Едно од најпосебните местенца во Орце е радиото - премало просторииче каде што се пушта музика за време на малиот и големиот одмор. Интересен факт и непишано правило е дека во петоци се пушта рап!
Пресреќна сум што денешниот текст го пишувам за друштво рапери од Орце обединети во своја продукција наречена Visionary records - мои врсници и cool ликови кои годинава извадија свои албуми и песни! Во саботата, на 13 Ноември, бев на фестивалот „Нови простори“ и го проследив нивниот прв официјален настап, па најверојатно ова е и нивното прво интервју. Океј, ајде да не го нарекуваме класично интервју туку еден другарски разговор со Васил - за музиката, пишувањето текстови на песни, продукцијата зад него и неговиот нов албум.
Драги гледааачи, ви го претставувам Funky!
АНА: Visionary records: кои сте, што сте, како сте?
FUNKY: Најголема заслуга за основањето и за сè што сме денес има Марко Зафировски - Marz. На почетокот, мислевме само на минималното - да имаме платформа на YouTube преку која ќе соработуваме со нови артисти за да се промовираме преку заеднички акаунт. Денес сме како браќа! И сестра (Магдалена поздрав)! Многу ми е мило што се здруживме повеќе и испаднавме тоа што сме. Сигурно во иднина и ќе се прошириме како екипа, но сега за сега, Visionary records сме јас, Марко, Дуко, Никола, Магдалена, Каранаков.
АНА: Слушајќи ги песните, нема шанси човек да не ве препознае по гласовите бидејќи сите имате толку специфични, а сепак убави гласови. Покрај гласовите, многу ми се допаѓа како се однесувавте меѓусебе на настапот (памтам како ја гушна Магдалена додека пее, дури и јас од публика се почувствував сигурно во тој момент). Ме интересира приказната како се собравте сите заедно, како се пронајдовте дека имате талент и желба за создавање на музика и како станавте една „екипа“ и продукција во која сите заедно се поддржувате во сè? Какво е чувството да знаеш дека не си сам и дека „некој чекори со тебе во ова“?
FUNKY: Во однос на приказната, сите учевме во Орце освен Магдалена! Со Марко и Никола бевме во ист клас. Марко сакаше да прави албум, а Никола му ги правеше инструменталите. Одеднаш, Марко ми рече дека сака да прави песна со мене, па нашата прва заедничка песна „Нова ера“ ја снимивме 100 пати на телефон. Искрено посакував да направам нешто и со и Дуко, Лука и Магдалена, па ги вклучив и нив и ги вовлеков во сето тоа. Лука немаше пишувано и рапувано претходно, но знаејќи колку многу го почитува рапот, морав да му дадам насоки и да го извадам тоа од него - така се појави и неговиот „спарк“ и излезе на виделина. Да знаеш дека „некој чекори со тебе во ова“ е многу исполнувачки – се чувствувам моќен бидејќи пишувам и правам музика, но многу ми е мило кога гледам дека има и други кои го осеќаат истото и дека можеме нешто да направиме заедно како екипа.
АНА: Како човек кој речиси цел живот пишува, сè уште не ми е целосно јасно како настанува еден рап-ракопис и како оди процесот на создавање на една песна, во твојот случај и цел албум од 10 песни. Можеш ли накратко да ми го објасниш целиот процес од моментот кога ја добиваш идејата до моментот кога цел албум е готов. Како ги собираш сите мисли, ги смислуваш стиховите и ги поврзуваш римите, притоа секој збор од песната, да има силно, искрено и влијателно значење?
FUNKY: Најтешкиот дел од пишување една песна е почетокот. Прво ги мислам пораката и приказната што сакам да ги доловам, правам скица како сакам да се одвива приказната, па ги мислам римите и метафорите.
Обично, си ставам една шема во глава со која треба да римувам и да мислам понатаму. Го слушам битот, го средувам инструменталот, па пишувам за предвидената тема. Кога го правевме албумот на Дуко, се случи обратното. Тој веќе имаше напишано текстови и ми кажуваше како сака да се чувстува, пример како да лебди во облаците.Тоа беше интересен експеримент за мене - да го имам текстот и дури потоа да правам инструментал.
АНА: Нешто што имам забележано во песните е дека има многу контрасти. Од една страна, даваш критика на општеството (неплатените сметки, влијанието на семејството, денешните не многу квалетните рапери, корупцијата, работата што човекот не го прави среќен, отселувањето на младите) и од друга страна, ги спомнуваш своите соништа, другарството и екипата, љубовта кон музиката и отворено зборуваш за работите што ти значат и што ги сакаш...
Еден од моите омилени стихови е „Дајте му слушалки на дете, кажете му за животот дека не е спремен. Можеш сè да бидеш кога ќе пораснеш, а коа пораснат ќе биде ајде кажи му да созрее“.
FUNKY: Секогаш кога ќе сум направел нешто креативно и кога ќе сум кажел „Сакам музика“ ќе ме погледнеле чудно и ќе ми речеле „Супер, можеш да бидеш музичар кога ќе пораснеш, само сонувај“. Му купуваш слушалки или гитара на дете, станува подобар во тоа и сака да биде гитарист или рапер, но еден ден му велиш „Созреј, мисли на иднината“. А, јас всушност и цело време сум мислел на иднината. Тоа е таа паралела.
АНА: Ќе издвојам еден стих на Јiggy „...за сите што негуваат култура се поштуваме, па не е битно дали сега сите ќе рапуваме“ и за крај, имајќи предвид дека си дел од вториот Културоглед, ќе те прашам: што ќе правиме со културата во Скопје и како ние, младите, да ја обновиме, сочуваме или размрдаме?
FUNKY: Културата во Скопје ќе ја рушиме... Не, ние имаме многу добра култура во Скопје и што е најбитно, талентирани деца. Сè што треба е малку да ја подбутнеме културата нанапред. Луѓето да не се срамат од тоа што се, да бидат креативни и да не им е страв искрено да го кажат тоа што го сакаат и мислат пред другите!
Ви препорачувам да ги чуете Visionary records на YouTube и Spotify, а доколку ви се допадне музиката што ја прават - во сабота, на 20 ноември 2021, пред просториите на Центар Јадро, дојдете да го проследите и нивниот втор настап!
*Фотографиите во текстот се од фото-документацијата на настанот на Никола Јовановиќ.
Comments