top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Поморјански песни и др.


Автор: Лилјана Чаловска

Жанр: Поезија

Година на издавање: 1981

Наслов на оригиналот: „Поморјански песни и др.“


Осврт:

Лилјана Чаловска е една од првите македоснки поетеси кои ги поставиле постулатите на современата македонска поезија во периодот по Втората Светска војна.


Нејзината поетска особеност непосредно се надоврзува на нејзината неповторливост како извонредно силна жена- борец која својата душевна и световна борба ја остварила не само на фронтот за време на војната, но ја остварувала во текот на целото свое живеење преку своето неуморно дејстување за афирмација на македонскиот народ, негово претставување пред лицето на светот, оддекот на неговата борба, но и преку своето богато поетско творештво.



Нејзините стихови претставуваат азурен одзив на сите скриени бранувања минати низ животот и многуте времиња. Неслучајно, првиот дел од збирката е насловен како „Недоплов“ и бранот е оној стожерен мотив кој се провлекува низ песните содржани во неа.


Овој мотив Чаловска го најавува во првата воведна песна „Вал“ во која се навестува наравот на стиховите кои следуваат.

Една од најсилните особености на поетскиот израз на Лидија Чаловска е неговата азурност, подобна на разбрануваниот мотив, асоциран со самиот наслов на делото „Поморјански песни“.



Поетскиот јазик на Чаловска е сликовит и звучен, претставен како совршен спој на визуелното и чувственото, создавајќи луцидна слика на силното емотивно доживување.


Богатата лексика карактеристична за стиховите на Лидија е проткаена со автентични изрази исцрпени од архаичната ризница на македонскиот јазик, откривајќи му на читателот уште еден напореден свет на она што му е досега познато.




Опојна комина во воздухот

од којзнае чии кледи:

дар загубен, па најден,

исто што во смолана сончев зрак.

Алги пијани.

медузи журливи.

Коработ вежан од сушата понадалеку,

се ниша, клатно полегато,

лека- полека,

со ритам на алгите пијани

и на медузите жедни.


Слапеј- вал единак,

од времиња кинисан,

патем од ветришта голтан,

жеволкан и болван,

преку кратката памјат на веков

стига до нас,

приплискува,

в зори нѐ лулее

за сон пред будење

кога- некој ме извика...


Белешка за авторот:

Лилјана Ахилова ЧАЛОВСКА е родена на 03. 12.1920 година во Софија, Бугарија. Била припадник на македонското националноослободително и комунистичко движење и учесник во Антифашистичката војна во Вардарскиот дел на Македонија, новинар, политичар, општественик и поет.


Била член на комунистичката младинска југословенска организација СКОЈ од 1939 година и на Комунистичката партија на Југославија (КПЈ) од 1940 година, еден од лидерите на македонското студентско движење на Белградскиот универзитет и курир на Централниот комитет на КПЈ на релацијата Белград–Загреб.


Непосредно по Априлската војна од 1941 година била член на Месниот комитет на КПЈ во Битола, а потоа и член на ПК на СКОЈ за Македонија од септември 1941 година, претседател на Младинскиот одбор за Македонија од септември 1942 година, инструктор на ПК на КПЈ за Македонија за организациите на СКОЈ во 1942 година.


Ги одржувала врските со ЦК на КПЈ и била активист на Агит-проп на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија.


Била уапсена од бугарската полиција и интернирана во 1943 година, но успеала да избега и да замине на слободната територија во Западна Македонија, во базата на Главниот штаб на НОВ и ПОМ во селото Турје, Дебарца.


Била член на Иницијативниот одбор за свикување на Првиот конгрес на НОМСМ во село Фуштани, на 22 декември 1943 година и заедно со Крсте Црвенковски ги подготвила конгресните документи.


Избрана е за член на Главниот одбор на НОМСМ. По Конгресот заминала со Групата баталјони и по Февруарскиот поход, како член на Редакцијата, на планината Козјак учествувала во подготовката на првиот број на весникот „Млад борец" од 22 март 1944 година.


Била член на Централниот одбор на УСАОЈ, а како новоизбран секретар на ПК на НОМСМ во јули 1944 година, кооптирана и за член на ЦК на КПМ. Избрана е за делегат за Второто заседание на АВНОЈ, а како делегат на Првото заседание на АСНОМ избрана за член на Президиумот на АСНОМ на 2 август 1944 година.

По Ослободувањето е член на првиот Главен одбор на АФЖ (антифашистичкиот фронт на жените) за Македонија од 15 декември 1944 година. Ја заврши Вишата политичка школа „Ѓуро Ѓаковиќ“ во Белград. Во брак била со Лазар Колишевски.

Била уредник на дневниот весник „Борба“ од Белград, пратеник во повеќе свикувања во Собранието на СРМ и во Собранието на СФРЈ, член на ДПМ од 1967 година и член на Советот на Федерацијата од 1974 година.


Автор е на неколку збирки поезија како: „Бдение за Виетнам“ (1967), „Антидневник“ (1971), „Пребир“ (1972), „Пергел“ (1974), „Повесница“ (1977), „Поморјански песни“ (1981), „Стихови“ (1981).

Носител е на „Партизанска споменица 1941“.

Comments


bottom of page