top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

Песна на ноќната русалка - Софија Тодороска

Се роди во ноќта;

како срма го навезе

мојот девствен ракав.

Те дадов како мираз

на стаклената месечина,

а таа набрзо се срони,

се чу уривањето на нејзиното тело;

од него бликна поток.

Те пронижав низ мојот ѓердан

силно припиен на вратот:

твојот здив ги излади моите монисти.

Те положив во ковчег

од сандалово дрво,

таму да ме чекаш.

Легнав врз постелата

на мојата прва мајка:

ме стопли сронет преграб.

Сега јас тебе те чекам некаде,

не во овој век,

но близу до луната што се срони

крај скршеното тело на нејната река.

Ќе бидеш срма на мојот фустан

и лик на ѕвезда на ова небо.

Те оставам да ме чекаш

дури јас на друго место

те барам.

 

Денес објавуваме поезија од Софија Тодороска која секој петок ја читате со нови предлози на книги.


„Со поезија се занимавам уште од најмала возраст, а во последните неколку години почнав да пишувам и проза. Пишувањето за мене е еден вид на дишење во времето кога нашиот воздух не е доволен....” вели таа за својата поезија.


Софија е автор на една издадена збирка „Бубамари и бели ради“ која наскоро ќе биде пуштена и во продажба.

Comments


bottom of page