Оние кои ме познаваат во реалниот живот или ме следат на социјалните мрежи, сигурно веќе забележале дека скоро секогаш пишувам на кирилица - не затоа што сакам да глумам „интелектуалец“ или нешто слично, туку единствено поради мојата љубов кон мајчиниот јазик. Кога бев мала, многупати ми се имаше случено да се инспирирам и да напишам состав на тема „Зошто ја сакам Македонија“ за конкурси, натпревари, училишни поетски читања... Мислев дека ако набројам безброј причини, ако спомнам наши убави места или луѓе кои оставиле белег во нашата култура и историја, ќе успеам подобро да го искажам патриотското чувство кое, верувам, во помала или поголема мера, го има кај секој од нас.
Денес, еден ден по победата на Македонија и нејзиниот пласман на Европското првенство, по неколку години повторно добив инспирација да напишам нешто со што ќе им оддадам чест на оние кои играјќи со срце нè израдуваа и ни дадоа причина повеќе да се почувствуваме горди, но и на оние кои, јавно или не, во реченица-две кажаа нешто умно и убавко. Како што личи! Прочитав многу честитки кон нашите фудбалери и ќе ве излажам ако кажам дека не ми се стопли срцето кога ги гледав фотографиите од славењето на победата, колку и да е тоа недозволиво и неморално од аспект на опасноста од вирусот со која секојдневно се соочуваме.
Некои прославија со скромни честитки од неколку збора, некои со возбудливи статуси и „реферати“, а некои со споделување на нашата национална химна или други песни со изразен патриотски призвук... Но, за жал, меѓу убавите честитки со позитивна енергија и искрена радост за успехот на Македонија, неизбежни беа и негативните коментари кои како отров се шират низ крвотокот на социјалните мрежи и ја „загадуваат“ искрената среќа на целиот народ. Меѓу многуте коментари кои ги читав на ФБ, особено голем впечаток ми остави коментарот на еден мој стар пријател: „Да не беше фудбалот, немаше околу што да се обединиме како нација“. Искрено, коментарот ме замисли и ме растажи, па наместо да „срцнувам“ и „лајкнувам“ почнав сериозно да читам коментари и да се чудам. Некои ќе коментираат дека немам попаметна работа, некои ќе бараат и наоѓаат оправдание, со безброј зошто и затоа. Како и да е, јас сепак сметам дека секој од нас треба да има став за она што се кажува во јавниот дискурс, особено кога од она што го читаме блика говор на омраза и политиканство.
Но, да се вратам на мислата што ми го „скрши сонот“ и ме остави будна, инспирирајќи ме да ја напишам колумнава. Зошто спортот да биде единствената причина за обединување на народот? Која е потребата од ширење омраза и негативност? И зошто луѓето не се радуваат едни на други, не се прифаќаат како различни, но слични, па ги користат дури и оние малобројни причини за славење за да се напаѓаат, исмеваат, па дури и да се закануваат!?
Свесна сум дека спортот и политиката, како теми, се опиум за народот и дека сите – и оние кои знаат и оние кои не знаат, и оние кои следат и оние кои не следат, и образованите и необразованите – се чувствуваат повикани да напишат коментар на социјалните мрежи, да искритикуваат некого, да „исплукаат“ нечиј успех или неуспех, да го „кренат човекот во облаци“ и да го „срамнат со земја“. Но, тоа не е поентата на мојот текст! Ниту следам фудбал, ниту разбирам политика и не се чувствувам доволно добра за да зборувам на тие две теми, па така, единствената поента што сакам да ја истакнам е (не)потребата да се мразиме меѓу себе и да се напаѓаме едни со други, секогаш и во секоја пригода.
Се напаѓаме меѓусебно и кога е лесно и кога е тешко, кога сме среќни и кога сме тажни, кога сме задоволни од животот во целост и кога ништо не ни оди од рака...и, и покрај месеците минати во (само)изолација, осаменост, затвореност, празнина, недостиг на пријатели или, општо, на луѓе во секојдневието, ние не ја пропуштивме првата шанса за да се нападнеме и повторно да се поделиме... Зарем пандемијата не нè научи дека другите луѓе ни се потребни за да бидеме среќни, насмеани и задоволни? Зарем не нè научи дека сите сме исти и еднакви пред болеста која не бира кој ќе настрада? Зарем не беше тоа доволно моќно предупредување за да престанат сите навреди и предрасуди што ги имаме кон луѓето?
Не знам како размислуваат повеќето од вас, но мене оваа нова наметната реалност и сите случувања во 2020 година ме натераа да се радувам и да ги ценам моментите на среќа споделени со моите пријатели. Се радувам кога гледам како моите врсници музичари, спортисти и уметници деноноќно се посветуваат на своите омилени активности. Се радувам и кога гледам како моите другарчиња-идни научници учат и се подготвуваат за своите поголеми животни предизвици... Се радувам за сите кои си се насочија кон внатрешните длабочини. Всушност, им се радувам на сите кои се успешни и си ги следат соништата.
Вчеравечер, сите ние имавме можност да го видиме нашиот македонски тим (кој, патем, е составен од припадници на повеќе националности) како си го исполнува својот заеднички сон. Им се радувам и на сите што се радуваат – тоа е доволно барем за кратко обединување!
Никогаш нема да се обидам да ги разберам оние кои имаат сила и храброст да напишат лош збор и неубава критика, да напишат навреда кон некоја личност која си го следи својот сон или само се радува на исполнувањето на туѓите соништа – тие луѓе се злото кое никому не му е потребно. За жал, голем е бројот на токсичните. Но, победата на Македонија и сите други искрени честитки упатени кон целиот тим се доволна причина да верувам дека и во нашето општество сè уште постојат прекрасни, искрени и чисти души.
И не, не само што ќе ве потсетам дека познатиот спортски коментатор го заврши својот феноменален говор со цититање на нашата поезија „Сега душата се радува затоа што има зошто душа да е!“, туку и ќе ве потсетам на животната мудрост на Тоше Проески – најсјајната македонска музичка ѕвезда - „Да имам огромна моќ, макар и накратко, би направил да исчезне омразата и злото и луѓето меѓусебно да делат љубов“.
Се надевам дека овој текст ќе ги инспирира сите мои читатели и дека следниот пат кога ќе се најдат на крстосница и треба да одберат помеѓу лошиот и добриот збор, секогаш ќе го одберат вистинскиот, убав и искрен збор и ќе размислат дека секој човек има свои чувства кои лесно можат да бидат повредени и, секако, ќе се радуваат на своите и на туѓите соништа. Само така, спортот нема да биде единствената светла точка која има потенцијал да нè обедини сите – „и едните, и другите, и третите, и четвртите“!
Comments