top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Трите Ф: Fiona Apple, Fetch the Bolt Cutters и фраерлук

Како девојка која себеси се нарекува феминистка, срамота е што долго време немав изведувачка со која особено можев да се поврзам. Сакам и отсекогаш сум сакала одредени пејачки и песни изведувани од страна на жени кои сум ги почитувала како уметници и уметнички дела. Сепак, никогаш не сум успеала да пронајдам артистка која ми е важна заради нешто повеќе од оној естетски аспект. Меѓутоа, тоа беше едно друго време, време пред Fiona Apple и пред Fetch the Bolt Cutters, мојот прв женски албум.

За првпат го слушав Fetch The Bolt Cutters некаде при крајот на јуни. Уште одамна знаев за Fiona Apple како девојката со големи очи која при една прилика на VMAs (1997) вели: This world is bullshit. Меѓутоа, мојата заинтересираност завршуваше тука. Тоа беше сѐ до април, кога првпат после седум години, за време на пандемија и најстрог карантин, таа извади нов албум - Fetch The Bolt Cutters. Со оглед на тоа што самата Fiona е доброволно во еден вид самоизолација веќе долги години (одбегнува непотребно излегување од дома) и албумот е снимен речиси целосно во нејзиниот дом, природно е истиот да стане хит токму во момент кога светот се соочува со социјална дистанца и изолација. И стана. Ми се чини дека во неделите кои следуваа по објавувањето, не се зборуваше за ништо друго. Pitchfork, за првпат после цели десет години оцени албум со десетка - “No music has ever sounded quite like it”. Логично е дека уште веднаш се заинтригирав, но го оставив за подоцна.

Два месеци потоа, налетав на профилот на Fiona Apple направен од страна на The New Yorker (кој е прилично долг, но искрено препорачувам да го прочитате, особено ако се решите да го слушате албумот) и тоа беше моментот кога конечно сфатив дека е време и да ја слушам.

Албумот трае нешто повеќе од 51 минута. Без размислување можам дека моето прво слушање беше најклучната 51 минута во 2020 година. Доколку ве убедам да го пуштите, знајте дека ова е еден од оние албуми кои се слушаат од почеток до крај, без прекин и по точно одреден редослед. Како што нормално е дека The Wall од Pink Floyd (Isn’t this where… we came in?) мора да се слуша по ред, случајот е ист и со Fetch The Bolt Cutters.

Приказната започнува со I want you to love me. Станува збор за убава приказна:


And I know, when I go, all my particles disband and disperse

And I’ll be back in the pulse

And I know none of this will matter in the long run

But I know a sound is still a sound around no one


Уште од оваа песна знаев дека ќе биде поинаку од обично и дека ова е албум со кој навистина можам да се поврзам и сметам дека клучот за тоа е фактот дека иако зборува за тешки теми, на моменти носталгични и особено емотивни, Fiona Apple е ранлива, но во ниеден момент не е патетична. Ги разработува чувствата и специфичните непријатни моменти на еден друг, пожив и поразигран начин кој за мене е многу полесен за примање.

Нејзиниот динамичен карактер првпат се забележува во втората, веројатно најпозната песна, Shameika. Токму оваа песна ја воведува и темата на женски (не)пријатлества која се појавува и понатму. Имено, додека сѐ уште била во основно, Fiona сакала да биде прифатена од страна на оние девојки кои имале одреден безначаен, банален авторитет и популарност. Меѓутоа, кога и да се обидела да им се доближи, станувала мета за потсмевање. Во еден од тие моменти, Shameika ѝ пришла, велејќи ѝ дека нема зошто да се обидува да им се допадне кога таа самата има потенцијал. Оттука и рефренот на песната – Shameika said I had potential.

Она што ја прави оваа песна толку посебна за мене е тоа што иако во ниеден случај не сум била во позиција слична на оваа, оние случувања токму од периодот на основно образование и за мене се особено важни во понатамошниот развој. Се навраќам на некои работи и сфаќам колку од моите денешни навики и ставови произлегуваат од тоа време. Дали ќе беше поинаку доколку мојата наставничка во основно не ме навредуваше заради тоа што не ме биваше во одбојка? Дали ако во одредени моменти моите тогашни најдобри другарки застанеа на моја страна денес ќе бев поразлична? Дали ако на екскурзија во четврто одделение симпатијата не ми кажеше дека ме сака сега светот немаше да биде ист? За среќа, во животов сум имала своја Shameika, и тоа не една, туку многу. Оттука се провлекува и најважната тематика на комплицираните женски врски и односи.

Феминзмот на Fetch The Bolt Cutters e комплексен. Сакам женската борба да се одвиваше со убави, скоцкани слогани, но реалноста е дека тоа не е случајот. Секако дека GIRLS SUPPORT GIRLS, но она што често забораваме да го кажеме е дека односот на две девојки е далеку од едноставен. Тоа бил случајот со девојчињата кои не ја примале Fiona на маса со нив, а и Shameika wasn’t gentle and she wasn’t my friend. Но, она што совршено ја опишува хаотичноста, но и големината на тие врски е вториот дел од тој стих – but she got through to me.

Оваа идеја се разработува и во други песни. A girl can roll her eyes at me and kill. Многу често, навредите од една жена кон друга се оние кои навистина болат. Но,


I too used to want him to be proud of me and then I just wanted him to make amends

I wonder what lies he’s told you about me to make sure that we’ll never be friends.


Вината не е едноставна и не припаѓа на едната или на другата. Напротив, тоа непотребно ривалство е безначајно во споредба со моќта на соединувањето. Во Ladies, ја продлабочува истата таа идеја за наметнувањето на женска конкуренција, но и конечното ослободување:

The revolving door that keeps Turning out more and more Good women like you Yet another woman, to whom I won't get through

Ladies, ladies, ladies, ladies Take it easy, when he leaves me, please be my guest To whatever I might've left In his kitchen cupboards, in the back of his bathroom cabinets And oh yes, oh yes, oh yes There's a dress in the closet, don't get rid of it, you'd look good in it I didn't fit in it, it was never mine It belonged to the ex-wife of another ex of mine She left it behind, with a note One line it said, "I don't know if I'm coming across, but I'm really trying" She was very kind


Fiona Apple e симбол за фраерлук, таа е “pissed off, funny and warm… a good man in a storm”, а таков е и овој албум. Динамичен, енергичен, хумористичен и сиров. При неговата продукција, користени се домашни звуци (лаење на кучиња, пцуење, тропање) кои служат како одличен симбол на нејзиното претставување на светот и животот на еден многу човечки, брутално искрен, но и секојдневен начин. Самиот звук на Fetch the Bolt Cutters ги предизвикува сите оние патријархални, капиталистички идеи кои се сржта на апсолутно секој проблем: професионализам, конкуренција, беспрекорност. Е, па, не. “Fetch the fucking bolt cutters and get yourself out of the situation you’re in”.

Животов не е лесен и Fiona тоа ни го дава до знаење. Сепак, истовремено, токму во тој хаос се наоѓа убавината на постоењето. А, да се биде жив значи да се биде гласен. Па така, Fetch the Bolt Cutters е мојот прв женски албум затоа што е триумфален. Затоа што е непослушен.

I would beg to disagree, but begging disagrees with me.

*Лични фаворити од албумот: Shameika, Under The Table, Relay, For Her

Comments


bottom of page