top of page
Writer's pictureКултура β

Уметност или пропаганда?

Несомнено е дека на современиот човек уметноста му е на еден начин поблизу од кога било. Па не е ни чудо што сѐ почести и поотворени за сите стануваат дискусиите, формални и неформални, за вредноста и значењето на она што ни го нудат уметниците. Само размислете. Кога последен пат коментиравте со некои од вашите пријатели некоја нова песна, изгледан филм, прочитана книга?

Но, истовремено овие дискусии отвораат уште една низа тези, со кои современиот човек треба да се занимава. Според мене огромен дел од овие дилеми на крајот на денот, се сублимириани и може да се извлечат од една која особено ми го привлече вниманието: Дали постои граница помеѓу уметноста и пропагандата? Дали оваа граница е јасна или не? Дали е корисна? Постои ли и каква е разликата во нивното влијание врз публиката? Кои други прашања произлегуваат од овде?

За да имаме подобар увид, секогаш е мошне умно да почнеме од дефинирање на двата поими: уметност и пропаганда. Во случајов овој дел е посебно тежок, да речеме дека пропаганда (термин кон кој често се пристапува со доза скептичност) е некаков вид информација која е пристрасно претставена и се користи за промоција на определен (најчесто политички) став или пак некакво видување по одредено прашање. Но, што правиме со дефиницијата за уметност? Колку форми има уметноста? Како ја препознаваме? Ако вистинската уметност е субјективна тогаш залудни ли се сите обиди за нејзино објективно објаснување? Најпосле ако да дефинираш, значи да ограничиш, дали е ова возможно да се направи?

Токму толкувањето на уметноста е она што ја прави дискусијата за пропагандите интересна. Можеби е најдобро секогаш да се почне со разгледување на процесот на создавање.

Мотивацијата за создавање на дело коешто треба да служи за промоција на некоја идеја е очигледна. Како пример за ова можеме да ја погледнеме маркетинг индустријата (патем истата не се поистоветува со пропаганда бидејќи меѓу нив постои јасна дистинкција) меѓутоа може да се каже дека на некое ниво, делат слична техника на промовирање. Тука, мотивот е прикажувањето на продуктот во што е можно попримамливо светло и неоспорно е дека ова е мошне важен сегмент за успех, бидејќи естетската претстава на нешто има силен психолошки импакт. Уште еден интересен пример кој користи елементи на пропаганда се секако политичките кампањи. Можеби токму тука пропагандата како поим се користи и најмногу во секојдневието. Денеска преку електронските медиуми, некогаш најмногу преку постери оваа форма на проповедање одредени почитички идеологии успеала да се задржи децении наназад.



Дали фактот дека определен постер или реклама се создава со определена предумисла ја намалува нивната креативна вредност? Не би рекла. Од друга страна, нели е полесно и е потребна релативно помала вештина да се конструира креативна идеја на веќе зададена тема и со одредена цел, отколку од индивидуална интуитивна инспирација? Дали овие две нешта се воопшто споредливи? Најпосле, дали ова може да се декларира како вид уметност или барем да има некаков допир со уметноста? Каков одговор и да имате, не е толку едноставно.

Сега може од поблизу да се обидеме да го разоткриеме процесот на создавање на некое уметничко дело. Би рекла дека честопати за уметникот ниту целта, ниту мотивот не се кристално јасни. Најинтуитивната, таканаречена вистинска уметност, потекнува од фантазијата и љубопитноста на творецот да истражува. Повеќе е самото патување, отколку крајната дестинација, повеќе е страст отколку определена цел. Во текот на создавањето постои само на линијата меѓу свеста и потсвеста. Во некои случаи креаторот е дури претставен само како медиум на оваа оригинална идеја, како пророк. Интересно и восхитувачко е да се размислува на овој начин, скоро под претпоставка дека делата егзистираат сосема независно од нивниот создавач, па затоа не се никако под влијание на неговите вредности, верувања или идеали. Тука доаѓаме до уште едно интересно потпрашање: дали уметноста треба да се разгледува независно од уметникот? По ова објаснување, нема место за пропагандите во рамките на терминот. Но, каде ја повлекуваме границата?

