Како што гледаме овие “обични“ поими на прв поглед можeби немаат никаква врска меѓу себе за да бидат вака наведени, но јас сега ќе ви објаснам една интересна филозофска мисла којашто најпрвин се појавува во антиката кај атомистите, а подоцна повторно, со појавата на теоријата на еволуција и теоријата на атомот, со што синтагмата од насловот ќе добие смисла.
Како што веќе кажавме горе, потребен ни е еден бесмртен мајмун, но таков што ќе пишува на тастатура. Неговото пишување е, всушност, мавање по тастатурата и прицкање на копчињата без никаква цел, затоа што сепак, тој е мајмун. Со неговото “пишување“, добиваме случаен редослед на букви кои што за нас немаат никакво значење, но може да се случи и нешто чудно. Возможно е со неговото мајмунско чукање да го напише зборот “здраво“. Шансата за тоа да го направи е многу мала, една во... број со многу нули, но сепак е возможно. Ова нешто може да се направи и со обичен мајмун, но тогаш не ни е загарантирано дека тоа ќе се случи. Значи, ако мајмунот е бесмртен и единственото нешто што тој го прави е чукање по тастатурата, следува заклучок, дека барем еднаш во неговата долга писателска кариера ќе се сретне со тој збор. Но исто така е веројатно дека зборот “здраво“ ќе се појави бесконечно многу пати во неговата зборовна колекција, како што ќе се појават и “ден“, “ноќ“, “баањдачасп“, а зошто да не и познатата речница на Хамлет ,, Да се биде или не?“. Апсолутно е возможно нашиот мајмун да ја напише таа реченица, а кој знае, можеби и целото дело на Шекпсир, без никаква грешка, точно до секоја точка и запирка.
Натаму, ако го земеме истиот концепт и ги заменеме мајмунот со бесконечниот универзум (според некои научници универзумот е бесконечен) и делото Хамлет со вас, ќе стигнеме до следниот заклучок. Барем еднаш во бесконечниот универзум ќе се повторите, сè до најмалите детали. Ќе постоите на истото место (релативно гледано) и ќе го живеете истиот живот (исто така релативно гледано). Ова може да се случува бесконечно многу пати, а исто така да има бесконечно многу варианти со мали измени во светот, односно еден тип на паралелни универзуми. Застрашувачки е самата замисла, нели?! Дали ќе стане уште полошо, или подобро, зависи од личноста. Според мене - и двете истовремено.
Ако вие се повторувате на повеќе места, тоа значи дека вие сте направени само од атоми во одредена точна конфигурација. И што е разликата помеѓу вас и сè друго во универзумот? Па, разликата е во распоредот, односно конфигурацијата на атомите на “вашето тело“ кое што го поседувате во моментот. Следува заклучок дека вие сте и земјата која што ја газите и животното го јадете. Воздухот што го дишете и водата што ја пиете. Вие сте истата личност која што ја удирате и ја љубите. Единствената разлика е вашиот распоред на атоми. Колку е застрашувачки ова!! А сакате да знаете што е уште по застрашувачки? Што ако универзумот има некоја конкретна граница, што тогаш? Или прашањето за слободната воља, дали постои ако сè е пред време веќе детерминирано?
Во фурната течното стакло е хомогено, ама кога ќе го туриме во еден калап, се добива амбалажа за Кока Кола, во другиот, за Фанта, а во третиот вазна.
Интересна е самата идеја и може уште повеќе да се разгранува и зборува за неа, иако веќе се толку зборувало во минатото. Пример за тоа се Демокрит и Епикур и нивните приврзаници и противници. Ако ве интересира ви препорачувам да ги истражите, не само нив туку и други филозофи, затоа што се доволно интересни да ве инспирираат, и можеби вие ќе поставите некоја ваша теорија што ќе нè потресе.
Comentários