top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

Достигнувањето на чистата форма на љубовта во романот „Лебед“ на Ана Стојаноска

Ќе ви раскажам една куса приказна: Мирно попладне, 30ти април пред 3 години, еден човек купува во маркет намирници за наредниот ден, за први мај. Бутка количка полна со работи и додека се движи низ рафтовите за да стигне до местото каде што стојат пластичните чаши поминува низ полиците со книги во маркетот. Бидејќи количката е голема случајно удира во една од полиците со книги и уште послучајно паѓаат 3-4 книги – две црвени, една бела и една шарена сликовница. Сликовницата и белата книга се неважни во оваа приказна, а двете црвени книги се „Дијалози во еднина“ и „Јас и Лин, отпосле“ од Ана Стојаноска. Човекот ги собира книгите и ги реди на место. Последната книга која ја враќа е „Дијалози во еднина“, но пред да ја врати на полицата ја врти книгата на задната корица, чита, отвора внатре во книгата и разлистува, чита: „Колку тишина ти тежат воздишките?“. Ја става книгата во количката, го отвора паричникот и гледа дека нема доволно пари да ја купи книгата. Се враќа назад до рафтовите со „Нутела“ и ја враќа „Нутела“-та која ја имаше во количката. И тоа дефинитивно беше најдобрата не-изедена „Нутела“ во неговиот живот.


Ова е приказна за мојата прва средба со дело на Ана Стојаноска. Човекот од приказната сум јас, а „Нутела“-та не беше изедена од мене. Втората статија од новата рубрика на Култура β ја започнувам со импресии од вториот роман на писателката Ана Стојаноска, а првиот кој мене ме воведе во нејзиното творештво. Овој роман, како што се вели и во поднасловот на делото, се „разговорите што можеби се случиле и што можеле да се случат“ и се разговорите кои ме фатија „под нивно“ и направија, благоречено, да се опседнам со романите на Стојаноска. Два дена после читањето на „Дијалози во еднина“ заминав да ја купам и „Јас и Лин, отпосле“ и од тогаш љубовта слободно можам да кажам дека може да се гледа со различни очи.


Но, поводот за пишување на оваа статија е најновиот роман на Ана Стојаноска насловен како „Лебед“ во кој се достигнува Аристотеловата чиста форма. Оваа чиста форма во овој роман, можеби не може да се гледа како Бог, но чистата форма во романот „Лебед“ е љубовта – чистата форма на љубовта, но главна поента ми е дека од роман во роман, од „Јас и Лин, отпосле“, преку „Дијалози во еднина“, сè до „Лебед“ е евидентна еволуцијата на љубовта. Од роман во роман, се гледа дематериjaлизирањето на љубовта која во „Лебед“ стигнува до божествена форма.


„Се сеќаваш како се сретнавме? Пред тринаесет години. Дојде да ме гледаш како играм во претставата.

- Не тебе. Претставата.

- Што?

- Не дојдов да те гледам тебе, туку претставата. Сакав да ја гледам претставата за која сите зборуваа. Те знаев само по име и по мала фотографија од аголот на некое евтино списание за жени. Беше ѕвезда. Те љубеа многумина, то ест, те љубеа многу жени. И мали девојчиња.

- Те видов уште при првата сцена. Седеше напред со ококорени очи и плачеше. Ме предизвика. Решив да играм само за тебе.“

(Јас и Лин, отпосле. Второ издание. Култура, 2019)


„Те чекам со мигови. Те чекам со години. Те чекам со време што не се мери. Со броеви што немаат значење. Со мерни единици што пропаѓаат при самото нивно споменување.

......

- Првпат кога те видов знаев дека тебе ќе ти дадам да ми ја чуваш силата и да ми ја носиш душата. Срцето ми чука во смиреност кога си до мене.

- Првпат кога те видов ме уплаши твојата сила. Љубовта што ја почувствував. Светот што застана.“

(Дијалози во еднина. Култура, 2019)


„Сака да го гледа. Сакаше да го гледа. Сакаше да го гледа постојано. Сакаше да го гледа без никаква причина. Едноставно, светот не можеше да постои без никаква причина. Едноставно светот не можеше да постои ако не го гледаше. Го гледаше. Додека вежба, настапува, трча, се подготвува за настап. Го гледаше естетски моделираното тело што го посакуваше толку многу и не можеше да одолее на секоја прилика да го гушне, да го допре, да остави делче од себе на него....Го гледаше. Го гледаше секогаш кога можеше. Го гледаше во себе кога не можеше.“

(Лебед. Полица, 2021)


Во посочените цитирани делови може да се согледа таа еволуција на љубовното чувствување. Но главниот осврт на овие мои „Импресии“ треба да бидат насочени токму кон врвот на таа љубовна еволуција т.е. романот „Лебед“. Парафразирајќи ја професорката Јелена Лужина, која имаше свое излагање за романот на неговата промоција на 8. септември во рамките на годинешниот саем на книга, таа истакнува дека овој роман може да биде сфатен и како базичен женски роман, и како љубовна драма, и како современ квир роман, роман за уметноста, но и како комплексно дело во кое секое нешто си има свое соодветно место со уште посоодветна смисла и симболика. Па така, таа симболиката на деветте делови на романот ја поврзува со деветте круга на пеколот со што ја поврзува со една од клучните поенти на самиот роман односно дека секој си има свој пекол, секој со својот пекол. Секој со својата личност-пекол. „Ти имаш пекол во очите. Не знаеш поинаку. Можеби рајот ти е конечна дестинација, ама пеколот ти е во очите.“!


Романот е поетика на уметностите, реализација на танцот, музиката, сликарството и пишувањето. Тој е љубовна нарав со силни искажувања. Совршена консталација на долги заплети и импулсивни кулминации. „Лебед“ е симнување на ангелите од небо на земја, нивно возљубување и повторно враќање во уранска шир. Романот е визуелизација за длабоката љубовна болка скриена уште подлабоко во едно пријателство. „Лебед“ е музиката од „Лебедово езеро“ играна до бол, свирена до непребол. Романот е философикација на љубовното преку драматичноста на протагонистите и нивните есенции. „Лебед“ е роман во кој ќе потцртате купишта реченици и ќе свиткате безброј презначајни страници. „Лебед“-от на Ана Стојаноска ќе ви свири за љубењето како да е до вас дури и никогаш повеќе да не бидете со љубовта заедно.


Но она што мене ми е најзначајно, во овој роман, судбините на ликовите од претходните два романи на Стојаноска тука ја добиваат својата заокружена целина. Во „Лебед“ ангелот од „Дијалози во еднина“ ги добива своите крилја (затоа и именувани протагонистите како Габриел и Микаел), иако, овојпат, лебедови крилја чија тежина се остава во црниот пердув од насловната страница. Во „Лебед“ разговорите што можеле да случат – се случуваат и тоа директно во најимпулсивните дијалошки форми меѓу главните ликови од романот. А во овој роман и Саша од „Јас и Лин, отпосле“ ја затемелува својата судбина, оставајќи ја својата вечна љубов препуштена на некој олтар со некој човек оставајќи ја целата своја тажна судбина во тежината на еден црн пердув. Тука сите ликови од дискурсот на Стојаноска ја добиваат својата чиста и заокружена форма. И онаа надеж за која зборував во кусата-куса критика кон „Јас и Лин, отпосле“ со која барем за момент ќе можете да склучите љубовен сплот со сопствениот Лин, тука повторно ви се подава и за момент ви нуди уживање во тој сплот сè додека повторно не го оставите тој црн пердув да зборува за вас и за љубовта во формата чиста.


Comments


bottom of page