top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: ХАЈ-ФАЈ


Автор: Горан Стефновски

Жанр: драма- театарска мутација

Година на издавање: 1983

Прва изведба: 08.01.1983, Драмски театар- Скопје, режија на Љубиша Георгиевски





Осврт:

Во една прилика, читајќи за делото на Горан Стефановски, налетав на една многу интересна споредба: на Стефановски му беше доделен епитетот: македонскиот чирак на Шекспир. Што го оправдува ваквото насловување на доајенот на македонската современа драма?

Генијалноста на Стегановски се содржи во неговата вонсериска проникливост, да ги препознае и олицетвори македонските, а притоа општочовечките болести силно впиени во општествената и морална черга на народот, со таквата прецизност која му пркоси на секое временско врамување.

Ваквата прозорливост се должи на една исконска поврзаност на Стефановски со македонската срж која го освестува изворниот македонски сентимент пронижан во мотивите на неговите драми.

Карактеристично за драмата на Горан Стефановски е тоа што своите размислувања и дијагнози ги олицетворува во меѓучовечките, а поконкретно семејните односи помеѓу ликовите. Следствено, неговата драма е крик на вонвременото човечко во уздите на актуелната дијагностика на векот.

Во драмата Хај- Фај авторот говори за еден неодминлив судир помеѓу две генерации претставени во ликовите на дедото Борис и внукот Матеј, развиени во две различни општествени прилики кои диктираат различни вредности кои се меѓусебно некохерентни. Притоа, Горан Стефановски дава непосредна критика на манипулативниот апарат применет врз младата популација која се осудува да посегне по патот на идентификување на младиот човек.

Имено, Борис е 60 годишен човек кој се враќа дома по петгодишен престој во затвор. Во меѓувреме, во негоиот стан се населува 20- годишниот внук Матеј кој е на почетокот на својот пробив во професионалниот свет како музичар. Со него живее неговата девојка Мира, а домот е претворен во една раскрсница на која минуваат многу личности, несвојствени за македонското опкружување ( Арапот и Американецот). Борис не може да го препознае својот стан, а најмалку да го прифати начинот на живеење на својот внук.

Тука се согледува тој генерациски јаз кој бил доста очебиен во периодот на транзиција од еден во друг вид на општествено уредување, силно почувствуван во времето кога било напишано делото.

Сакајќи да го „исправи“ својот „застранет“ внук, Борис станува суров мачител на младиот Матеј посегнувајќи непосредно по неговиот личен идентитет со цел да го измени согласно со своите веќе одминати принципи. Ваквата намера ќе ја срози личноста на Матеј, уништувајќи го уште во својата срж на начин на кој младиот човек целосно ќе се изгуби себе си и ќе остане една нескладна лушпа на она што некогаш бил.

На тоа, Борис ќе ја увиди суровоста на својот пристап, но нема да постои начин на кој може да го врати она што го одзел сакајќи да го вкалапи младиот човек на новото време во формата соодветна за веќе одминатите времиња кои според својата природа не можат и не треба да бидат вратени.

Човекот е производ на времето во кое живеел и општеството во кое се развивал. Попречувајќи го природниот тек на личносниот развој подобно на личните ставови и фанатизмот кон минатото, создава една несигурна, длабоко извитоперена младина- неотповиклива штета која е доволно голема да срози многу времиња.

Според тоа, колку е човекот Хај – Фај? (high fidelity- висока доследност) Колку успеваме да останеме вистински доследни на себе си е прашањето кое ова дело ќе возбуди кај читателот, а насушни се неговите одговори.


Белешка за авторот:

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година во Битола. Неговиот татко, Мирко, бил театарски режисер, а неговата мајка, Нада, глумица. Голем дел од детството на Горан го поминал во театрите. Негов помлад брат е Влатко Стефановски, познатиот гитарист- виртуоз и член на групата „Леб и сол“.


Заљубен во англискиот јазик во своите тинејџерски години низ влијанијата на Битлсите и Ролинг стоунсите, Горан се запишува на студии по англиски јазик и литература на Универзитетот во Скопје. Сепак, тој не можел да го отстрани театарот од својот систем и ја поминал својата трета година студии на Факултетот за драмски уметности (ФДУ) во Белград. Дипломирал како најдобар студент на својата генерација во Скопје и се вработил во Одделението за драма на ТВ Скопје, а наскоро се вратил на универзитетот за да предава англиска литература, со посебен фокус на Шекспир.


