top of page
Writer's pictureКултура β

Девојката што ја запознав случајно - Елена Стаменковска

Магијата внатре не беше воопшто невидена.

Беше акт на судбина,

без акт на верба.

Може да се опише како пливање

близу до водопад,

вкусувајќи ја заканата,

со упорна насмевка.

Неа ја запознав во близина на брановите,

онаму каде што бурата

се двоумеше меѓу мир и неволја.

Ја запознав и на сред улица,

во ноќниот час бестрашно ги броеше светлата.

И ја запознав и крај шумата

што тивко крадеше храбри патници.

И насекаде таа беше прекрасна.

Чудесна.

Величествена.

Мирно, седејќи, зборувајќи, бдеејќи.

Како ничиј туѓ живот

да не бил во нејзини раце

до претходниот миг.

Магично.

Но немаше никаква магија овде.

Само ми пречеше нејзината убавина.

Нејзината става натежнуваше вито

над собраниот смет од луѓе

и се издвојуваше од

пареата на злокобноста,

кога ги пружаше белите дланки

на своите чисти образи.

Изгледаше како дете

што се радува на мајски цвет.

Но, како што крилјата на пеперугата

се преубави за да не бидат откинати,

така ме иритираше

нејзината недозволена перфекција.

Можеби тајната се криеше во нејзината самотија,

или пак во потрагата на спротивното,

со поголема достоинственост од мојата.

Зар таквиот лик знае да крие болка?

Но блиску до неа ја чувствувам разликата

меѓу радоста и тагата.

Меѓу животот и неживоста.

Таа припаѓаше на првите.

Најпосле не ми пречеше нејзината убавина.

Ми пречеше нејзината живост

и таа насмевка несвесна за обвивките на грдотија

во кои е завиткан светот.

Сепак на секој му фали она што не го носи в срце.

И еве тука дојде помислата,

никој, освен оној кој веќе е,

не може да биде како неа.

 

Елена Стаменковска е поетесата со која ги започнуваме двете поетски недели на Култура Бета за оваа година. Таа има земено учество неколку пати во нашата поетска рубрика, а овој пат ни се претставува со песната „Девојката што ја запознав случајно“.

Recent Posts

See All

Песна од Ева Спасевска

*** Одвреме-навреме, во сон ќе го видам неговиот лик како на слика кој лицемерно ќе ме праша дали сум жива - „добро сум“ е секогаш моја...

Comments


bottom of page