top of page
Writer's pictureКалина Качоровска

Политичка коректност или радикалност? Љубезност или промена?

Последниве неколку денови не може да ми се извади од глава новиот краток документарец на „ВидиВака“ наречен „Образование надвор од мрежата“. Да бидам искрена, после првата реченица на Мите, детенцето од видеото, толку ми се стегна срцево што не можев да продолжам да го гледам. Цел еден ден го одбегнував од пуста жал. Кутра јас, жал ми е дури, еј! Вториот ден не можев да издржам и ги изгледав целите десет минути. Душава ме корнеше и уште ме корне. Меѓутоа, жал не е главната емоција која ја чувствувам. Лута сум! На сама себе и на цел свет околу мене. Лута сум на политичката коректност и на слободоумноста.

Секогаш низ животов сум се движела со мислата дека сум слободоумна, отворена кон светот, но пред сѐ притоа многу коректна, фина и културна. И што со мојата љубезност? Кому служи таа освен мене? Она што ми е последнава година јасно повеќе од било кога и од многу различни причини е дека таа ме заштитува од канџите ем на едниве, ем на другиве и дека секако на крајот испаѓам доволно добра за двете страни, а сите неправди за кои попувам остануваат неоправдани. Борба не се води така.

Радикалност е збор кој во себе содржи негативна конотација – екстремизам, апсолутизам, тоталитаризам. Но сега, кога и да го погледнам зборот прво нешто кое ми доаѓа на памет е цитат од Angela Davis: “Radical simply means “grasping things at the root”. Етимолошкото значење на зборот „радикално“ е „корен“, па оттука, единствен начин на кој може да се искорени проблемот како проблем од било која сфера во животот е преку радикалност, преку дрскост и преку одење во крајности. Како инаку?

Најчестиот аргумент против феминизмот денес е токму тоа дека феминистките претеруваат. Дека третиот (накај четврти) бран од феминизмот е прерадикален. Точно. И фала Богу дека е! Што ќе беше постиганто во женската борба ако не беа безобразните, вулгарни и некултурни девојки и жени?! Со послушност не се добиваат права.

Неодамна за првпат ја прочитав „Големата вода“ од Живко Чинго. Не можев да останам рамнодушна на некои од цитатите кои толку совршено зборуваат сѐ што сакам да кажам на темава:

„Секој примерен беше задолжен со по еден таков лош другар во стројот. Реков примерен, проклет да бидам, заради тој збор за малку да го замразам целиот свет. Примерен другар, примерен пионер, примерен, скоевец, примерен градител. Примерен, што уште не, проклет да бидам, примерен серко. Но таков беше редот, се колнам.“

...

„Ние бевме една тажна толпа гладни и нечисти деца, бездомни. Лоши, црни малечки гадови, како што нѐ викаа добрите воспитувачи. Уловени по полињата, по градините, по шумите, по плевните, по карпите, по големиот снег. Проклет да бидам, ние не се дававме. Сигурно не знаевме дека ќе нѐ носат во дом, под покрив, во кревет, дека ќе ни дадат топло кафе со џем и парче леб, дека тоа го прават за наше добро, за да нѐ згрижат и сите тие смрдливи работи што до ситница се предвидени со домскиот ред. Со закон, проклет да бидам. Добро тоа, но ние пак не се дававме, ви велам, цела таа пролет како ѕверчиња, нѐ ловеа одреди добротвори од црвениот крст, одреди воспитувачи и секакви ловци.“


Генијалната иронија која Живко Чинго толку интелигентно ја користи уште во првата глава е гласна и брутална. Зашто, авторитетот и власта се секогаш добри. Во дваесет и први век, дури и слободоумни и (политички) коректни! За разлика од нив, народот е недисциплниран и непримерен. Стока од народ!

Можеби во државава и светот постојат деца кои не можат да следат настава зашто треба да ги молзат кравите и живеат од 17 и пол денари од по литро млеко, ама не треба да се секираме зашто постојано се одржуваат конференции, панел дискусии, работилници и дебати кои се занимаваат со човекови права. Од време на време, на нив ќе се приклучат и „битните“ лица и ќе кажат десет на памет научени реченици кои се повторуваат од настан на настан, од човек до човек и се менуваат само именките за да биде прикладно на темата на денот. Денес се зборува за климатска правда, утре за сиромаштија и задутре за расизам, но што всушност се кажува, што се решава? Ништо. А како да се реши кога се кажува со коректност и љубезност?

Не пцуј! Не се дери! Не пали! Смири се! Како? Како може борбата против систем кој е толку гнил, толку суров и нечовечен, толку погубен за сите што не се некој и нешто во овој свет да биде фина и цивилизирана, тивка и непроблематична?! Како може да ги слушате проблемите на Мите и Катерина и на сите дечиња за кои постоењето се состои единствено од преживување и да не сте лути?!

На панел дискусија ќе ни кажат да се бориме за своите права, да не молчиме пред неправдите и да бидеме гласни, но во моментот кога доаѓа револуција, до предизвикување на вистинските проблеми, од луѓето се бара да бидат примерни. Брутално беше кога протестантите на Black Lives Matter беа хаотични, брутални беа беззаконието и анархијата на протестите, но историјата на насилство и неправди не.

Доколку политичка коректност значеше залагање за човекови права, тогаш многу од оние кои себеси се нарекуваат политички коректни немаше да можат да си го дадат тој атрибут. Не, за жал, значи нешто сосема поинаку од она што мислиме и сакаме да значи. Значи примерност, послушност и премолчување. Борбата за човекови права е спротивно од тоа.

Ако нешто оваа глупава година и глобалната пандемија со која толку месеци наназад се соочуваме успеаја да нѐ научат е дека системот не функционира. Дека вака, крајот ни е близу. Неопходна е промена. Имам убаво чувство кое вели дека еве ја, ќе дојде, но за тоа ѝ е потребна радикалност. Па затоа, почнувам од себе и ветувам дека секоја моја борба, секој мој активизам од денес натаму ќе биде дрзок.


Comentários


bottom of page