекаде и неочекувано, но тоа носи одговорност, чувство на вина, тага и процес на одбивање, тагување и прифаќање на новонастаната ситуација. Тоа и е целата приказна во глобала, но приказната повеќе лежи во деталите, во малите моменти на поврзување со мајката на Реми, стравувањето, себе обвинувањето, кршењето на раката, сето тоа надоврзувајќи се како навистина тоа да треба да се случи, едноставно како некоја универзална карма да ја бара вистината од Лео и да ѝ ја каже вистината на мајката на Реми. Софи, мајката на Реми, донекаде го бара Реми во Лео, веројатно кога е со Лео, го чувствува Реми поблизу, како да е тука, всушност Лео е единствената личност која потсетува на Реми, која била многу блиска со Реми и единствениот доказ за неговото постоење, настрана неговата соба, неговите цртежи, играчки и неговата флејта. За Лео е исто, односно со иста мера го наоѓа Реми кај неговата мајка и чувствува одговорност да биде близу до неа, затоа што на тој начин е поблизу до Реми.


Кога Лео ќе ја признае вистината веќе ликот расте, завршува една етапа од својот живот, врти нова страница, се менува енергијата на филмот, паѓа тежината и некако се ослободува од товарот. Не е сеедно, но чувството на помиреност е најпотребното чувство во таква ситуација.


Приказната е многу реална, опиплива, навистина на тој начин му се случуваат работите на некое 13 годишно момче, ниту е преувеличено, ниту пак извештачено, туку се игра на психолошката карта, на чувствата и сомневањата кои се раѓаат во зачетокот на пубертетот кај едно момче. Малите одлуки, нејасните и непромислените одлуки носат кон последици од големи размери. Товарот кој што го носи Лео, не е воопшто лесен, ниту пак сомнежот и обвинувањата кои продолжуваат и понатаму.


Публиката сигурно ќе се идентификува со Лео, бидејќи сите на 13 години нешто губат или добиваат, некои можеби и со смртта, но веројатно секој ќе се поврзе со филмот на ниво на кое што најмногу го боли или најмногу му влијаело или влијае во животот. Филмот може доста субјективно да се разбере, затоа што и игра на картата на чувства, иако принудно музиката на некои моменти не тера да се чувствуваме на одреден начин, сепак на поширок план фиксирањето останува индивидуално.


Филмот испраќа и едно важно предупредување. Тоа е дека родителите треба повеќе да разговараат со своите деца, а наставниците и другите служби во училиштата да бидат поажурни во детектирањето на булингот и неговото решавање. Но, исто ја покажува и бруталноста на нашиот свет, каде што децата се учат на осуда, мразење и насилство, отколку на толеранција, љубов и разбирање. Децата учат од родителите, од своите идоли, од возрасниот свет, а така и Лео ќе навлезе во ,,возрасниот свет’’, кога идеалниот детски свет ќе биде нарушен, кога хармонијата и љубовта во тој свет ќе бидат доведени до прашање и ќе биде принуден да го прифати она што веќе пред него било поставено како реалност, како вистина, како норма, не можејќи тоа да го диктира, ниту да го смени, тој ќе мора да го прифати за да преживее и да продолжи да се бори.



Comments


bottom of page