top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Смртта на Иван Илич


Автор: Лав Николаевич Толстој

Жанр: Повест, философски роман, новела

Година на издавање: 1886

Наслов на оригиналот: Смерть Ивана Ильича


„Смртта на Иван Илич“ претставува повест, кус философки роман во кој Толстој успева пластично да го опише животот и она што е навистина важно во него. Интересно е тоа што за една ваква, мошне жива тема, Толстој одлучува да ја започне својата повест со закоп, со смртта на Иван Илич Головин. Неговиот лик портретизира еден статусно висок, угледен, навидум среќен 45- годишен руски општетсвеник кој успева да се реализира на секое поле кое би му ја обезбедило својата благосостојба во високите кругови каде ја пронаоѓа својата радост. Лав Николаевич Толстој се одликува со исклучителна способност за набљудување на човекот и неговото функционирање во заедницата пораи што слободно можеме да кажеме дека делата на Толстој во својата основа содржат еден комплексен социолошки портрет на една широка човечка заеница. Она што самиот автор го забележал при своето долгогодишно творење и набљување е тоа дека луѓето, бидувајќи вовлечени во бирократската машинерија, втурнати во бескајната трка за социјален статус и поволна положба, ја губат својата човечност и стануваат оттуѓени едни од други. Тогаш што е вистинската смисла на животот, надвор од секој круг, секоја материјалност и положба, надвор од сето она што на лакомите им ја носи среќата? Ликот на Иван Илич претставува слика на идеален руски општественик - тој се сето она што еден примерен маж треба да биде. Неговата среќа се состои во тоа примерно да ги задоволува барањата од своите општетсвени улоги. Тој се жени со девојка од високите кругови, обезбедувајќи си го својот статус како на социјален, така и на финансиски план. Ваквата подреденост на нештата го предизвикува неговото задоволство, на начин што дури му одзволува еден кус период на млада љубовна занес. Но дали при ваквата поврзаност на интересите, чувствата и настаните може да се роди силна љубов која ќе може да го носи животот онаков каков што е? Набргу, неговиот соживот со сопругата ќе стане неподнослив, па својата утеха, Иван Илич ја бара во својата професија во која брзо напреднува. Опишувајќи го овој момент од животот на главниот лик, Толстој алудира на начинот на кој луѓето се оттуѓуваат едни од други, бидејќи радоста ја бараат на друго место. Ако човек не може да биде среќен во својата најблиска заедница, помеѓу луѓето кон кои има одговорност и должност да им се посвети и да ги сака, знае ли што бара? Трага ли на правото место? Иван Илич живее во еден постојан круг на самозалажување и оправдување убедувајќи се дека е сето она што еден маж треба да биде. Тој е непобитно задоволен со себе си и живее во таа илузија дека сѐ е совршено наредено, сѐ додека не се здобие со кобната повреда на колкот. Тогаш започнува неговото измачување, помалку со болката, а повеќе со вистината што ја носи животот кога е при својот крај. Соочувајќи се смртта која неизбежно доаѓа, Илич почнува да го преиспитува својот живот, откривајќи дека не успеал да стане ништо од она што е важно во животот. Неговиот однос кон своето семејство исходи со мошне непријатна оттуѓеност на луѓето кои треба да му бидат најблиски. Неговото страдање е очебијно, но неговите деца не ја чувствуваат блискоста која ќе им дозволи да го покажат своето сочуство кон татко си. Иван Илич чувствува силна потреба да биде разбран, но се соочува со произлезот на неговиот дотогашен живот. Впечатливо е тоа што самиот одбива да ја согледа вината, па неговото разочарување од рамнодушноста на неговата сопруга и неговите деца претставуваат уште едно негово страдање. Во своите последни денови, Илич ја губи желбата да се среќава со луѓе, а негово единствено олеснување му претставуваат разговорите со младиот помошник Герасим. Поставувајќи ги овие два лика еден спроти друг, Толстој гради еден контраст помеѓу смртта и животот, крај на еден илузорно среќен живот во кој ништо од важните нешта не е како што треба да биде и полет на еден млад, едноставен живот кој чека да биде изживеан во целост. Овој контраст може да биде согледан и преку очите на Илич кој за првпат почнува да го разбира животот, токму тогаш кога треба да умре и животот на својот едноставен, сиромашен помошник му се чини совршен, поубав од сето она што самиот го поминал. Во своите последни денови Иван Илич запаѓа во ужасна агонија, кулминација на неговото телесно, но првенствено духовно страдање. Неговата суета нема да му дозволи да се извини тогаш кога ќе биде време за тоа, умира во страшно духовно настроение, за прв пат разбирајќи дека ништо не е онака како што треба да биде. Со оваа повест, Толстој отворено упатува на склоноста на општествениот човек да избега од својата суштина, живеејќи во илузија на бесмртноста, сѐ додека не се соочи со својата смртност. Навистина, ние луѓето ја забораваме својата природа. Но, колку е страшна таа средба на животот изживеан само како лушпа од она што требало да се изживее и смртта која е најјасен учител за она што требало да биде. Оваа парадоксална средба на животот кој е слеп за смртта и смртта која е учителка за животот е неминовна, но наше е како ќе ја доживееме. Учејќи за тоа што ќе остане на крајот на нашето време како исход од нашето живеење и што е тоа што е важно да остане човекот оваа средба ќе ја прими блаженство, а не со агонија како нашиот јунак. Со ова дело, многу прашања можат да останат отворени, а наше е како ќе ги одговориме.


