top of page
Writer's pictureСофија Тодороска

β-Предлог книга на неделата: Беседење со неа


Автор: Андреј Медиќ Лазаревски

Година на издавање: 2021

Жанр: поезија

Осврт:

На 9ти јули оваа година, во дворот на кафе-книжарницата „Буква“ се одржа промоцијата на дебитaнтската стихозбирка на младиот поет Андреј Медиќ Лазаревски, „Беседење со неа“.


Исходно, оваа недела својот осврт го посветувам на горенасловеното дело чии стихови спонтано се положија во подлогата на денешното излагање.


Збирката поезија „Беседење со неа“ претставува албум од монолoзи на поетот со својот интроверзум сочинет во „неа“ на начинот кој самиот ќе го навести во воведот: „... Беседење со неа се сите разговори кои ги има секој од нас со неа, а „неа“ е сѐ и секој, и мојата љубена, и смртта, и публиката, и философијата и поезијата...“.


Мотивската основа е поставена во интимните доживувања на поетот исходени од силните чувстувувања и поривот на поетот да говори со својата внатрешност, запознавајќи ја.


Соодветно, стиховите на Медиќ Лазаревски се истоветуваат со гласната тишина во која пребива оној кој посакува да ја допре својата суштина.


Философијата во своето вистинито поимање се провлекува низ поетската мисла од која извираат стихуваните монолози, преплетувајќи се со основните мотивски нишки како гласот низ кој поезијата на Медиќ Лазаревски говори.


Во своите стихови, Андреј го стихува своето никогаш завршено запознавање на смртта и љубовта, како две спротивности чија суштина е среќава во единтвото, понатаму разгранувајќи ја мислата кон сите душевни интими, горити чувствувања и пориви.


Поезијата на Медиќ Лазаревски извира од исконската грација која поетот одново ја пронаоѓа во својата љубена, во љубовта кон философијата и поривот за самопознание, но повторно, низ неа се провлекува таа азурност која се излева врз личното чувстување на читателот.


Поетскиот израз на Медиќ Лазаревски е едноставен и прочистен, непосреден, но повторно изразито ликовит што создава еден слободен бескрај во кој читателот е слободен да ја надоврзе својата мисла на онаа која е стихувана и со тоа да пронајде портрет на своите доживувања во зборовите.


„Беседење со неа“ претставува неминат говор на поетот со себе си и својата инспирација, возгласен низ философската мисла, при бескрајното патување кон суштината како двигател на интимните тивки излевања содржани во стиховите на оваа збирка.

Одбрани песни:

Војна

Седам сам, мирен

Го имам оставено во градите

Ветрот да го чувствувам

Спокојно седам и водам војна

Војна во мене, во себе самиот

Дали нов живот да започнам

Или конечно да се успокојам?


Седам осамен, смирен

Ги имам оставено косите

Ветрот да ми ги оддува

Растажен седам и водам војна

Војна во мене, во себе самиот.

Дали да продолжи да чука

Или конечно срцево да го откорнам?


Седам возвишен,

Мирен и спокоен

Ги оставам мислите

Мозокот да ми го спечат

Восхитен седам и водам војна

Оголен седам дали да се облечам

Или пак на студов да смрзнам да оставам?


Веќе седам уморен

И не знам дали разбирам

Ги оставам и срцето и мозокот

И кожата да ми смрзне

Се одлучив светот да го напуштам

И душава повеќе на никој да не ја поклонам.


***


Во моите прегратки

Седам на облак,

Ме огреваат утринските зраци први

Мириса на трева

И се чувстува влажноста на воздухот.

Во мојата прегратка се наоѓа некој

Чисто лице со црвени образи

Го погледнувам- насмевка,

Спокој чувствувам,

Се појавува сонцето повеќе,

Се разденува

Очите кафени ме бараат

Витките од косата на тој лик се меѓу моите прсти

Мириса на неа и на свежо утро,

Изгрејсонце,

Запознание

Усните ми ја бакнуваат раката,

А потоа го галам тој врат

По лицето ми се сливаат капки од свежата роса

Славејчиња се слушаат,

Летаат над мене

И ми дошепнуваат:

Дали се сакате?


Белешка за авторот:


Андреј е основач и уредник на Култура β. Студент на институтот по философија на Философскиот факултет при УКИМ во Скопје. Член е на тимот на Филозофскиот филмски фестивал во улога на проектен асистент. Тој е активен автор е на проза, куси драмски текстови и поезија, учествува во неколку поетски читања од кои како најзначајно го издвојува своето прво ,,Скопски летни воздишки“. Се занимава и со аматерско актерство и режија. Има учествувано во над десетина театарски претстави од неколку различни драмски секции и младински студија за драма како Алтернативниот театар „Мали а големи“,„Месечев театар“ и програмата „Театар за сите“. Како актер учествува и во краткометражниот филм ,,Пет проскитни пруги“. Се јавува и како режисер на првата претстава ,,Какви мажи!?“ во склоп на аматерскиот театар на Култура β - Театар β. Тој е креативец со дух кои се стреми за појавно развивање на младинската некомерцијална и вонинституционална уметност па токму поради тоа се решава и за отпочнување на проектот Култура β. Автор е на една издадена поетска збирка „Беседење со неа“ (2021г.) која освои втора награда „Душата на чаршијата“ на Дата Песнопој- Битола.

Comments


bottom of page