top of page
Writer's pictureНаде Циева

Изложбата „Време и простор 2001-2023“ од Тања Таневска

Изложбата „Време и простор 2001-2023“ од македонската уметница Тања Таневска се отвори на втори октомври и ќе трае до дваесетти во „Мала станица” - објект на Национална галерија. Станува збор за самостојна мултимедијална изложба која се состои од циклус на дела под насловот и на самата изложба „Време и простор 2001-2023“. Пред сè временскиот опсег кој е вметнат во насловот со себе носи импликации во нарацијата и идејната замисла на делата и нивната порака како целина. Појдовната точка на темата е временски период во кој Таневска живеела во нејзиниот дом, кој во крајната изложна сала дознаваме дека веќе не постои, барем во физичкиот свет. Колку и да е времето општ, недефиниран поим, сепак е заемно врзан со просторот, особено во физиката каде време-простор се сметаат за засебна димензија во универзимот во кој се неразделни. Па затоа и постоењето на времето како поим и неговиот тек е тесно поврзан во контекст на нешто спротивно и контрастно како што е просторот. 


Тоа се прикажува и преку изложбата која времето и тој дијапазон од две децении го материјализира во постоењето на еден дом-куќа. Поради таа причина изложбата започнува со улични значи кои гласат „УЛИЦА ОСЛО“ и „17А“ обележувајќи ја адресата и местоположбата на конкретниот објект. Делата се поделени во три сали, која секоја засебно преку пораката претставува целина која е дел од целокупниот концепт. Во првата сала, покрај знаците се изложени фотографии од градината сосе инсталација од почва и градинарски ракавици под едниот триптих од фотографирани цвеќиња. На тој начин посетителите се здобиваат со автентично чувство од атмосферата на домот и градината и директно ја гледаат перспективата на оние кои некогаш живееле на тој простор. Градината е важен дел од сечија куќа, затоа што ја прикажува способноста на домаќините за нега и одржување на сопственото гнездо поради работата, трудот и посветеноста која е потребна. Така што овие фотографии не

само што се естетски привлечни, туку и сентиментални со што емотивно провоцираат. Особено се разјаснува поттикот за создавање на впечаток на дом, објектот гнездо со стаклени срца кој е поставен во витрина на самата средина од просторијата. Покрај тоа, поставен е полиптих од мал формат на урамени колажи во кои се испишани реченици кои се повторуваат околу огорченоста за напуштање на домот, клучеви кои се обмотани со волница што ја обележува нивната нефункционалност и ЕКГ снимки од чукањето на „тажно срце“. Овој полиптих остана силен впечаток општо како голема целина од мали составни рамки, но уште поголем по читањето на испишаните зборови и репетицијата која алудираат на меланхолија и копнеж по напуштен дом. 


Првата сала се фокусира на создавање на сетинг во смисла на простор, додека, пак, втората просторија става акцент на времето и неговите последици. Највпечатливо дело е полиптихот на фотографии со име „Изгубен идентитет“ кој го гради мостот меѓу просторот-домот и времето-животот на личноста која припаѓа на тој простор. Промените и развојот доаѓаат само со текот на време и потребно е да помине одреден период за да се стекне човек со идентитет, карактеристики и спомени и затоа битно е местото во кое сите тие процеси ќе се одвиваат и на тој начин се прави врска меѓу апстрактното, емотивното и мисловното со материјалното околу нас. Затоа е интересен изборот на Таневска да инкорпорира фотографии колажирани од часовници и тоа колку да се изложени во оваа сала која го потенцира времето како елементарен услов без кој не може да се постигнат или добијат последователни резултати кај човековиот живот и психа. 



Последната сала е третата и крајната етапа со која се завршува конкретниот прикажан време-простор од 2001 до 2023. На самиот почеток е изложена врата која во средината е распукана и искршена и го носи симболичниот наслов „Нов почеток (конечно заминување)“. Баш поради тоа што вратата како предмет е симбол за доаѓање и заминување, за почеток и крај е соодветно да се постави и тоа со нејзиното оштетување се додава нова димензија на нејзиното преносно значење во кое таа веќе не е функционална и ниту може да пречека  ниту вдоми ниту испрати некој. Одма до неа на подот се поставени рушевини, скршени тули и цигли од чиишто хаос и неред наѕираат и се истакнуваат секојдневни предмети. Тоа што се вметнати чевли, кукли, часовник, тетратки се покажува потребата за прикажување на трагите од нашите животи и постоење. Овие секојдневни предмети во оваа инсталација претставуваат само манифестација на човечки живот кој ги напуштил зад себе како и местото на живеење, со што ја уништува врската на материјализмот и неговото оправдување преку персонификација и сентимент пренесени на предмети. Но, побитно од тоа овие ситни предмети нè трогнуваат со тоа што нè потсетуваат на фазите од нашиот живот и што е останато од нив, откако поминало времето, а просторот веќе не е присутен. Крајот се обележува со видеопроекција од монтажа на рушењето и уништувањето на некогашната куќа на Тања Таневска, која и самата го има снимано и го нарекува „Куќа од карти“ преку што ја истакнува кревкоста и ранливоста на домот, споредувајќи ја со материјал толку лесен и растресит како хартија. Веројатно поради тоа што јас самата веќе не живеам во домот во кој сум го поминала моето детство, оваа изложба особено многу ме допре со тоа што ме потсети на односот кој го имам изградено со поимот на физички, опиплив дом. Иако веќе јас не го асоцирам домот со место, сепак тие спомени кои ги немам не можат да ги избегнат границите на просторот во кои се одвивале и течеле. Па баш и затоа е актуелна темата напуштање на семејните домови во Скопје, со новиот пораст на новоизградени згради насекаде во градот, особено и во мојата близина. Тоа нема да се спречи ниту може да се поправи, моја единствена препорака е да се припази да се земе објект кој е направен не со цел на профит туку правење дом.





 




Comentarios


bottom of page