Автор: Владимир Мартиновски
Година на издавање: 2009
Жанр: Хаибуни
Осврт:
Владимир Мартиновски припаѓа на плеадата современи македонски поети и книжевници кои имаат суштински придонес во развојот на современата литература и култура на дваесет и првиот век.
Со своето дело „Ехо од бранови “ Мартиновски за прв пат го носи хаибунот како жанр на нашето поднебје и открива еден нов аспект на субјективната проза во поетски манир, претставена во хибриден спој на кусиот расказ и јапоснкиот поетски жанр- хаику.
Мотивските точки од кои поаѓаат хаибуните сочинети во насловеното дело се пронаоѓаат во микросветскиот наратив на поетот поставен среде композицијата на животот и природата, притоа карактеризирајќи се со една особена динамичност и мелодичност на изразот преку кој се претсавени.
Еден од најпознатите хаику-мајстори на јапонската култура Мауцо Башо, на почетокот од еден од своите најпозантати хаибуни ќе каже дека сите феномени во природата се вечни патници. Тргнувајќи оттука, мотивската поставеност во центарот на природата упатува дека и оној кој преку зборот ја отелотворува е постојан патник меѓу трансцеденталната сфера на фигуративното постоење како две страни на едната реалност.
Познато е дека хаибунот се раѓа како патеписен жанр кој подоцна стекнува една широка жанровска пројавност, што поставен во современ контекст честопати се сретнува во облик на дневник, исповеди и интимни согледби на поетот меѓу природата, себе и светот.
Со својот прониклив, изразито чувствен, многусферен израз Мартиновски го олицетоврува тоа интерферирање на чувствениот интроверзум на човекот со динамичната природа на опкружувањето.
Една од особеностите на хаибунот како жанр е тоа што честопати се пишува во прво лице сегашно време, и како што ќе биде забелеажно со цел да се создаде едно вечно сега кое останвуа да постои во меѓупросторот на она што некогаш било а денес не е.
Следствено многумина го споредуваат овој жанр со уметноста на скицирањето- со едноставни, но стожерно потези да се овековечи моментот кој бидува ослободен од минливоста и заборавот.
„Ехо од бранови“ е дело кое говори со јазикот на децата и наслушатите шумови на животните движења на времето, градот и природата, притоа измиени низ внатрешноста на поетовиот трансцедентален бескрај како уметник кој својата уметност ја посветува на слободата во сета своја суштина.
Хаибунот на Мартиновски говори архаични изрази поставени во современ контекст, притоа допирајќи до исконот од кој се буди споменот на детството и сонот, пренесен низ гласното тихување на длабоко интроспективниот наратив особен за ваквиот жанр.
Избрани наслови:
ПЧЕЛА
Не ми се јаде сам. Секогаш ми е повкусно кога можам со некого да споделам коментари за храната и за вксуовите. Повкусно ми е кога јадам со некого во молк. Доволно ми е неговото присуство. И овој појадок во малава мансарда, во која обично појадувам сам, ми е особено вкусен.
Појадуваме
Заедно со пчелата:
леб, путер и мед.
***
ПРЕМОЛЧАНО
Којзнае колку нешта премолчуваме секој ден. Сигурно е подобро да не знаеме. Најчесто премолчувањето не се ни препознава. Можеби е подобро што е така. Но оваа студена ноќ пареата од устите сите нѐ издава. Секој премолчан збор се вивнува од устите и полека исчезнува кон небесата.
Видов дека ми
Премолчи нешто- излезе
Само облаче!
Белешка за авторот:
Владимир Мартиновски (1974) e поет, раскажувач, есеист, теоретичар, преведувач. Роден е во Скопје во 1974 година. Дипломирал на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје, каде што и магистрирал во 2001 г. на тема „Интерференции меѓу македонската современа поезија и ликовните уметности“.
Докторирал на Универзитетот Париз III – Sorbonne Nouvelle, на тема „Аспекти на екфразиската поезија: Ш. Бодлер, В.К. Вилијамс, С. Јаневски, В. Урошевиќ, Џ. Ешбери и И. Бонфоа“.
Работи како редовен професор по предметите „Компаративни поетики“ на Катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Член е на Извршниот одбор на Меѓународната асоцијација за семиотика. Член е на Меѓународната асоцијација за компаративна книжевност, како и на извршниот комитет на Европската мрежа за компаратистички проучувања. Член е на ЗККМ, на ДПМ и на Македонскиот ПЕН.
Се занимава и со музика. Учествувал во музички проекти и изданија на: Оркестарот од изворни народни инструменти „Пеце Атанасовски“, „Калдрма“ и „Баклава“.
Неговата поезија е објавена на дваесетина јазици.
Приредил неколку антологии: Ut pictura poesis – поезијата во дијалог со ликовните уметности, тематски избор од македонската поезија (2006), Кога пеперугата станува песна (заедно со Лидија Капушевска-Дракулевска, 2010), Нов македонски хаику-бран (2011), Лирски додекамерон (2012), како и неколку зборници научни трудови од областа на книжевноста.
Добитник е на прва награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“ за 2009 година (за расказот „Бубамара на зрно калинка“), на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за 2010 година (за книгата Квартети) и на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеистика во 2013 година (за книгата Зоон поетикон).
Comments