top of page
Writer's pictureКултура β

Разговор - Георгина Петреска

Често разговарам со

тебе и со себе и често

се правам глува

кога ќе ми се обрати светот.

Често разговарам

ретко говорам во зборови

некогаш слатки и плодни

другпат со јарост полни

подраги ми се во запис престорени

сите засебно раскажани.

Често разговарам со

старите слики и ѕидини

ги впивам нивните сочни спомени

сокриени во камените темели.

И лицата на сликарот и сликата

тогаш јасно разговараат пред мене.

Често разговарам

прашално со водата

барајќи ѝ да ме вдоми

во својте солени одаи

а таа често ми враќа -

вивнувајќи ме во воздух.


Така јас сум само раскажувач

на љубовта помеѓу неа и небото

на која силно

И љубомори Земјата.

А, ова го знам од

тајниот шепот на тревките

вознемирени од нејзиното

силно треперење.

И брмчам и зујам со инсектите,

цветам со цвеќето

и вијам со грабливците

додека страшливо

воздивнувам со пленот.

И така често разговарам

во тишина со животот

и тој тивко разговара со мене.

И затоа кога му се

обраќам на твоето тело

тоа неосетно,

ненамерно

и суптилно

станува само уште едно

обраќање кон твојата душа.

И ме прашуваш:

Зошто си замислена?

А, јас ти одговарам:

Само се сетив на нашиот

последен разговор.

 

Во денешното издание на ß-поезија, ви ја претставуваме Георгина Петреска. За нејзе поезијата претставува чин на преобразба, кој и нуди можност да ја задржи својата непостојаност.

Comments


bottom of page