top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Преживувањето на митовите во нестандардни форми низ историјата, философијата и уметноста

Кога се зборува за преживување на митовите мора да се назначи дека зборуваме за постоење на митовите во нивната нестандардна форма т.е. дека зборуваме за преживувањето на митовите низ различни историско, философски и уметнички форми. Преживување на митовите претставува нивно видоизменето опстојување низ новите генерации. Со неприфаќањето на митот како историска вистинска приказна или света сказна, тие добиваат веќе друга форма, имаат преносно значење или имаат значење со кое треба да се истакне големината на некој настан или личност од современието, но таа големина е толку голема што како да можеме митски да зборуваме за неа. Па така кога зборуваме за преживување на митовите тоа можеме да го правиме преку примери од евхемеризмот, преку примерите во алегоризациите, преку паганизирањето на христијанството и преживувањето на митовите можеме да го коментираме преку задржување на некои митски мотиви низ културата, уметноста, книжевноста...


Мора да се напомене дека опаѓањето на светоста на митот се случува постепено и тоа започнува со одземање на изворното значење на митовите и одземање на божествениот елемент од нив. Уште кај претсократовците во Милетска школа не се смета дека кај Хомер се зборува за вистински божества. Кај Елејците исто така, се критикува антропоморфизирањето на боговите; па самиот Ксенофан, како што можеме да видиме и од фрагментите, вели: „Ако имаа раце воловите, коњите или лавовите за да цртаат со раце и да создаваат дела како луѓето, коњите слични на коњи, а волојте на волови на лик би ги цртале и создале божјите ликови и тела, а и става би имале иста ко секој од овие одделно“; тие имплицираат и инсистираат на тоа дека „Еден е Бог, најголем меѓу боговите и луѓето, на смртниците не им е сличен ниту по става ниту по ум.“. Кај драмските автори, пак, кај Еврипид, на пример, во своите драми прави пародии на ликовите од грчката митологија. Па така, митско станува сè она што е неверојатно и за сè она што немаме докази. И вака митовите со изгубено свето значење почнуваат да добиваат скриени значења, метафори и задскриени поенти преку алегоризации – и тука го имаме, секако, Платон; го имаме Теаген од Региј кој се смета за еден од првите приврзаници на алегоризирањето на митовите; тука е и стоикот Хрисип која ја проширува алегориската интерпретација на митовите на етичко рамниште сметајќи дека сите имаме божествено потекло, но благородноста се стигнува само преку доблест, а обожувањето на хероите не е добра карактеристика – но за алегоризирањето малку подоцна.


Трети век пред нашата ера, во романот Свет запис Евхемер ја изложува теоријата дека боговите, всушност, се некогашни кралеви или некои заслужни херои односно дека митовите за божествата всушност се приказни за првите кралеви за кои сеќавање човекот има но многу избледено, нецелосно, нејасно. Жан Сенек во својата Преживување на паганските богови го актуелизира евхемеризмот сметајќи дека во митолошката традиција во ренесансниот период, грчките богови живееле низ целиот среден и тоа евхемеризирани камуфлирајќи се во необични облици и губејќи ги своите класични форми. Па така, со ова Евхемер го искажувал општиот став дека линијата која ги разделува боговите и луѓето не е секогаш многу јасна. Па ваквиот евхемеризам станал многу корисен за христијанските апологети кои го користеле евхемеризмот за да покажат дека паганската митологија е збор на сказни измислени од луѓето и кои се однесуваат на луѓето и со тоа да се покаже дека оние кои се од паганите обожувани всушност не се богови. А оттука и мислењето низ целиот среден век за објаснувањето на тоа зошто некои луѓе се многу почитувани, па се почнало да се смета дека и човештвото, всушност, е измамено од поетите и творците на митови.


Несомнено е дека митовите се средство со кое поетите и овозможуваат на душата да го слуша божествениот говор, тие се помистериозни од директниот говор, а појасни од енигмите, се наоѓаат меѓу науката и незнаењето, и особено важно е што ја водат душата да го бара она кое што таа е. Плотин совршено го користи ова при објаснување на тоа што битието е. Па во своите Енеади велејќи „ниедно име не му одговара, но кога веќе мора да се именува, соодветно е да се нарече Едно“, всушност користи апофатички метод користејќи некаквимитски определби за да може да се опише или опфати нешто што е отаде светот. Ваквиот говор е исклучително симболички, самиот се темели на елементи кои изобилуваат со митскиот говор и тоа апсолутно не зависи од тоа дали авторите кои тоа го употребуваат се свесни за таквата употреба. Плотин е свесен за ваквата употреба, но дека прекинува да ја користи, туку напротив, има развиено философија на митот која се вклопува во самата негова онтологија. Тој смета дека митот нема вредност за стигнување до вистината, но има вредност која мора да се надмине за да се пристигне до некоја поголема вредност. Впрочем јазикот во Енеади-те изобилува со апофатизам, симболизам и митолошки елементи. Ваквото користење на митовите е всушност алегоризирањето на истите.


