top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Извештајот на Броди - Х. Л. Борхес


Автор: Хорхе Луис Борхес

Година на издавање: 1970

Жанр: Раскази

Наслов на оригиналот: El Informe de Brodie


Осврт:

Хорхе Луис Борхес е еден од најзначајните латиноамерикански автори кои го обележаа книжевниот дваесетти век, сметајќи ги неговите дела за класика на литературата од овој период. „Извештајот на Броди“ претставува едно од најпознатите и најдобро оценетите дела на авторот, напишано во 1970 година, во доцниот период на неговото творештво. Во самиот пролог на збирката куси раскази, Борхес се повикува на расказите на Киплинг, навестувајќи го карактерот на својот наратив кој се провлекува низ делото.


Карактеристично за стилот на Борхес е лавиринтот на реалноста и фантазијата, севременото и современото, навестувајќи го новиот „правец“ кој ќе остави значаен белег во литературата на 20от век наречен „магичен реализам“.

Неговите раскази се сместени некаде во времето, доволно далеку во минатото, а доволно блиску до сегашноста, совршено неопределено, оставајќи му простор на читателот да ја постави сцената онака како што е природно на неговата фантазија.

Аргентинскиот и шпанскиот фолклор неретко се провлекува како мотивска нишка, што се поврзува со момент од семејната историја на Борхес.

Нарацијата која ги води расказите е едноставна и јасна. Авторот ја поставува сцената на еден мошне уникатен начин, со творење на подолги воведи во кои се навраќа на суштински, но не извештачено прецизни историски настани поврзани со ликовите или дејството.


Во прологот, Хорхе ги дефинира своите раскази како реалистични, притоа велејќи дека неговата цел не е да убедува туку да забавува и да предизвикува емоции. Но, земено од контестот, Борхес посочува дека неговите ставови се отворени пред светот, а особено се познати неговите политички убедувања.

Тргнувајќи оттука, при подетална анализа на расказите содржани во делото, очебијно е дека авторот гласно ги изнесува своите ставови и остри критики на времето во кое дејствува.


Осврнувајќи се кон тоа дека ова дело е едно од неговите последни, расказите се куси и експресивни. Откако го загубил видот, Борхес започнал да создава куси дела со содржајни изрази и нагласени фантастични елементи.

Неговиот стил е сугестивен, на моменти пронижан со кошмарни нишки и морничави елементи, но сето вклопено во една совршена целина која го создава уникатното чувство карактеристично за делата на Борхес.

Зборовите на Хорхе Луис Борхес создаваат лавиринти на севременото, безвременото или современото, надвор од познатите рамки на човековото дејствување и размислување, притоа отварајќи силни прашања на кои човекот се стреми да ги пронајде одговорите.


Цитати:

„Ги сместив моите раскази малку далку. Било во времето, било во просторот. Имагинацијата може да дејствува така со поголема слобода“ (Од прологот)


„ Имам помислено дека единственото нешто без мистерија е среќата, зашто се оправдува самата по себе“ (Недостојниот)


„ Еспиноса почувствува дека се како деца, на кои повторувањето им се допаѓа повеќе отколку промената или новоста “ (Евангелие според Марко)


„ Се кријат да јадат или ги затвораат очите; останатото го прават пред очите на сите, како циничните философи“ (Извештајот на Броди)


Белешка за авторот:

Хорхе Луис Борхес е роден на 24 август 1899 во Буенос Аирес, а починал на 14 јуни 1986 во Женева. Бил аргентински писател, есеист и поет. Тој е еден од најпознатите интелектуалци на современата култура кој длабоко ја одбележал латиноамериканска книжевност, поради што се вбројува помеѓу најголемите светски писатели.


Меѓу неговите најважни дела се вбројуваат: „Универзална историја на бесчестието“, „Фантазии“, „Алеф“, „Извештајот на Броди“ итн.

Хорхе Луис Борхес е роден во образовано семејство од средната класа на 24 август 1899 година.


Живеел во сиромашното предградие на Буенос Аирес, Палермо. Мајката на Борхес, Леонора Асеведо Суарез, потекнувала од традиционално уругвајско „криоло“ семејство, со шпанско потекло.


