Светов полн ни е сонувачи. Некои се обидуваат да ги дофатат минливите задоволства за да си ја исполнат душата во моментот на живеење, други го сонуваат светот и неговото освојување! Секогаш кога мислам на освојување на големиот свет, првото нешто што ми паѓа на памет се моите другари и другарки кои целиот свој живот работат напорно за да си ги остварат плановите за иднината. А, со што се поврзани тие планови ако не со доброто и квалитетно образование?!
Речиси и нема човек на светот кој барем еднаш во животот не си помислил дека не сака да оди на училиште или дека тоа што го учи никогаш нема да му притреба во животот. Понекогаш и средината си го има своето вијание, исто како и станувањето рано, големиот број на часови, напорните предавања или пак старите учебници со понекогаш погрешни информации. Ќе излажам ако кажам дека никогаш не ми било тешко или здодевно на училиште, но кога подлабоко ќе размислам за суштината и значењето на образованието – секогаш помислувам на надеж. Каква ли надеж се крие и во речиси безнадежниот образовен систем? И дали тој навистина е безнадежен?!
Ако подобро погледнеме околу нас или се обидеме да се сетиме, надежта може да се пронајде во секоја етепа од образованието – и во првите одделенија кога со чиста детска радост учиме да пишуваме, читаме, броиме и цртаме, и во повисоките одделенија кога со голема љубопитност учиме информации и факти по повеќе предмети од најразлични области, и во средношколските денови кога учиме темелно да анализираме и критички да размислуваме со своја глава, и на факултет кога веќе имаме определена цел во животот или барем идеја за идна професија или кариерен план.
Не велам дека континуираната работа, особено кога сме млади и нè интересираат многу теми истовремено, е лесна и едноставна. Напротив, многупати процесот на учење знае да биде многу тежок и комплексен, но оттаму произлегуваат најбитните животни лекции и најоригиналните приказни на секој човек! Доброто образование на сите луѓе им отвора многу нови перспективи за светот во кој живееме, за минатото исполнето со грешки кои не смеат да се повторат во иднината и за лавиринтот наречен иднина со безброј непознати потешкотии со кои имаме храброст да се соочиме – сето тоа е дел од величествениот пат до слободата и вистинското сознание.
Освен формалното образование, многу млади луѓе ја пронаоѓаат својата надеж за подобро утро во неформалното образование – во невладините организации каде тинејџерите волонтираат, се дружат со свои врсници од различни училишта и градови, патуваат и запознаваат луѓе од целиот свет; во клубовите за дебата каде тие не ги учат само правилата за дебатирање туку и вештините за добро говорење и однесување на сцена; во уметничките здруженија каде можат да го промовираат својот талент и неверојатните ремек-дела и во сите други здруженија за граѓански активизам. Неформалното образование е начин преку кој децата учат како да ги комбинираат своите амбиции во секојдневниот живот, искористувајќи ги со цел да си помогнат самите на себе и секако, на заедницата во која живеат.
Покрај формалното и неформалното образование и сите придобивки од процесот на образование, надеж се и професорите кои во своите ученици ги препознаат амбициозните умни глави и ги мотивираат да продолжат да истражуваат темелно, да читаат детално, да пишуваат прецизно, да вежбаат напорно и да си го следат својот сон и зацртани цели! На крајот од денот, и роботот би знаел да чита и пишува, но само човекот може да чувствува, да се труди и најбитно од сè: да се надева. Истата таа надеж во целиот процес на школување е повеќе од потребна. Всушност според најдоброто можно сценарио, надежта би требало да биде и задолжителна. Замислете!
Мојата главна порака за сите сонувачи кои храбро или плашливо го запознаваат образовниот систем: никогаш не велете дека нема надеж! Надежта се раѓа и постои, се шири и стеснува, се појавува, но никоогаш не исчезнува низ многуте години од вашето образование. И најинтелигентните луѓе на светот не можат да го освојат истиот без образованието! Зошто?! Бидејќи образованието, пред сè, те приморува да нурнеш длабоко во своите длабочини и те инспирира да се трудиш да ги освоиш најголемите и навидум најтешки височини! Грижете се за вашето знаење бидејќи тоа е единственото нешто кое никој не може да го земе од вас, бидете љубопитни и активни во заедницата, слушнете што прават и како размислуваат вашите пријатели и бидете гласни, за себе и за сите оние кои сè уште молчат!
Comentarios