Во октомври 1974 година се запознал со Пат Марш, англиски јазичар која дошла да предава англиски јазик на скопскиот универзитет. Тие се венчале во март 1976 година. Кога се запознале, тој пишувал претстава заснована на македонскиот фолклор за Слободан Унковски, еден од режисерите на театарската група на која ѝ се приклучил како студент. Унковски останал негов доживотен соработник и пријател. Јане Задрогаз постигнал голем успех и продолжил да се прикажува на престижниот меѓународен театарски фестивал во Белград (БИТЕФ), потоа во Париз и конечно на Театарскиот фестивал Каракас во Венецуела.


Во 1979 година ја напишал својата најпозната претстава „Диво месо“, која досега доживеа петнаесет продукции низ цела Европа, вклучително и Лондон, и е во наставниот план за средните училишта во Македонија. Претставата е заснована врз искуствата на неговиот татко и чичковци за време на Втората светска војна. Ова дело му ја донело Октомвриската награда на Република Македонија за извонредно уметничко достигнување, највисоката награда на Републиката, како и наградата во 1980 година за најдобра југословенска претстава на годината на Југословенскиот народен театарски фестивал. Две години подоцна, „Лет во место“ ја имал својата прва изведба, претстава што се занимава со проблемот на македонското прашање во доцниот XIX век и идентитетот на нацијата. Со тоа Стефановски пораснал во очите на неговите сонародници ширум светот.

Скоро секоја година во следните триесет и три години се претставувала нова и успешна претстава на Горан Стефановски, од кои многубројни биле наградувани. Во осумдесеттите, тој постојано ги туркал границите на југословенскиот театар, како во уметничка така и во политичка смисла. „Дупло дно“ (1983) била особено смела во предизвикот на државните цензори. Во 1988 година, „Црна дупка“ била првпат изведена на сцената. Со својата единствена структура и зачудувачка театралност, генерално се смета дека е најголемиот придонес на европскиот театар.


1985 година го одбележа преминувањето на драматургот во ТВ-серии за деца со емисијата „Бушава Азбука“. Во 1986 година, Горан го основал отсекот за драматургија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, каде бил редовен професор до 1998 година.


Во 1991 година, почнал распадот на Југославија кој се претворил во граѓанска војна. Постојаното влошување на состојба ја довела неговата сопруга Пат да се одлучи за нов живот за семејството во Кантербери, Англија, од септември 1992 година. Следните шест години, Стефановски ги поминал на патување меѓу Македонија и Велика Британија, продолжувајќи да предава на универзитетот во Скопје.


Стефановски станал познат дури и во Шведска и во периодот помеѓу 1998 и 2000 година бил визитинг професор на Драмскиот институт во Стокхолм. Институтот ја објавил својата Мала книга на стапици (алатка за пишување сценарија) во 2002 година. Преведена е и објавена на пет јазици, вклучувајќи кинески. До тоа време, Стефановски се навикнал да пишува на англиски јазик и дури подоцна својата работа ја преведувал на својот мајчин јазик.


Во септември 2000 година се населил во Кантербери и предавал часови по сценарио и драматургија на Универзитетот во Кент пред да ја преземе функцијата на универзитетот Кантербери Крист Чрч во 2002 година, предавајќи сценарио до неговата смрт во 2018 година. Бил исклучително популарен професор и сакан колега.


Стефановски продолжил да пишува успешни драми што биле преведени и изведувани низ целиот свет во текот на целиот живот.

Стефановски бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писатели на Македонија од 1979 година, а во 2004 година станал член и на Македонската академија на науките и уметностите.


Неговото последно јавно предавање било на Меѓународната федерација за театарски истражувања на Светски конгрес во Белград во јули 2018 година како пленарен предавач. Неговото последно појавување во јавноста било да добие почесен докторат од Бугарската национална академија за театар и филмски уметности во Софија.


Горан Стефановски починал од неоперабилен тумор на мозокот во 2018 година на 66-годишна возраст.


Стожерен цитат:

„Ќе бараш хи- фи? Нема, хи- фи Матеј. Тоа е измислица. Боговите ги мачат луѓето. Каде ти е косата? Убава ти беше. Јас не сакав да бидеш ваков. Не сакав вака да излезе. Зошто излезе вака? Зошто си ваков? Не смееше да дозволиш да ти го направам ова. Кој сум јас ова да ти го направам!? Што се случува со нас, Боже? (пауза) Кажи нешто, Матеј!

Comments


bottom of page