На возраст од девет години, Хорхе Луис Борхес направил превод на делото на Оскар Вајлд „Среќниот принц“од англиски на шпански јазик, објавен во локалниот весник, а неговите пријатели мислеле дека, всушност, преводот го направил татко му.

Борхес живеел во Аргентина до единаесетгодишна возраст при што зборувал шпански и англиски, а на дванаесет години го читал Шекспир. Во големата семејна куќа имало голема англиска библиотека со над илјада книги, за што Борхес подоцна забележал: „Ако ме прашаа за најважниот настан во мојот живот, ќе речев библиотеката на татко ми.


Сепак, кога Борхес почнал да го губи видот, татко му ја оставил адвокатурата и во 1914 година, неговото семејство се преселило во Париз, а оттука во Швајцарија, каде што Борхес студирал на Женевскиот колеџ. Таму младиот Борхес учел француски јазик, го читал Томас Карлајл на англиски јазик и почнал да чита филозофија на германски јазик. Во 1918 година, Борхес матурирал на Женевскиот колеџ. Поради политичките немири во Аргентина, семејството на Борхес останало во Швајцарија до 1921 година. Потоа, неговото семејството патувало низ Европа и во 1919 година се задржало во Шпанија. Во тоа време, Борхес ги открил Артур Шопенхауер и еврејскиот мистицизам на Густав Мејринк (со неговиот роман „Голем“ од 1915 година), кои подоцна извршиле големо влијание врз неговото творештво.


Во Шпанија, Борхес станал член на литерарната авангарда и Ултраист, под влијание на Гијом Аполинер и Филипо Томазо Маринети, и бил близок до Имажизмот. Во Шпанија се запознал со познатите шпански писатели, меѓу кои и Рафаел Кансинос Асенс и Рамон Гомез де ла Серна.


Кога се вратил во Аргентина, во 1921 година, Борхес работел како библиотекар и предавач. Во 1923 година повторо патувал низ Европа, а во 1927 година видот започнал прогресивно да му се намалува. Во 1938 година умрел таткото на Борхес и тоа многу го погодило, затоа што бил многу близок со него. Истата година на Бадник, Борхес сериозно заболел од септисемија. Во овој период, Хорхе работел како преведувач и литературен критичар за списанието „Ел Хогар“, кое излегувало од 1936 до 1939 година.


Во 1950 година, Борхес бил избран за претседател на Друштвото на аргентинските писатели (Sociedad Argentina de Escritores), а во 1955 година бил именуван за директор на Националната библиотека и за професор на англиска литература на Универзитетот во Буенос Аирес.


На возраст од 55 години, Борхес ослепел и никогаш не ја научил Брајовата азбука, па тоа го спречило да чита. Некои стручњаци сметаат дека слепилото му помагнало преку својата имагинација да создаде нови литерарни симболи. Бидејќи бил слеп, неговата мајка се грижела за него, му била лична секретарка, ја водела неговата преписка, го следела на патувањата итн. Во 1967 година, Борхес неочекувано се оженил со дамнешната пријателка од младоста Елса Милјан.


Бракот траел само три години, а по разводот, Борхес се вратил кај мајка си, со која живеел во мал стан сѐ до нејзината смрт. По смртта на мајката, негова асистентка станала Марија Кодама, Аргентинка со германско и јапонско потекло. Во април 1986 година, Борхес се оженил со неа со посредство на еден парагвајски адвокат.


Борхес умрел на 14 јуни 1986 година, на возраст од 86 години, од рак на црниот дроб. Една од неговите последни желби била да го закопаат на гробиштата во Женева, а неговиот надгробен споменик е дело на аргентинскиот вајар Едуард Лонгат. Во февруари 2009 година бил направен проект за преместување на Борхес на гробиштата во Буенос Аирес, но вдовицата на Борхес, Марија Кодама жестоко се спротиставила на идејата и проектот пропаднал. Неговата вдовица ги добила сите права на неговите дела.

Comments


bottom of page