top of page
Writer's pictureАндреј Медиќ Лазаревски

β-муабет со Ана и Тео од Кариерниот центар при РЈК

После одлично организираниот младински уметнички фестивал „Уметникум“ во февруари оваа година, матурантите од скопската гимназија „Раде Јовчевски – Корчагин“ повторно креативно ги освојуваат онлајн просторите. Осма година по ред Корчагинци ја организираат најголемата средношколска манифестација – „Корчагинска Просветилка“, а оваа година, како и претходната, манифестацијата се одвива онлајн.


Денес еден поранешен Корчагинец разговара со двајца Корчагинци кои се

оганизатори на овогодинешното издание на „Корчагинската Просветилка“, разговарам со Ана Трпевска која е еден од главните менаџери на Кариерниот Центар при РЈК и за себе вели дека е „збунетата бушавка која ќе ве води низ целата Просветилка“ и разговара со Тео Свинарски кој е матурант во Корчагин и еден од кариерците кои учествуваат во организацијата на настанот.


„Корчагинска Просветилка“ за Корчагин е, можеби, најважниот настан со кој се заокружува Корчагинската приказна. Секоја година, од 2013 година па наваму, матурантите ја организиравме и ја организираат „Просветилка“, што во Свечената сала во Корчагин, што во МОБ или Филхармонија, а поради актуелната ситуација манифестацијата добива целосен нов облик – онлајн издание. Кое е значањето на „Корчагинската Просветилка“ за оваа генерација?

Ана Трпевска

АНА: Според мене „Просветилка“ за нашава генерација претставува еден креативен излез од целава ситуација. Самата „Просветилка“ е еден голем предизвик и истиот тој предизвик беше додатно отежнат од далеку познатиот вирус Ковид-19. Но, ние Корчагинците не само што го прифативме и успешно го совладавме предизвикот туку и дадовме добар осврт.


Сите сме свесни за отежнатоста на организирањето настани во корона-период. „Корчагинската Просветилка“ како настан на кој работат над 50 луѓе секоја година и публика која се движи од 750 па до 1000 луѓе годишно е речиси невозможно физички да се оствари. Па какви се плановите оваа година, како и кога ќе се оддржи „Просветилка“?


ТЕО: Годинава, како и ланската, „Просветилка“ ќе биде во онлајн варијанта. Ако сè оди по планот, надежно ќе може да ја проследите во теков на следната недела на YouTube каналот на Кариерниот центар.


Фестивалот „Уметникум“ помина прилично одлично и во онлајн издание, каков беше предизвикот за организирање на „Корчагинската Просветилка“ во време на пандемија?


АНА: Како што веќе кажав во првото прашање предизвикот беше голем. Но, желбата да се реализира оваа просветилка беше поголема. Сепак ги следевме мерките и останавме заштитени.


„Просветилка“ секоја година изобилува со синкретичност - од театарски перформанси до музички настапи, стенд-ап настапи, официјални излагања, видеа, хорски изведби. Што нуди „Корчагинска Просветилка“ оваа година?

Тео Свинарски

ТЕО: За разлика од претходните Просветилки, според можностите кои ги имавме ние како генерација, оваа 8ма Корчагинска Просветилка има поразличен концепт. Хумор, малку иронија и хипербола, по некоја преработка на песна, нас Корчагинци и многу љубов е она што е темел на овогодинешната наша верзија од оваа манифестација.


Како тече и како сте задоволни од процесот на подготовка на настанот?


АНА: Искрено мене многу ми се допаднаа идеите, заинтересираноста и желбата да ја реализираме годинешнава „Просветилка“. Атмосферата додека ги снимавме сцените беше предобра и нè врати на времињата кога одевме во школо со присуство.


Колкав тим стои позади Кариерниот центар годинава и дали имаше заинтересираност воопшто во вакви услови да се нафатат луѓе да го направат настанот?


АНА: Тимот е составен од членовите на Кариерниот центар како и доброволци кои појавија интерес за учество. Морам исто така да ги пофалам нашите камермани од 3та година кои своеволно прифатија да помогнат.

Како што веќе и споменав „Кочагинска Просветилка“ е најважниот настан кој го огранизираат Корчагинци преку Кариерниот Центар, секоја година се гледа по секоја цена да се направи уште едно ново и одлично издание на настанот. Колку за вас, како генерација, беше значајно и оваа година, иако пандемиска, да се оддржи Корчагинската традиција?


ТЕО: Просветилката, веќе осум години по ред, е круна на секоја генерација која излегува од Корчагин и е плод на трудот на Кариерниот центар. Покрај сите предизвици и препреки со кои бевме соочени, од типот како тоа ќе се изведе годинава, како ќе се напише, направи сними итн. не доаѓаше предвид баш ние да ја прекинеме оваа традиција. Искрено се надевам дека и идните генерации ќе ја продолжат Корчагинската Просветилка без разлика на условите во кои се наоѓаат.


Наскоро го очекуваме новото издание на „Корчагинската Просветилка“, дотогаш за Корчагинци, како и секогаш, само пофалби, а подолу ѕирнете го трејлерот за овогодинешното издание на манифестацијата:




Comments


bottom of page