Дали уметноста треба да биде нелогична или логична? Што треба таа да претставува? Дали современата постмодерна уметност е навистина безвредна и бесмислена? Дали уметноста треба да претставува нешто или публиката треба самата да го одреди значењето и длабочината на уметничкото дело? Дали публиката треба да ужива во тешкотијата на уметноста? Дали еден човек треба самиот да си го даде значењето на уметничкото дело?
.
Само таа точка може да биде одговор на сите тие поставени прашања погоре. Тоа може да биде уметничко дело. Оваа ,,колумна” може да биде уметничко дело. Секој збор што ќе го напишам може да биде уметничко дело.
За ова сè да има значење, текстот треба да го однесам во Даут пашиниот амам, односно Националната галерија на Македонија, можеби ќе го однесам во Музејот на современа уметност или пак ќе го изложам во приватна уметничка галерија. Кога таму испечатениот текст, ќе биде врамен и закачен на белиот стерилен ѕид, тој станува уметничко дело.
Дали текстот има некакво значење? Не е важно и не ме интересира. Тој веќе е изложен во Музејот на современа уметност и веќе илјадници луѓе поминале, застанале, го анализирале и го барале значењето на овој текст. Што треба тој да претставува, што сака уметникот да каже, кое е значењето и која е пораката на текстот. Луѓето се прашуваат, стојат, размислуваат. Некои се нервираат, некои се длабоко вознемирени, некои задлабочени, некои среќни, некои се растажуваат. Значи самите луѓе си ја најдоа својата поврзаност со овој текст и самите луѓе донесоа заклучоци за тоа што треба сево ова да претставува.
Поентата на современaта уметност е да дозволи слобода на публиката во толкувањето на уметничкото дело, секој да го разбере како сака и всушност да даде придонес во создавањето на некој начин на реалноста кое делото треба да ја претстави.
Меѓутоа очигледно е дека современата уметност е поконцептуална, но е и поапстрактна и минималистичка и сето тоа го збунува гледачот, односно публиката. Исто така луѓето велат дека и тие можат да создадат едно такво дело. Да секој може но, зошто токму твоето дело не е изложено во Музејот на современа уметност? Да не се лажеме овој текст не е изложен никаде, а најмалку во Музејот на современа уметност. Но, ако сите се сложиме дека интернетот е галерија и овој текст е моментално изложен и претставува уметност, тогаш автоматски ова дело сакале вие или не е уметничко дело. Сè е до перцепцијата.
Современата уметност е апсурдна и секако на исто ниво. Односно има иста вредност. Но, секако уметноста има иста вредност. ,,Фонтаната” на Марсел Дишан ја има истата вредност како и ,,Давид” на Микеланџело. Релативноста е загарантирана. Уметноста е релативна. Лесно може да се измами во уметничкиот свет. И секако денес, повеќе се вреднува идејата отколку техниката. Дали треба повеќе да се фокусираме на идејата или техниката? Најверојатно тоа треба да го оставиме на самата публика да одлучи, така вели современата уметност и либерализмот. Јас би рекол и на двете.
Уметноста е сè уште за елитите, се смета за нешто далечно од обичниот народ. Зборувам за онаа ,,висока уметност”. Секако дека човекот секојдневно е опкружен со уметност. Музика, познати уметнички дела, дизајни, филм, архитектура... Под ,,висока уметност” мислам на таа уметност која се наоѓа во уметничките галерии и музеи. Обично мала група на луѓе ги посетуваат изложбите и мала група на луѓе ги купуваат уметничките дела. Уметноста денеска исто така е и голем бизнис. Затоа слика која некој непознат уметник од некој мал град во Македонија ќе ја наслика е можеби многу подобра и со подлабоко значење од било кој најпродаван релевантен уметник во моментот. А друго што исто така мислам дека е важно е тоа што уметноста треба да биде попристапна за сите. Односно уметноста треба да се доближи на некој начин поблиску до обичниот народ, можеби најблиску до концептот на уметноста во социјализмот, уметност за сите. Тоа може да се постигне со мурали кои ќе бидат насликани по јавни површини или уметнички инсталации, скулптури кои ќе бидат поставени во парковите или на плоштадите. Тоа може да биде цел за во иднина.
Меѓутоа, повторно ќе напоменам, луѓето обично се бунат и се исфрустрирани од современата уметност. Таа е чудна, предизвикува збунетост и ги мачи мозоците на луѓето. Зошто не се помачиме некогаш? Но и не треба сé да земаме здраво за готово. Сепак, што и да кажам понатаму , во тоа ќе ме спречи релативноста.
Постмодерната уметност е само транзитот на тоа што треба да следи. Транзитот до некоја нова изма, до некоја нова уметност.
Comments