Автор: Томе Арсовски
Година на издавање: 1961
Жанр: драма
Драмата е претставена и на филмското платно (1975г.) во режија на Ацо Алексов
Осврт:
Томе Арсовски е еден од најистакнатите претставници од македонската плеада автори кои ја поставиле основана на современата македонска литература во повоениот период.
„Парадоксот на Диоген“ претставува едно од неговите најпознати дела со кои Арсовски учествува во поставувањето на постулатите на македонската современа драма.
Според својата структура, делото претставува судска драма во два дела чие дејство прикажува судски процес во кој се суди младиот градежник и проектант Драшко Каровски, обвинет за уривањето на милионското здание во изградба- Хотел „Сплендид“, при кое загинуваат и двајца работници.
Настанот е лоциран во Скопје во 1960 година.
Стожерот на основните мотивски нишки се пронаоѓа на почетоктот: во самиот наслов, а се објавува во завршниот говор на бранителот од кој издвојувам:
„ Почитуван суде сите ја знаеме легендата за Парадоксот на Диоген, кој среде бел ден со запален фенер одел по улиците барајќи го човекот. Неговиот парадокс е во тоа што само себе си се сметал за човек и надвор од себе ја барал потврдата за своето постоење. Овој пат, парадоксот е во тоа што Диоген го барал човекот во себе и барајќи се, се загубил во лавиринтот на сопственото јас.“
Основниот двигател на драмското дејство е мотивот на уривањето, непосредно насликан преку стожерниот настан: уривањето на хотелот „Сплендид“ чија изградба се наоѓа под раководство на младиот Драшко, а посредно олицетворен во ликот на младиот осуденик.
Една од особеностите на драмските дела на Томе Арсовски е мотивот на моралниот пад, условен од животните и општествените околности во кои пребива главниот јунак.
Надоврзувајќи се, се истакнува мислата: дали осуденикот е навистина виновен, и доколку е, колкава е неговата вистинска вина, а колкава е онаа на неговото опкружување.
Драшко Каровски е млад, просперитетен инжинер кој ја претставува надежта на новото време, син на не многу богат старец, а брат на своите загинати браќа и сестри кои своите животи ги положиле за ослободување на Земјата.
Оттука, Драшко е припадник на првата генерација врз чии плќи почнува да се гради новото општество по крајот на војната. Следствено, Каровски единствената гранка за која се држи неговото семејство, а силна потпора на која се надева идното време кое се навестува.
Неговиот лик опишува принципиелен, идеалистички насторен, амбициозен млад човек кој е свесен за своите предности на кои му сугерира целото негово опкружување, а притоа не е скромен во своето однесување потхрането со вискоките оценки и очекувања.
Основното својство на неговиот лик кое се соединува со двигателот на драмското дејство е неговиот неминлив, но сосем освестен процес на самоуништување, аналогно на ликот Димитриј Карамазов од делото „Браќа Карамазови“ на Ф.М. Достоевски.
Каровски е човек кој се губи во преставата за себе и своето постоење, подлегнат на своето самољубие кое ќе го доведе до положба на самоубиец кој се гади од својата појава, поистоветувајќи ја со „купче месо наречено јас“. Неговото постепено уривање започнува по завршувањето на студиите во Љубљана кога од за себе необјаснет порив ќе замине од својата еднинствена, возвратена, долгогодишна љубов - Борика Корда и за непромислено брзо време ќе се ожени за беспризорната девојка Даница, од чисто идеалистички мотив- да спаси еден живот од улицата.
Газејќи врз своите интимни тежнеења, Драшко станува дел од општествената машина чија корумпираност и подмолност е маестрално доловена особено преку сведочењето на директорот Борски.
Драмското дејство во горенасловената драма, во голем дел се одвива во одиграни реконструкции на настаните за кои говорителите сведочат, создавајќи склоп на драма во драма со што ликовите уживаат речиси животоподобна слоевитост.
Интересно е да се забележи дека обвинетиот Драшко не зема доброволно учество во судскиот процес, но во укажаните прилики инсистира на својата недокажана вина. Неговиот личосен антагонист е токму бранителот чија улога ја води публиката низ сложената семантика на драмското дело.
