Тлеј ми збору милен, тлеј,
Во далгите недорасталасени,
Во солзите недоплакани,
Во мислите недосеани,
Во срцето недотатнето.
Тлеј си помеѓу секој недопишан ред
Гори си меѓу две сеќавања,
овековечени со ракопис едвај читлив.
Ткај си судбина украсена со игра детска и прстен бабин,
Тлеј си не барајќи жар да те подбуцне кон утре,
Молчи си и извлечи си извик од уста клештосана,
Излечи си презир од сржта крвосана,
Шепоти си над рани барајќи за нив мевлем в плач.
Тлеј си ти спокојно,
Ти, кој со жесток труд мир в срце мое сакаш да вселиш.
Свети си, ти најсвет,
Мирно гледај во мене, збору мил недоречен,
А потоа задреми си,
И после пак разбуди се
И така до бескрај...тлеј.
Тлеј, а јас за тебе ќе горам.
Ќе вивнам во страст и ќе се пеплосам до мрак,
Ќе пијам вино најкисело и ќе јадам темнина грозна,
И низ трње ќе проодам, и низ кал ќе препливам,
И ко железо ќе рѓосам, иако златна,
Само да те најдам, и откријам кој си,
Само да ми те остварам,
Сону мој недомечтаен.
Ана Марија Наумовска е втората поетеса чија песна објавуваме во рамки на Поетските недели. Таа студира право, за себе вели дека е љубител на театарот, а инспирацијата за пишување, вели, ја наоѓа во песните на Рацин.
Comentários