Деновите минуваат, брзо, забрзано и на крај остануваме со уште само толку малку време на наше располагање. Се запрашуваме каде помина времето, како се променија толку многу нешта? Оставивме толку нешта недокажани, недопишани и незавршени, туку само онака висат во воздухот и како духови нè следат и прогонуваат, како некоја незаминлива сенка. Каде отиде тоа детство, тие безгрижни денови кои сме ги поминувале играјќи позади зградата, бркајќи се еден со друг, пред цигарите на големиот одмор и ноќните пијанства во парк, пред неуспешните врски и пред целата оваа болка. Кога сакавме онака чисто, детски и кога не знаевме колку ќе боли кога ќе се заљубиме во некој кој што си игра со нас како ние што си игравме со топката. Пред да дознаеме колку е немилостив животот и колку боли реалноста. Се сеќавам кога најголемиот страв ми беше дали ќе можам следниот ден повторно да играм фудбал поради раната на коленото, а не тоа дали ќе ја пројдам годината, или пак на која од моите другарки ќе им го скршат срцето. Не ми беше страв дека ќе пораснам, и дека ќе ги заборавам сите тие дружења, и смеење, и кршење прозорци, и вонемирување на соседите бидејќи бевме до толку гласни. Не ми беше страв декСеа другарките ќе ме заборават, и дека ќе си продолжат со својот живот додека јас сеуште се присеќавам на тие среќни моменти. Не ми беше страв дури и од тоа да го кажам моето мислење и дека нема да бидам судена, бидејќи сепак бев дете и никој не ме слушаше. И не ми беше страв дека летото онака ќе помине, а јас ништо не сум постигнала, бидејќи да го поминам денот со другарите ми беше најважно. Но изгледа дека тоа веќе не е доволно.
Новиот краток расказ е од Сара Трајановска. Пишува веќе три години, вели и дека црта од кога знае за себе, а се занимава и со глума. Ни кажува дека моментално е фокусирана на ликовната уметност и дека е во процес на пишување на својата прва книга.
留言