top of page
Writer's pictureЛеонид Георгиевски

FACT NO.3 - Како розовата станува “женска“ боја?

Во нашите примарни учења, на мноштво од луѓето, е наметнато дека девојчињата носат розови фустанчиња, а момчињата сини панталони. Ваквата дистинкција на машка и женска боја, не е поставена отсекогаш како таква. Впрочем ваквото родово определување на бои, за жал, доаѓа од нашата блиска историја. Пред 1920те години ваква поделеност на машки и женски колорит скоро да не постои. Родителите тогаш ги облекуваат своите деца најчесто во бели алишта, за истите полесно да бидат исчистени.


Во 1918та година, во еден моден магазин, излезе статија која кажува дека сината, боја на посветеноста, деликатноста и нежноста, се смета за женска, додека розовата, деминутивна црвена боја, гледана како боја на војната, ја нарекле мажествена. Но сепак оваа поделба не беше толку позната како денешната спротивна.


Поради не толку познати причини, во 1940те години, производителите почнаа да продаваат машка сина и женска розова облека. За значаен момент во светот на модата се смета излегувањето во 1953 година на првата дама на САД, Мами Ајзенхауер, во нејзиниот екстравагантен балски розов фустан

Мами Ајзенхауер

покриен со дијаманти, со што драстично почнува да се шири симболиката на розовата боја како нежна и женствена боја. Мами Ајзенхауер беше препознатлива по љубовта кон розовите парчиња облека, бидејќи таа сметаше дека таквата боја ја прикажува нејзината карактерна комплексност, но и од големо значење беше тоа што пастелните розови бои на неа и ги истакнуваа светло сините сјајни очи.


Важен момент во историјата на розовата боја е и модниот мјузикл ,,Funny face” во 1957 година, со култната Адри Хепбрн, поточно песната ,,Think pink” во која се промовира розовата боја како весела, сјајна, жарна, светла, блескава и сите епитети на среќа и нежност кои почнуваат да се сметаат за женствени бои. Еден од почетните стихови на песната, со феминистички карактер се пее ,,banish the black, burn the blue” со што се спомнуваат двете бои кои најчесто ги носеле жените за време на Втора светска војна. Розовата боја во овој период започнува да се користи како симбол на жената, а поради тоа почна да се произведува и розова покуќнина, особено розови кујни.


По овие неколку клучни настани околу средината на дваесетиот век, розовата боја религиозно се користи исклучиво како женска боја во сите сфери на животот. Го забележуваме тоа кај еминентната натпреварувачка на трки со автомобили, Дона Меј Мимс која покрај нејзините големи тркачки успеси е запомнета по нејзината кокетна појава со розова кацига, тркачко одело и розовиот тркачки автомобил. Се шири оваа розова револуција и во филмската индустрија, започнувајќи од ,,Розовите девојки” од реномираниот мјузикл Брилијантин, па се до ,,Plastics” девојките од ,,Mean girls”. Хилари Клинтон исто така пикира на розевата боја и често може да ја најдеме како истата ја носи на своите парчиња облека.


Но нашата денешница ни укажува на една друга ситуација, поточно сè повеќе гледаме, особено кај помладите генерации, како се мешаат ,,машките” и ,,женските” бои и со тоа не се дава значење на постоењето на машки и женски диференцијации, со што се укажува на борбата за родова еднаквост, која што е многу важна во поглед на нашето глобално општествено напредување. Ние денес таа поделба на бои ја сметаме дури и за примитивна, но иронично како таа промена се случи пред само еден нецел век.

 

Рубрика ẞ-фактопедија е направена со цел пренесување и запознавање на нови (не)познати, кул и забавни факти и анегдоти поврзани со уметноста, уметниците, книжевноста, музиката, модата или било кој друг аспект на уметноста. Следете ја нашата ẞ-фактологија секој четврток на Култура ẞ!

Comments


bottom of page