top of page
Writer's pictureКултура β

Културоглед #1: „Несреден век“ - несреденоста не е во самото време, туку внатре во луѓето!

Пред скоро време, ми пиша Горазд Кени и ми рече „Ана, имам да ти кажам нешто надреално“. И, надреалното што Кени посака да ми го соопшти е вистинскиот поттик (конечно) да ја започнам својата нова рубрика – „Културоглед“! Како што имам најавено и претходно, „Културоглед“ претставува поглед на македонската културна сцена, прошетка низ впечатливи збиднувања, осврт на случуванки и необични муабети со ликови кои му даваат боја на нашето време.


Недела, 17 октомври, 2021 година. Ден на избори! Кога сите патишта водеа кон гласачките места, јас направив еден поинтересен избор - бев на промоција на книгата „Несреден век“ на Тихомир Јанчовски! Точно напладне бев сведок на еден навистина пријатен настан, посебен по многу нешта - по енергијата што се ширеше во широкиот ходник на Кинотека на Македонија, по музиката што одекнуваше во просторот, по воодушевувачката поезија и луѓето кои необично ја презентираа, по уметноста, по убавите лица на публиката..., по инспирацијата повторно да почнам да пишувам и да создавам уметност.

Водител на настанот си беше самиот автор, Тихомир Јанчовски, а песните ги читаа Добрила Грашеска, Зоран Тортевски и Горазд Кени Китановски. Една од највпечатливите појави беше и гостинката Оксана Фурс, чиј говор имавме шанса да го проследиме на три јазика! Специјалните гости од областа на музиката, пак, беа Мизар и Летечки пекинезери.


Промоторот на настанот и уредникот на „Несреден век“, прекрасната Тања Аждаја, не само што ме освои со приказната како станала уредник на книгата, туку и со својот невообичаен перформанс, неверојатниот глас и со зборовите: „При читањето на „Несреден век“ почувствував дека песните, односно текстовите пред мене не се само поезија, туку отсликуваат конкретен научен модел којшто е и технички и социо-економски. Тој модел се однесува на тоа како луѓето размислуваат и донесуваат одлуки. Наједноставно може да се објасни како поврзување на три целини: она што реалноста е, сето тоа што го перципираме како реалност, свесно или несвесно, и како го претставуваме и формализираме, како го ставаме во модел, она што го перципираме“.


На авторот на „Несреден век“ му поставив неколку прашања за насловот на книгата и неговото толкување на поимот, за духовните вредности и за пријателите и го замолив да им даде еден искрен и пријателски совет на младите поетски души и вљубеници во поезијата:


АНА ИЛИЕВА: По двоумицата дали Вашата книга да биде наречена „Карантин“ или „Несреден век“, несредениот век е конечниот победник. Што е тоа што времето, животот, луѓето, културата и заедницата ги прави несредени? Дали треба да поминат „векови“ за да се среди несреденото? Има ли во тој век место за љубов, уметност, пријателство, убавина и задоволства?


ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: Секој век е последен век, и секое време е последно време. Несреденоста не е во самото време, векот во кој живееме, туку внатре во луѓето. Не постои „прогрес“ во временска смисла, нема прогрес на духот, ниту наследување на остварени вредности од минатите генерации. Она што напредува е технологијaта и луѓето живеат сè поудобно и полесно, но не и подобро во духовна смисла. За да се среди битието на човекот, секој сам треба да го измине патот, да помине низ своите искушенија. Така било, е и ќе биде. Никој не се раѓа учен и со искуство, секој мора да учи на своја кожа. Овој век е исто толку одвратен и исто толку прекрасен како и секој друг. Но, во некои векови зафаќа општ „дух на времето“ кој може да е противчовечен, па се случуваат грди нешта. Сепак, секој човек има избор, дали ќе отиде на страната на доброто или злото, а оправдувања да се оди против себе или животот постоеле секогаш, и главно произлегуваат од страв и кукавичлак. Ова не е утеха, но огромното мнозинство од луѓето се страшливи. Да.


АНА ИЛИЕВА: Ако среденоста ја претставиме како рамнотежа меѓу рационалното и духовното, што повеќе му недостига на нашето време – ум, разум или враќање кон некои духовни вредности кои како да се подзагубија и на кои, свесно или несвесно, подзаборавивме?


ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: Видете, рамнотежата секогаш постои, инаку светот би се уништил и би исчезнал. Кога мнозинството запаѓа во зло и еуфорија, постои противтежа од убавина и смиреност, иако таа е присутна во малкумина. Достоевски рекол дека најголемите дела на руската книжевност настанале во времето на најжестокиот и авторитарен руски царизам. И во ова наше, „напредно“ време, едноумието се пропагира како единствен начин на мислење, имаме демократија во која сите мора да се за „демократија“ и да ги прифаќаат идеите што им ги наметнува јавното мислење, а тоа е шаблонизирано и еднострано. Во име на „слободата“ луѓето се ставаат в затвор, и тоа не поединци, туку цели општества урбано население кое живее далеку од природата и здравиот осет за разликување на доброто и злото.


Луѓето секогаш главно ја следат матицата, мејнстримот, и не си поставуваат прaшања зошто го прават тоа. Поудобно и опортуно им е да играат како што им свират, и така полесно да опстанат и да уживаат во платата за продадената слобода. Огромен број возрасни луѓе живеат како проститутки, само што не ги продаваат своите тела за „онаа работа“ туку својот ум, способностите, вештините, знаењата... тоа се новите пролетери на овој век, иако веќе не се фабрички работници ниту селани-земјоделци, туку службеници и наемници од најразлични профили. Духовите вредности се тие па тие, истите – не се менуваат, ниту може да се заборават. Љубовта, пријателството, смислата на животот во творењето за себе и за другите... тие отсекогаш ја дефинирале и ја дефинираат здравата личност.


АНА ИЛИЕВА: И покрај тоа што културните институции остануваат неми на ваквите проекти, Вие наоѓате начин да го изнесете на виделина „уметничкото“ во Вас. Како младите поети и вљубеници во пишаниот збор да не се обесхрабрат, туку да се себепромовираат и успешно да запливаат во книжевните води?


ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: Да не слушаат никого! Тоа е мојот совет. Ако човек има сила и енергија, и чувствува дека може да направи нешто – нека го направи. Никој не знае дали ќе успее, и никој не вели дека ќе биде лесно, ама младиот човек може да сака да твори, и ако сака непрестајно и упорно, без ништо да го поколеба – ќе му се отвори. Себепромовирањето ми е малку незгодно одбран термин, зашто мислам дека е поврзан со амбицијата, а неа ја сметам за зло. Човек треба да љуби, да сака нешто безрезервно, а не да има желба да биде некој и нешто во очите на другите. Или да го наплати она што го прави. Ако му е даден талент, талентираниот има љубов за уметноста, па и одговорност да направи нешто од тоа, инаку талентот ќе му закржлви и ќе пропадне, а таквиот лесно може да стане зомби.

АНА ИЛИЕВА: На промоцијата забележав група млади луѓе на чии лица можев да прочитам неверојатна возбуда и воодушевеност – од Вашата поезија, од начинот на кој беше презентирана и од Вашите пријатели кои на посебен и ним својствен начин го разубавија настанот. Кога би требало да им се обратите на младите луѓе, имате ли магична порака и пријателски совет што би можеле да го споделите со нив - што би можеле да променат тие, со својата младост и енергија, за да ја зачуваат културата и да ги обноват културните вредности?


ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ: Да запомнат какви се сега и никогаш да не остарат. Тоа не само што е можно туку е и неопходно за секој остварен живот. Ако човек го загуби ентузијазмот и одушевувањето за убавината и вистината во себе, независно дали има 25, 35, 55, или 95 години, тој станува полужив човек, сенка на она што бил или можел да биде. Љубовта не старее, а таа е суштината на секое и сечие постоење. Младите, со ретки исклучоци, се способни да даваат и примат љубов, и тоа во секој однос што го имаат: кон знаењето, уметноста, здравјето, кон другите луѓе, кон саканиот/саканата, кон земјата во која живеат, кон планетата на која се...


АНА ИЛИЕВА: Вашите пријатели имаат убави лица. Што би бил Тихомир Јанчовски без своите пријатели?


ТИХОМИР ЈАНЧОВСКИ:

1. Нула 2. Робинзон 3. Жив мртовец 4. Адам во рајот. И животните се добри пријатели, (сѐ што има очи може да ти биде пријател и да има убаво лице) и растенијата, реките, планините, исто и Сонцето и Месечината, и ѕвездите...... не се само луѓето пријатели. 5. Адам во пеколот. Но ако мислите на осама предизвикана од неможност да се сака кој и да е или што и да е, и во таа смисла човек да е без пријатели - тоа е пекол.

Доколку сакате да ги прочитате стиховите од „Несреден век“ и да уживате во поезијата, книгата може да ја купите во кафе-книжарница „Буква“ или лично да му се обратите на авторот!


*Фотографиите во текстот се од фото-документацијата на настанот на Никола Јовановиќ.

Comments


bottom of page