Доколку вистинската уметност не е ништо освен слободна и целосно отворена за интерпретација, тогаш дали единствениот критериум за вредноста на едно уметничко дело (независно дали е литература, музика, филм, театар, ликовна уметност итн.) е тоа колку можни интерпретации дозволува да му бидат доделени? Дали ова доделување на субјективно значење е она што ја движи модерната уметност или отсекогаш било така?

Според Курт Кобејн објаснувањата ја убиваат уметноста, а според Оскар Вајлд сета уметност е практично целосно бесполезна (освен да ја разгалува душата на човекот). А, сепак намерата на творештвото создадено во име на некоја цел дефинитивно е да се има евентуална полза за самиот создавач или пак за неговата поширока идеја.

Од друга страна, не помалку веројатна е идејата дека е невозможно уметникот и изворот на неговата инспирација да бидат независни еден од друг. Најпосле погледнете ги сите фрапантни кралски портрети, љубовни новели и средновековни катедрали. Сите дела намерно или потсвесно, на одредено ниво, ја прикажуваат индивидуалната но и колективната восхит кон некоја идеја, крајно човечка и универзална. И уште поинтересно е тоа што дури и кога популарноста на иницијалниот идеал избледува или се видоизменува, со текот на времето уметничкото дело самото по себе никогаш не губи, туку константно добива на вредност, како историски, културен, но и симбол на вистинска убавина. Можеби во вакви примери, можноста за повеќекратна субјективна интерпретација е помалку очигледна, но според мене не и невозможна. Човек може да биде свесен за почетната идеја на делото, а сепак во него да ја пронајде својата рефлексија. Дали од тука следува дека дури и ако уметникот и уметноста се неразделни, публиката може да го разбере уметникот, но и да не се поистоветува со него, туку само да остане верна на својата перцепција за неговата уметност?

Дури и ако ова е вистина и дури и ако свесната или потсвесната агенда на уметникот не е земена предвид од публиката, сепак истата постои. А тоа не доведува до едно мошне интересно тврдење понудено од Џорџ Орвел (авторот на легендарната ,,1984’’): ,,Сета уметност е пропаганда. Од друга страна, не секоја пропаганда е уметност.’’ Со ова се отвора повторно прашањето за тоа колку е навистина едно уметничко дело отворено кон интерпретација, дури и кога отворено говори за некое прашање и нуди потенцијално решение. Можеби особено релевантно денес, кога уметноста меѓу другото сѐ повеќе го добива признанието на алатка за општествено изразување.

Така доаѓаме до последната точка од процесот на создавање, кога веќе делото е готово, што е со пораката која истото треба или не треба да ја пренесе? Дали само пропагандата е онаа која може да биде злоупотрена или истото може да се случи и со уметноста? Ако уметноста е целосно слободна, тоа значи дека со сигурност некогаш ризикува со својата содржина, намерно или не. Но, за разлика од пропагандата чиј контекст е многу подециден, уметноста како послободна може неретко да биде извадена од почетниот контекст за една или друга цел. Следствено на ова очигледната пропаганда е поверојатно рационално да се анализира па и во одредени случаи да се осуди, отколку слободната уметност, од причина што истата никогаш нема потреба да се морализира. Во тој случај сигурно е дека замаглената линија помеѓу овие два поими понекогаш знае да биде и опасна.

За мене, во зборовите на еден уште поконтроверзен музичар од деведеттите: ,,Уметноста никогаш не е одговор, туку треба да е само еден огромен прашалник.’’ Нормално, продолжете секогаш да се прашувате себеси, прашувајте се за сѐ и селективно прифаќајте ги добиените одговори (а настојувајте да добивате што повеќе различни).

Comments


bottom of page