Ако нешто е потребно во текот на оваа пандемиска реалност, тогаш тоа е уметност. А кога зборуваме за уметност неизбежно под тоа ја подразбирам и неконвенционална и вонинституционална уметност и особено младинска уметност и уметнички настани организирани од амбициозни младинци. Во Скопје редовен организатор на овој тип од настани се и скопските гимназии и нивните Кариерни центри или Училишни заедници,
па така, во овој β-муабет муабетиме со Екатерина Ендровска, член на Кариерниот центар на гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“ и еден од организаторите на нивниот младински уметнички фестивал „Уметникум“ кој годинава го доживува своето трето, по ред, издание.
Кога јас и мојата генерација пред три години за првпат го направивме Уметникум, го отпочнавме како предновогодишен уметнички фестивал и со амбиција тој да прерасне во уште една, покрај Корчагинската Просветилка, традиција на гимназијата. Тогаш, а и второто издание, се сочинуваа од претстави, поетски читања, панел дискусии, свирки и изложби, но годинава, поради ситуацијата со пандемијата Уметникум 3.0 е префрлен целосно онлајн и во различен концепт за кој ќе зборуваме во продолжение.
Најпрво со Екатерина поразговараме за овогодинешната симболика на Уметникум: „И покрај сите препреки предизвикани од (ново)настанатата ситуација на светска пандемија преку кои преминавме, со заеднички сили ние, членови на Кариерниот центар - РЈК, успеавме да го организираме Уметникум 3.0. Благодарение на технологијата, сепак ќе се одвива трета година по ред. Оваа година преку онлајн дискусија со уметници од нашата држава ќе дознаеме повеќе за нивното субјективно гледиште кон избраната уметност, но воедно како различни генерации гледаат кон неа од различна перспектива.“
„Како и секој офлајн настан, така и организацијата на ваков тип онлајн настан на моменти знаеше да сервира свои предизвици. Свирките, изложбите, претставите, настапите, дискусии очи во очи се веќе добро познати за сите кои се занимаваат со уметноста, но ретко кој досега бил дел од нешто вакво.“ истакнува Екатерина на прашањето за тоа колкав е предизвикот за организирање на настан од ваков тип. „Дали ќе успееме, дали ќе биде на ниво на минатогодинешните изданија на Уметникум со оглед на нашите лимитирани можности, дали уметниците имаат желба и време да бидат дел од нешто вакво бидејќи сепак за сите нив ова е ново? Принудената дистанца на сите нам ни остави траги, но предизвиците се минливи,а љубовта кон уметноста останува вечна.“
Оваа година Уметникум е организиран во облик на петдневен фестивал составен од дискусии со еминентни и познати уметници, но и со мноштво млади уметници. Сите ќе зборуваат за својот тип на уметност, за својата перцепција и за своите интереси и уметнички кариери. Па дел од гостите се младите уметници Дарко Гроздановски, поетесата Георгина Петреска, студентката по актерска игра Ана Јовановска, членовите на Break a leg, но и веќе познати имиња како Pluto’s Doubts, Тони Зен, актерите Тино Костадиновски и Тања Кочовска, поетесата Ана Голејшка, како и поетесата Ивона Марковска, ликовните уметници Кристина Атанасова, Венчо Милошевски, Ивана Јовановска и и скулптурот Сашо Саздовски.
„Концептот за оваа година е мошне интересен бидејќи за музичката, ликовната, литературната и драмската уметност имаме гости кои се “нови“ во уметноста односно сеуште го поседуваат оној почетнички ентузијазам кои некогаш го чувствувале пак оние гости кои имаат поголемо искуство, односно веќе подолго егзистенцијално зависат од уметноста. Идејата која ќе се провлекува низ дискусијата е субјективниот поглед кон уметноста. Со тоа ќе ги погледнеме уметностите низ очите и искуствата на три генерации. Во рамките на можностите, оваа година Уметникум 3.0 ќе ги замени поетските читања, свирките, изложбите и сценските изведби со онлајн дискусии за 5 уметности“ додава Екатерина.
Понудата на можност за запознавање на младите уметници и понуда на место за нивно претставување е неизоставен дел и традиција на Уметникум. Но годинава гостувањето од познатите уметници му додава на Уметникум дополнителна тежина. Па колкава е тежината за добивање на овие гости? „ Пред сè, многу сме благодарни на гостите кои прифатија да учествуваат на Уметникум 3.0. Гостите кои ги повикавме сметаме дека би ја претставиле својата избрана уметност во вистинско светло, почнувајќи од помладите генерации кои штотуку започнале озбилно да гледаат кон уметноста и оние за кои професијата и уметноста претставуваат синоними. Договарањето за гостување токму бидејќи комплетно се случуваше онлајн можеби беше еден од поголемите предизвици со кои се соочивме, но секако на крајот испадна баш онака како што беше предвидено по план – идеално. Сега на публиката и останува само да ужива во дискусиите со нашите прекрасни, талентирани гости!“
Настанот ќе се одвива на онлајн платформата Zoom, со почеток во 18:00 часот. На фејсбук настанот се поставени zoom линковите на кои ќе можете да ги следите дискусиите, по веќе објавениот распоред. Линковите може да се најдат и во биото на инстаграм профилот @karierencentar.rjk соодветно. Секој е добредојден да се приклучи и да ги следи дискусиите!
Comments