Но, најеклатантен пример, а и најпознат пример кога зборуваме за алегоризирање на митовите и нивно користење за објаснување на некои поголеми вредности е, секако, Платон. Впочем Плотин и од него го презема и продолжува таквиот начин на онтолошките определби на стварите од својата философија. Па така Платон и во Политеја со т.н. мит за пештерата кој е всушност алегорија, и во Гозба со алегоријата за раѓањето на Ерос итн. Па така кај Платон имаме големо потпирање на митските алегоризации кога доаѓа до експликација на својата философија, а особено кога ги имаме теориите за анамнезата, за патувањето на душата, за љубовта. Во дванаесетиот век кога алегоризацијата на Запад цутела, Космографија од неоплатоничарот Бернард од Шартр ја раскажува приказната за почетокот на светот, во првиот дел космогонијата, во вториот дел антропологијата и тоа угледувајќи се по Платоновиот Тимај, но додавајќи дополнителна научна спекулација – та оттука се добива едно алегориско-научно-енциклопедиско комбинирање.


Покрај ваквите философски примери, митот секако преживува и во христијанството и покрај сите обиди на христијанските не-алегористи да ги оттргнат сите алегории во кои всушност се криеле митови. Иако се инсистирало на дискредитација на митовите, или на алегориите сеедно, во кои биле прикажувани божества кои не се Исус, сепак од другастрана за потребите на историската потврда за постоењето на Христа се имало потреба од некакви митски алегоризации. Истото важи и за потврда на случувањата во Евангелијата. И тука, може да се напомене, дека е исклучително присуството на евхемеризмот, па така тој сплотен со алегоризирањето неопходно се доаѓа до паганизирање на самото христијанство со цел определување и историско потврдување на постоењето на Исус и неговата животна приказна. Сепак, колку и да ги земаме за вистини христијанските приказни и пророштвата од Стаериот завет сепак за нивно искажување и објаснување се служи човекот со митски елементи. Приказните за спасувањето на светот, на пример, и потребата од негова рекатуализација и постојаното извршување на религиски обреди за враќање во тоа време речиси и да не е ништо поразлично од митското враќање на светото време односно подражавање на некој човечки модел и преминување во свето време. Во култот кон светците повторно го имаме митскиот момент на култ кон митските предци или кон некакви божествени суштества, а истото важи и за нивното учество во секојдневниот живот и нивното празнување во посебни денови посветени токму за нив.


Покрај евхемеризмот, алегоризациите и паганизирањето на христијанството, уште еден случај во кои исто така преживуваат митовите е уметноста. Имено, ликовите од митските сказни биле огромна инспирација за многу приказни, легенди, народни умотворби, песни и сл. Особено почнувајќи од ренесансата ваквите митски ликови биле особено користени како поттик за создавање на уметнички дела, и не само книжевни туку и ликовни дела и опери. Понатаму низ историјата покрај ликовите од митовите, како извор за ументичко изразување биле и библиските приказни. Мелетински особено зборува за митското во литературата нагласувајќи дека во литературата настанале толку големи и општопознати и општоприфатени ликови како Хамлет, Дон Кихот, Дон Жуан што самите станале „вечни ликови“ кои станале особени обрасци за идната литература, а тие се слични на митолошките парадигми.


Па така, митот е очигледно присутен и во современиот живот на повеќе начини: преку митските теми кои се задржуваат во литературата, сликарството, музиката, потоа преку ликовите кои имаат функција слична на митските парадигматски ликови, секако и преку митските теми кои стануваат сè поинтересни на филмската индустрија, а ваквото користење на митски ликови и теми е присутно дури и во видео игрите. Иако митот ја губи светоста, иако веќе не е света сказна, сепак е архетип, извор, инспирација по кој што настанувале или барем биле поткрепа на многу од философските теории, религии, идеологии, култури и уметности.

 

Користена литература:

  1. Тодоровска, Марија. Митот како светска сказна. Скопје: Филозофски факултет, 2015.

Comments


bottom of page