Пишува: Бојан Станиќ
Во исчекување на наездата гомна и омраза кои просечниот жител на нашата земја ќе го истури по социјални мрежи (и по улиците на Битола, за жал), како одговор на споделени слики и видеа од една мала прошетка/журка каде група од околу 1000 луѓе излезе да прослави нешто кое македонското општество сака да го убие и уништи, сакам да споделам неколку статистики кои излегоа пред некоја година и ми беа најголем reality check за каде живееме, со кои луѓе делиме воздух и ултимативно што можеме да очекуваме и, на крајот на денот, да направиме.
Имено, според European Social Survey, истражување спроведено на крајот на 2021 и почетокот на 2022 година, 76% од луѓето во Македонија сметаат дека геј луѓето и лезбејките НЕ ТРЕБА да го живеат својот живот како што сакаат, а 61% би биле засрамени ако разберат дека член на нивното семејство е геј.
Според друго истражување, спроведено од МЦМС во 2022 година, 81% од Македонците би имале проблем доколку имаат ЛГБТИ сосед, а 88% сметаат е дека е „неоправдано“ да си геј, скоро исто толку колку што сметаат дека семејното насилство е неоправдано. Во превод, за Македонците, бидувањето геј е исто толку лошо колку семејно насилство, ако не и полошо, пошто сум сигурен дека испитаниците не ја сметале your occasional „воспитна шлаканица“ за семејно насилство.
Сè ова само математички и црно-на-бело покажува нешто за кое најверојатно сите ние бевме повеќе или помалку свесни, иако можеби малку се подлажнувавме живеејќи во сопствени социјални меури — во Македонија многу, многу големо мнозинство мрази. Мрази педери, мрази Роми, мрази имигранти, а најверојатно најмногу од сè, колку и да не признава, се мрази себеси.Позади превезите на сите религиозни паѓања во несвест, позади „добробитта“ на децата (иако, како што рековме, не им е проблем да им врзат некој шамар, понекогаш) и тие фамозни „вредности“ со кои упорно трујат, стои само една крајна цел — уништување. Уништување на сè она што не го разбираат, уништување на сè она што им ја загрозува моќта на статус квото, сè она што им ја загрозува машкоста, сè она на кое можат да се истурат додека се обезмоќени во секој друг сегмент од нивните животи.
Затоа, парадата е битна, затоа да се зборува за ова е битно, затоа гордоста е битна, бидејќи од сите страни, во скоро секој момент е забранувана, оцрнувана и ништена. Битно е за детето чиј татко е спремен да го истепа ако е геј (пошто, нели, исто толку неоправдано е и семејно насилство и бидување геј, гревот е исто толку тежок колку и казната), битно е за вашите другари, другарки, роднини и блиски кои се кријат од вас и никогаш нема да можат целосно да ви се доверат, битно е за сите деца кои ќе ги осакатите никогаш да не можат да си дозволат да го почувствуваат целиот потенцијал на љубовта онака како што љубовта треба да се чувствува, сосема слободно.
А ЛГБТ луѓето се тука, не знам како да ви кажам, статистички сите вие 70–80% македонски™ хомофоби имате некој кој ви е близок и не е стрејт/цис околу вас иако не сте свесни, бидејќи се крие и/или е in denial пошто се понашате како идиоти. Иако знам дека ова не допира до голем дел од тие кому се обраќам, до тој помал дел, кому некако зачудувачки побитна им е добросостојбата на нивните блиски отколку некаков ирационален конзервативно-религиозен outrage, ве молам, ве преколнувам, ставете прст на главата и размислите кого несвесно го повредувате додека вреѓате и посакувате смрт, големи се шансите дека тоа го правите на некој кој многу ви значи во животот.
Текстов НЕ Е спонзориран од никого и е напишан од љубов и грижа на авторот за неговите ЛГБТ+ блиски луѓе.
*Текстот е првично објавен на https://medium.com/@bojan.stanikj
**Фотографијата на насловната е преземена од официјалниот instagram профил на SkopjePride
Kommentare