Кога ги разгледуваме случувањата од пандемијата и кога би барале барем една позитивна работа, несомнено, сите би се согласиле дека во текот на карантинската (не)реалност скоро сите наоѓаа свои начини, веќе испробани или нови, за уметничко изразување и творење. Па така луѓе напишаа збирки, сликари насликаа многу слики, се појавија многу млади режисери со аматерски краткометражни филмови, но и сè повеќе може да се сретнат млади уметници кои создаваат сопствени облека, накит и слични аксесоари комбинирајќи ги со свој уникатен уметнички израз.
Во ова издание на β-муабет разговарам со две, поинакви, уметници кои имаат свои лични уникатни линии на накит и облека. Разговарам со Ана Марија Тикова од TIKA Handmade и Ива Џорлева од Sliva Design. Две штипјанки кои за себе велат дека уживаат во секаков вид на уметност и, можам да потврдам дека читајќи ги одговорите на прашањата кои им ги поставив за овој муабет, навистина се гледа уживањето во нивното творештво. Во продолжение имате можност малку повеќе да се запознаете со нив и нивните иницијативи, уметност и работа.
Секако, најпрво ги запрашав за тоа како започнаа нивните иницијативи т.е. како почна TIKA Handmade, а како Sliva Design. „Тика започна од желба за ново хоби. Секогаш сум ЗА и секогаш сум отворена кон пробување на нешто ново, посебно ако е поврзано со уметност. Случајно на инстаграм дојдов до онлајн обука за работа со полимерна глина и епоксидна смола, па веднаш ја зграпчив шансата. Од тука ја добив идејата за создавање на TIKA.“ ни расказжа Ана Марија, а Ива во продолжение ни раскажа: „Од секогаш имав пасија за цртање, облека и мода, која ја вложив во создавање на лимитирани парчиња облека и аксесоари со рачно цртани дизајни,што всушност претставуваше материјализирање на мојата пасија во брендот Слива“.
Понатаму позборувавме и за идеите односно од каде идејата за отпочнување на вакви иницијативи. Па Ива ни раскажа дека идејата, всушност, ја добила од своите родители: „Мојата мајка гледајќи ги моите цртежи ми даде предлог дека истите би можеле да бидат погодни дизајни за текстилни материјали, додека мојот татко сугерираше дека и поединечни парчиња облека со ваквите дизајни би биле интересен производ за младите“. А Ана Марија, пак, ни раскажа дека идејата и потекнува од тоа што можеби некој ќе се пронајде во парчињата и ќе ужива носејќи ги истите, исто толку колку што таа ужива додека ги прави.
Како што веќе напоменав и во воведот на муабетот, несомнено, пандемијата влијаеше на општиот поголем уметнички израз, па неизбежно беше да се постави и тоа прашање. „ Па, може да се каже дека влијаеше, но од единствена причина што во сето тоа слободно време си барав нешто што ќе ми овозможи ново искуство“ вели Ана Марија, додавајќи дека барала нешто ново што ќе и причинува задоволство. Па Ива, само потврдувајќи ја нашата теза додаде: „Пандемијата всушност имаше голем удел во почнувањето на Слива. Сакајќи да не и дозволам на лошата ситуација во која бевме да влијае на моето расположение, решив да се посветам на цртање. Така времето кое го минав затворена дома и не беше толку лошо, бидејќи ми помина во истражување, цртање и постепено остварување на целата идеја.“
Но, како тече процесот на изработка? „Целиот процес на работа со полимерна глина и епоксидна смола за мене е возбудлив и релаксирачки истовремено. Техниката за работа со полимерна глина е сосем различна од онаа за епоксидна смола. И двата материјали нудат безброј можности, може да се комбинираат еден со друг и секогаш, ама секогаш има простор за екпериментирање. Изработките ги правам сама, а времетраењето е секогаш различно. Создавам само кога ја чувствувам магијата на моменталната инспирација.“ ни раскажува Ана Марија.
„Сето ова го направив без никакви очекувања, прилично се изненадив од фидбекот и задоволна сум!“ едноставно ни одговори Ана Марија на прашање за добиенот фидбек од досегашната работа. А како еден од купувачите на Sliva Design истото прашање морав да го поставам и на Ива која накратко ни одговори дека иако секогаш има простор за повеќе, секако е задоволна и благодарна на веќе добиениот фидбек.
Понудата и изработките на TIKA Handmade и Sliva Design може да ги погледнете на нивните инстаграм профили, секој кој би посакал уникатно парче со кое ќе го збогати својот стил може да го пронајде и порача таму, а наше е само да додаваме уште повеќе поддршка!
Comments