Беше првиот час по психологија од второто полугодие кога професорката ни го постави навидум најлесното прашање – „Како си?!“ И не чекаше да слушне само еден одговор од најгласното или најактивно дете во класот, туку сакаше да чуе одговор од секој еден од нас.
„Како си?“ е всушност едно од најчестите и најретки прашања – често бидејќи секојдневно знаеме да го поставиме или спомнеме низ муабет и истовремено ретко бидејќи речиси никого не го засега одговорот (оној, вистинскиот!). Па, нормално, одговорот на напразно поставеното прашање ќе биде „супер, а ти?“ и ништо повеќе или помалку.
Но, тој час, меѓу одговорите имаше нешто поинакво – си кажавме по некоја дилема што ја имаме периодов, споделивме по нешто ново кај нас, спомнавме и по некој нов предизвик кој ни следува во блиска иднина...но, прашањето остана во моето сеќавање подолго време, како некоја светла точка во темнината, која ме потсети на нешто кое сè повеќе го забораваме, игнорираме или го запоставуваме, ставајќи го во втор план – нашето ментално здравје или психичка состојба.
И ако сега, ви го поставам истото прашање, што би одговориле?
Па, да се обидеме.
Како си?!
Ако во март, минатата година, имав надеж дека ние, луѓето, конечно ќе се соочиме со себе, ќе навлеземе во внатрешните длабочини и ќе станеме подобри, посимпатични и емпатични луѓе, сега го мислам сосема спротивното! Толку сме затворени и насочени кон себе, што забораваме на нашите сакани и блиски, нивните чувства, среќа и здравје. Веќе не споделуваме ништо – ниту љубов, ниту чувства, ниту некакви размислувања. Сè е површно и сè е бессмислено, дури и безнадежно.
Но, дали има и што е решението? Лутењето во никој случај не е решение на проблемот. Всушност, не смееме да им се лутиме на луѓето зошто сè поретко излегуваат, зборуваат или ни пишуваат, зошто се сè потажни, негативни, затворени, исплашени или повлечени, зошто одбиваат да споделат како се чувствуваат, што ги мачи и што ги предизвикува. Меѓутоа, нешто што е многу битно да го запомниме е дека не смееме да си се лутиме ниту на себеси што не сме потрудиле да дознаеме како се чувствуваат другите бидејќи секој од нас се соочува со својата реалност (а, можеби ја избегнува или се „брани“ од неа).
Споделувањето на нашите чувства со човек е единствената терапија која би можела да помогне. Понекогаш е потребно само да имаш кому да му раскажеш „како си“. Верувам дека секој од нас, барем еднаш во животот, почнал да истражува на Интернет како да се соочи, да го намали или да го избегне стресот – за мене, советите што најчесто ги наоѓаме на Интернет се некорисни: „Медитирај“; „Храни се здраво“; „Води дневник“ или „Секое утро пишувај листа на работи за кои си благодарен/на“... Сè тоа би било во ред доколку некој од советите (ни) кажеше како тоа ќе влијае врз нас на подолг план, како дел од големиот процес наречен „создавање навика“. А, создавањето на нови и продуктивни навики е тешко и воопшто не е едноставно!
И не, нема да бидеме посреќни во други градови, средини, околности и во некоја друга, стара или нова, реалност, сè додека со себе не понесеме човечност. А, ние сме единствените суштества кои знаат да споделат збор. Па, ајде (со целиот разум и срце) да го одбереме убавиот и позитивен збор кој ќе ги инспирира и поттикне другите, да ги замисли и на време да ги спаси од една од најлошите особини – себичноста.
Не заборавајте дека однесувањето што луѓето го покажуваат на површина, во суштина не е ништо и тоа што го знаете за човекот е само малечок дел од огромната сложувалка наречена „ментално здравје“. А, пред да им пишете или да им се јавите на другарите и другарките и (конечно) да ги прашате како се, сетете се на Noora од серијата „SKAM“ и нејзиниот потсетник на огледалото:
Comments