Автор: Ирена Павлова Де Одорико
Наслов на оригиналот: „Антологија на заборавените македонски поетеси“
Година на издавање: 2013
Жанр: Антологија, студија
Какви луѓе се поетите? Поточно... Какви луѓе се поетесите? Во своето навистина исклучително дело, Де Одорико нѐ запознава со трите најголеми македонски поетеси Евгенија Шуплинова, Даница Ручигај и Радмила Трифуновска. Оваа антологија сведочи за животот на три извонредни ликови кои својата исклучителност ја преживуваат преку зборот, во еден голем, тежок свет во периодот по втората светска војна. Следствено, Де Одорико ни подарува три кристално чисти портрети на оние кои оставија голем печат врз современата македонска поезија, преку своите стихови, а со тоа и преку своето живеење. Во што се состои силата на нивното творење која успева да ги проткае овие три челични нишки во историјата на современата македонска литература, во едно бурно време на пресврти и репресии, наспроти ликот на сето она што дотогаш беше прифатено или отфрлено? Што е она што е својствено на жената и го украсува нејзиниот род? Во оваа антологија, содржан е избор на стихови од делата на трите поетеси, преку кои Ирена успева да ни го осветли поривот на нивното творештво, а со тоа и на нивното живеење, истакнувајќи ја силата на женската чувствителност, борбеност и исклучителна способност за обсервирање на сите светови кои го чинат животот. Токму оваа надареност на жената, оваа чувствителност и нежност претставуваат нејзина сенка, меч и победа. Ирена Павлова Де Одорико, преку својата подробна студија успева да ги оживее ликовите на три од најмаркантните поетеси во современата македонска литература, опишувајќи го ликот и наравот на секој поет кој животот го разгледува преку поезијата, а неговата поезија го говори животот. Можеби, оваа кристалност на изложеното се должи на тоа што самата авторка на ова дело е жена – поет која преку своите зборови умее да го искаже светот.
Белешка за авторот:
Ирена Павлова Де Одорико е поет, прозаист, преведувач и есеист. Родена е во Велес. Завршила Филолошки факултет во Скопје. Магистрирала при катедрата на Општа и компаративна книжевност на универзитетот „ Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Работела во повеќе медиуми во секторот на култура, а од 2001 година членува во ДПМ. Покрај тоа, работела и како новинар во телевизија Телма. Од 2004-2006 змала активно учество во Претседателството на ДПМ, како претседател на комисијата за трибини на ДПМ. Автор е на книгите: „ Велзевул“ (поезија, 1999), „Номад“ (проза, 2000), „Новата Ева“(поема, 2001), „ Деколте- длабоко“ (поезија, 2004), „Потстанарка“(проза, 2005), „ Од другата страна на животот“ (есеј, 2010), „Новиот човек“(поема 2012), „Пенелопа. Нет“ (поезија, 2016), „Пенелопа во Венеција“ (поезија,2016), „Љубовта на Марија од Магдала“ (поема, 2017), „Просветлени песни“ ( поезија, 2018).
Во 2001 влегува меѓу десетте финалисти за Европа за наградата: „Рома- Тиволи- Европа“. Истата година учествува на Светскиот поетски фестивал, Венециското биенале,од каде е селектирана во светската поетска антологија под наслов: „Специјална едиција на Венециското биенале“.
Ирена Павлова - Де Одорико живее и работи во Венеција, Италија, каде неизоставно ја оретставува македонската култура. Нејзините песни се застапувани и во неколку избори и антологии од современата македонска поезија. Добитник е на награда за најдобра песна на манифестацијата „ Празникот на липите“ во Македонија. Преведувана е на повеќе странски јазици меѓу кои на словенечки, хрватски, италијански, англиски, дански, српски, шведски, германски и други јазици.
Избрани цитати:
„ За нивните животи најмногу говори нивната поезија, за нивната поезија говори нивниот живот“
„ Поминав една мала одисеја во потрагата на луѓето што ја познавале, на книгите што ги напишала... кажано, недоречено... напишано... едвај најдено... Затоа, најмногу ја послушав тишината... Тишината за Евгенија Шуплинова“
„Имаат ли даровитите жени сенка што ги следи?“
„ Поточно, би рекле е поредок случајот да се разоткрива женската природа од страна на самата жена“
„ Вистинските поети не го делат животот од поезијата. Животот им е поетска обсервација, а во поезијата ја живеат секојдневната опсесија со земското.“
„Песните на Даница Ручигај општат со милион микросветови. Пишувајќи за себе, таа пишува за исконското во човекот и во природата“
„Радмила Трифуновска пишуваше со пулсот на сета внатрешна бездна, ама за неа знаат малкумина од Македонија. Скоро, скоро никој.“
Comments