Контрастно, обвинителот дејствува во прилог на порвите на обвинетиот, кој своето судење го претвара во соучесник во своето пропаѓање.
Судскиот процес опишува бескраен парадокс на оправданија и вина, па поради ваквиот нарав никогаш нема да добие конечен завршеток, аналогно на дејството во делото „Процес“ од Кафка.
Последната сцена го остава отворено прашањето: кој е виновен за злосторството на младиот, перспективен и општествено насушен инж. Драшко Каровски, доброволно одговорен за својата личносна смрт која исходи од неговиот незапирлив порив на самоуништување.
Завршниот дијалог навестува дека во неговата вина секој од нас кој е свесен битисувач и учесник во општественото дишење има свој дел, бидејќи, зарем е возможно да се пресече колкава е вината на осуденикот, а колкава е онаа на неговото опкружување?
Парадоксот на Диоген претставува човеков архетип условен со текот на потрагата по себе си и претставата за своето „јас“ чија неисправност, одредена не само од личните заблуди, исходи со неминовен порив на самоуништување, присутен во нашето севремие- елемент кој е забележан во самиот лик Митја Карамазов: човеков искон, за кој говорел самиот Достоевски.
Цитати:
„Сакаш ли вечна среќа - не спиј! Преврти ја ноќта во ден! Зошто оној што спие е слеп, а при успаните среќата не доаѓа. Но еве ви еден совет на сите што сте тука: Зградата построена во прав - во прав и ќе се урне. Ако ви се случи тоа - не обвинувајте го ни Бога ни човека- самите сте виновни. Избегајте поскоро од затворот на своето „Јас“.Одделете се макар на чекор од себесии ќе видите: меѓу ружите освен трње има и ружи.“
“ Можам да Ви речам дека сте лош бранител. Наместо да барате олеснувачки факти, Вие чепкате по она што само ќе го уништи“
„ Сторив повеќе одошто е потребно за бесилка. Уништив еден човек... Се згнасив од него. Ми стана несносен го замразив.. И го убив гадот! Се убив себеси...“
„ Требаше само еден ден да живееш за другите. Само еден ден... Ти бараше да те сакаат, а самиот никого не сакаше“
„Овде видовте човек што се обидел да заборави на животот како на лош другар. Побарајте го во себе и судете му строго и праведно како Таа што суди! (Јустиција- божицата на правдата)
Белешка за авторот:
Томе Арсовски е роден 1928 во Косовска Митровица, каде татко му бил на служба во поштата. Во Пеќ завршил основно училиште, а 1941 година се враќа во родното место на своите родители – Кавадарци. По ослободувањето тука завршува гимназија, а потоа Филозофски факултет, група Славистика, во Скопје.
Работел како хорист во Операта на Македонскиот народен театар, како новинар во весникот „Нова Македонија“, во драмската редакција на Македонската радио-телевизија.
Започнал со пишување поезија, збирката „Грст смеа“ (1958), а продолжил со драмско творештво и поставувањето на својата прва драма на сцената на Прилепскиот театар: „Александра“ (1958). Вистински успех и потврда како драмски автор доживува со драмата „Парадоксот на Диоген“ (1961), по што се нижат голем број драми, телевизиски драми, раскази и романи: „Грст среќа“ (телевизиска драма, 1962), „Матурска вечер“ (драма, 1964), „Грдиот Нарцис“ (телевизиска драма, 1964), „Бумеранг“ (комедија, 1969), „Климент Охридски“ (историски роман, 1989), „Куќа на четири ветра“ (роман, 1991), „Подводен град“ (роман за деца и млади, 1993), „Нешто убаво ми се случува“ (роман, 1996), „Пурпурно поле“ (поема, 1996) и многу други.
Добитник е на бројни литературни награди: 11 Октомври“, наградата за животно дело „13 Ноември“ , „Златно перо“, наградата на Културно- просветата заедница на Македонија и на Авторско- правната агенција на Македонија-„Кочо Рацин“ и на наградата „Климент Охридски“.
Comments