Прибежиште на реалноста Средба со илузијата Ехо на едно бегство И еден глас од внатре што шепоти Каде одат душите кога се исплашени од мракот? Дали скитаат слепо кон пештерите на сопствените гревови, или пак остануваат под кожата на своите домаќини?
Се свила една птица во лагите за слободата А ете ја сеуште чека во кафезот заклучена Црцорот нејзин меланхолично се слева на ридовите Плач на една изгубена надеж Создавајќи тага длабока Исечи ги корените на цветот – тој умира Извади ги пердувите на соколот – тој умира Одсечи, уништи, земи се! Останува само силуетата. Разорни ги сите убави нешта Потоа пиј ги солзите Остави ја само болката да гние со нив
Гледа од страна Во човечка перспектива А колку е навистина човек? Што го прави она што е? Или она што мисли дека е? Гласот од внатре Или погледите од надвор што паѓаат врз него? Што го прави она што е? Можеби плачот што ги обзема неговите сетила А сепак верува дека животот му е комедија
Очите се широко отворени А сепак, како да спијам Ги чувствувам како ми тежнеат затворени цврство Минувајќи низ овој тунел Гледаш лица разни А тие сеуште не се свесни за тебе Ни за себе, којзнае А сепак се пронаоѓаш и како еден од нив Несвесна молња на постоењето свое Можеби и не е се така како што изгледа, нели?
Нашата нова ẞ-поетеса е Викторија Софеска со нејзиното дело ,,Портрет''
,,Љубител сум на сите уметности и истите ме исполнуваат. Пишувањето на проза и поезија имаат посебно место во мојот живот затоа што ми се еден вид на прибежиште и влегување во мој свет каде можам да сум потполно своја. Можам да кажам дека пишувам од секогаш и дека тоа уште од мали нозе била моја омилена занимација, како и цртањето. Психологијата, филмската и музичката уметност често пати ме инспирираат во пишувањeто." - ни кажува Викторија
Comments