Култура β го организираше својот прв поетски конкурс кој траеше од 14 до 19 декември 2020. Конкурсот беше отворен за сите поети и поетеси, со отворена тема за вечно збогување со 2020 година.
На конкурсот добивме многу материјал, а учество земаа автори од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.
Во продолжение имате можност да ја прочитате седмата, а воедно и последна, песна, која влегува во официјалниот избор на седум избрани песни, насловена како „Зар не се изморивме“ во авторство на Александар Величков.
Зар не се изморивме
Зар не се изморивме… Да влегуваме од еден живот во друг, да се распрашуваме и за другите да размислуваме. Како малечки, кафеави врапчиња, кои скокаат од гранка на гранка, од едно на друго дрвце, така и ние, како ненаситни и празни души желни за сѐ нешто, една врата отвараме, а друга затвараме, откако во еден живот ќе влеземе, а од друг излеземе. Зар не се изморивме… Да тивко од сенка се јавуваме и самите себе помалку почитуваме, да немаме свое јас, да немаме свое израснато стебло, ниту пак, свој тврд корен, да сме толку слаби и немоќни во себе, во својата празна душа, како некое мало, бело јагненце пред лутиот и гладен волк, со накострени очи, кој го демне својот плен, па, не можеме своето да си го искажеме и вистинското лице еднаш засекогаш, конечно покажеме. Зар не се изморививме.. Да сакаме да облечеме сѐ што не може да се носи, да минуваме длабоко низ трња, оголени и боси, да навечер сами со себе без причина плакаме,
а преку ден дури и невозможното го сакаме. Зар не се изморивме..
Да сакаме сѐ што е туѓо и не е наше, да не ја цениме туѓата мака, ниту пак она, што го имаме в рака. Да не сакаме во себе целносно да вложиме, да добиеме и кога на ризик самите себе ќе се изложиме. Како црни гаврани се осамивме, како некој був со крупни очи стоиме, другите ги гледаме и маки му броиме. Како некоја си дива змија среде соба во круг се вртиме, гледаме кого да го каснеме, а кого усмртиме. Како итра лисица во заседа чекаме, мислиме на кого зло да нанесеме, и неговата среќа со себе однесеме. Ах, зар не се изморивме… Навистина не знам, зар не се изморивме…
Нашиот последен ẞ-поет кој зема учество како дел од седумте официјално избрани автори од поетскиот конкурс е Александар Величков.
За себе вели дека зборува за гласот на тишината, пишува за сето она кое го изговараме со затворена уста. Инспириран е од ,,малите луѓе" во овој голем свет и затоа се одлучува сето она кое му потскокнува во душата да го пренесе на лист хартија.
Comments