Белешка за авторот:

Лав Николаевич Толстој (9 септември, 1828 година – 20 ноември, 1910), е роден во Јасна Полјана. Потекнува од аристократско руско семејство, поврзано со некои од најмоќните руски фамилии. Всушност, Толстој бил четврти братучед на Александар Пушкин. Во раните години од неговиот живот, се борел со своите студии и летал низ животот, завршувајќи во огромни коцкарски долгови. Заситен од својот бесцелен и бесмислен живот, волонтира во руската армија. Толстој имал длабок интерес во потрагата по поголемо разбирање и оправдување во животот. Патувал широко низ Европа, но се повеќе го разочарувала материјалистичката страна на европската буржоазија. Полемизирал и со оние со кои не се согласувал како Иван Сергеевич Тургенев (нашироко сметан за најдобар руски писател од неговата генерација), а развива и благонаклонетост кон селаните, сиромашните и оние кои биле угнетени од општеството. Наоѓал начин како да им помогне и служи.

Потписот на Л.Н.Толстој

Во 1862 година, се оженил со Софиjа Андреевна Берс, помлада од него цели 16 години. Со неа имал 13 деца. Ја носел титулата гроф и живеел мирен, богат и спокоен живот. Речиси целиот живот го поминал на имотот во Јасна Полјана, освен четири години поминати на школување во Москва, а потоа извесен период поминал во Казањ, каде студирал на Филолошкиот, а потоа на Правниот факултет, кој не го завршил. Тој зборувал многу јазици – англиски, француски, германски, италијански; ги знаел и: грчкиот, латинскиот, украинскиот и татарскиот; а ги изучувал и: турскиот, холандскиот и бугарскиот. Кога се вратил во Јасна Полјана, тој ја започнал својата писателска дејност. Како морален философ, Толстој е познат по своите идеи за ненасилниот отпор, искажани во неговото дело „Царството Божје е во тебе“. Овие идеи извршиле големо влијание врз Махатма Ганди, Роман Роланд и Мартин Лутер Кинг.

Како морален мислител и реформатор Толстој извршил огромно влијание на христијанскиот анархизам. Во тој поглед е создадено Толстојското општествено движење. Толстој иако бил воодушевен од создавање вакво движење, никогаш не ги охрабрувал луѓето да се приклучат. Тој сметал дека секој треба да има своја свест.

Од 1863 до 1869 година ја пишува тетралогијата „Војна и мир“, а подоцна и „Ана Каренина“, „Воскресение“, „Детство“, „Момчештво“, „Младост“, повестите: „Смртта на Иван Илич“, „Кројцеровата соната“ и др.

Издвоени цитати:

„Тој беше син на чиновник, кој направи во Петербург по различни министерства и установи таква кариера, што ги доведува луѓето до положба во која, макар што јасно се гледа дека не ги бидува да вршат каква и да е суштинска должност, тие сепак, поради својата голгогодишна измината служба и своите чинови, не можат да бидат избркани, па поради тоа добиваат измислени, фиктивни служби и нефиктивни илјади, од шест до десет, со кои доживуваат и до длабока старост.“


„Да се рече дека Иван Илич се оженил, затоа што ја засакал својата свршеница и нашол во неа одзив за своите погледи во животот, би било исто така неправедно како и да се рече дека тој се оженил, затоа што луѓето од неговото друштво му ја одобрувале оваа партија.“

„Иван Илич си созаваше пријатност самиот себе си, добивајќи таква жена и едновремено со тоа го правеше она што највисоко поставените луѓе го сметаа за правилно“


„Свршена е смртта-си рече. Ја нема веќе. Вовлече воздух во себе , запре на половина на воздивнувањето, се протегна и умре“

Comments


bottom of page