Во левиот џеб од капутот ја носам
мечта кон едноставното.
Слика од цветна градина со
мирис на пролет.
Всушност мирисот доаѓа од
дамката чај засадена на неа,
бидејќи на сликата лале не би
можело да исцути.
Во градината цутат само цветови
од боја, но не и ружи.
Живеат пеперутки од хартија,
но не и бели глуварчиња.
Кога цвет ќе исцути,
тоа никогаш не е јаболко.
А кога јаболко ќе исцути,
тоа никогаш не паѓа.
Но во средината расте кокиче бело
кое испраќа гласини до Сонцето,
да зраците го разбудат движењето,
па од некоја градина пеперутка да
побегне и од лале полен ми донесе.
Водата да надојде,
глуварчето да побелее.
Нечиј син, нечиј татко своето мало
да сака да го прободе, со трн од ружа. Па крв да капне на моето кокиче и
од својата дршка трње да роди.
Но јас во левиот џеб од капутот ја
носам љубовта кон зимата.
Спијам кога сонце ќе изгрее,
молчам кога славеј ќе запее.
Всушност ја сакам музиката,
но ме плаши бучавата.
Ме плаши плимата.
Можеби би ја сакал водата ако не
ме плашеше длабочината.
Затоа и носам капут кога не треба,
кога водата во реката сè уште ми бега.
А во десниот џеб од капутот носам очила,
да би можел кога гласот Сонцето
ќе го стигне и пеперутката полен ми донесе,
да мечтаам по градината која пролет не дочекала.
Нашиот нов ẞ-поет е Сатја Александар Давитков. Вели дека отсекогаш е привлечен од уметноста и сака да ја запознава, без разлика дали станува збор за музика, поезија или фотографија. "Песната која Ви ја испраќам е инспирирана од иритирачкиот нагон кон едноставниот живот. Поточно желбата за среќа, дури и ако среќата претставува статичност. Музата во творбата е животот, поточно животот изрезбан во формата која мене ми одговара."-додава Сатја
Opmerkingen