Дали победата на „Паразит“ на Оскарите беше последната добра работа годинава?
Пред точно една година, во рамките на скопскиот фестивал за европски филм „Синедејс“, се случи премиерата на овогодинешниот оскаровец – „Паразит“. Во периодот од ноември минатата година до ноември 2020 се случи најголемиот настан во последните години и години од светската историја (и не, не зборувам за освојувањето на „Паразит“ на сите најпрестижни филмски награди, иако и тоа е еден клучен момент) – појавувањето на корона вирусот. Зошто е тоа настан кој целосно го менува текот на животот во 2020, но понатамошниот развој на светот нема потреба да се каже. Но, зошто во иста реченица спомнувам еден обичен филм и глобална пандемија? Тука не станува збор за филмска рецензија или фалење на генијалниот Бонг Џун-хо, туку за разгледување на идеите кои произлегуваат од неговото ремек-дело, исклучително релевантни за денешната состојба на светот. Дали после цела една година од премиерата гледаме поразлично на „Паразит“?
Во кратки црти, во „Паразит“ станува збор за сиромашното четирчлено семејство Ким кое полека се обидува да се инфилтрира во луксузниот дом на богатите Парк. Филмот ја разработува темата на класна нееднаквост, но приказната не завршува тука.
Во време на глобална пандемија, повеќе од било кога претходно е јасно значењето на јазот помеѓу богатите и сиромашните, помеѓу привилегираните и непривилегираните, помеѓу маргинализираните групи наспроти мнозинството (а што кога маргинилизираните групи стануваат мнозинство?). Се соочуваме со скандалозно откровение кое и не треба да биде толку скандалозно затоа што всушност го опишува главниот проблем во едно капиталистичко општество – богатите се вистинските паразити. Тие се оние кои „се хранат“ преку есплоатирање на трудот на работничката класа.
Па така, кога во Македонија, но и светот за првпат се појавија позитивни случаи на Ковид-19 во март (да не заборавиме како всушност дојде до првото раширување на вирусот затоа што и таму наидуваме на типичен пример за проблемот кој го опишувам) и кога на сцена стапи првата фаза на апокалипсата што е 2020 година, лесно беше од комфортот на својот дом да пропагираме #седисидома и послушност. Мене, на мојата фамилија и на многу други случаи на привилегирани граѓани, периодот за време на карантин беше време за одмарање, гледање филмови, стекнување на нови продуктивни навики, журки на Zoom, параноја, пишување статуси на Facebook, а од време - на време и паничење за корона.
Секако, зборувавме и за тоа како е клучно да се седи дома и да не се излегува освен кога е неопходно. Така и е. Групирање, непотребно излегување и неносење маска се нешта кои беа недозволиви во март, а се уште повеќе сега и останува на индивидуата да го разбере тоа. Неодговорно е да се журкаме кога по болниците секојдневно има луѓе кои се борат со нешто толку основно како дишење. Меѓутоа, она што е уште понечовечко е слепоста кон фактот дека постојат луѓе кои не можат да си дозволат да седат дома и да бидат послушни. Не зборувам за бунтовните млади, туку за оние чие опстојување и преживување зависи од излегување и напуштање на домот.
Двајцата мои родители работат државно. Како професорка во средно образование, од март до јуни (но и во текот на летото), мајка ми не одеше на работа, а добиваше редовна плата. Татко ми беше во слична ситуација со тоа што една недела работеше на лице место, една дома
(по драстичнот скок на бројот на заразени во последниве неколку недели, сега тоа се менува на еден ден). Меѓутоа, тоа не беше ситуацијата за мојата другарка. Таа спаѓа во групата на население кое е во ризик од корона вирусот, а нејзиниот татко, кој е единствен вработен во фамилијата покрај сестра ѝ, и тоа приватно, мораше да продолжи со одење на работа, со тоа ставајќи ја нејзе во опасност, но и самиот себеси и останатите членови на семејството.
За жал, тие се далеку од единствениот пример за тоа. Што со оние кои живеат во периферијата на градот, а работат некаде во Центар? Што со оние кои не можат да си дозволат возење на автомобил или викање такси кое чини минимум 200 денари од периферија до град и тоа само во еден правец? Нормално, зависат од градските автобуси, кои пред сѐ е дискутабилно колку често се дезинфицираат, дури и во време кризно како ова, а потоа, се секогаш, без исклучок полни. Зарем не е апсурдно намалување на бројот на автобуски линии токму сега? Со која цел? Тоа не доведува до ништо друго освен гужвање со луѓе кои мораат да се качат во тој автобус за да стигнат до дома или на работа, зашто друг нема да дојде во следните минимум два часа. Самиот јавен превоз е ризик, исто како што е и работното место, како за себе, така и за оние околу. Но, што со тоа? Зарем постои друга опција?
Моите најдобри другарки живеат во Драчево. Првпат по три-четири месеци месеци ги видов дури доцна во јуни, така што ме однесе татко ми со автомобил. Следните неколку наши видувања, од јуни па до денес, можат да се избројат на прсти, но заедничко за сите тие средби е тоа што секогаш се случуваа кога некој од нивните родители беше во можност да ги донесе во Центар.
Така, додека сите ние кои сме доволно привилегирани да имаме дом и (родители со) стабилна работа, можевме да бираме кога, каде и со кого ќе излегуваме и ќе се среќаваме. Опстојува(в)ме со тоа што за нас работи некој друг додека ние седиме дома и го обвинуваме непослушниот народ за високите бројки на новозаболени. На другата страна од приказната се оние кои работат по маркетите, болниците, фабриките и ни овозможуваат да си седиме на топло и пријатно, со наполнет стомак.
Досега зборував за средната (во која спаѓам јас и најголемиот број од луѓето кои ги познавам) наспорти ниската класа. Што со оној 1% кој е на врвот?
На нејзини 18 години, мојата другарка веќе деветти ден по ред се соочува со сериозни симптоми како резултат на Ковид-19. Доналд Трамп, на негови 74, само два-три дена по позитивниот тест се врати во Белата куќа, жив и здрав, без никакви последици. Логика? Нема.
За нејзиниот јубилеен четириести роденден, Ким Кардашијан изнајмила приватен остров на кој со приватен лет пристигнале триесетина од нејзините најблиски пријатели. Ова се случува на крајот на месец октомври, кога секој нов ден значи нов рекорд на новозаболени во САД, но и во поголемиот број на земјите во светот. Јас не можев да го прославам мојот 18-ти роденден со повеќе од четири луѓе, само десетина дена претходно. Ким Кардашијан, се слушаме? Добри сме?
Нејзината помала сестра, Кендал Џенер, недела дена подоцна, организирала забава по повод нејзиниот роденден (барем има многу луѓе родени во октомври) и Halloween на која присуствувале повеќе од стотина луѓе, многу од нив познати личности. А обичните луѓе? Тие нека се секираат дали овој ден во продавница ќе оди синот или ќерката.
Неизбежно е во разговор за пандемијата и класната нееднаквост да се спомене и далечинското учење. Логично е образованието да се одвива онлајн во време кога во држава со два милиони жители, дневно се заболени повеќе од 1000. Тоа е единственото решение на дадената ситуација во овој конкретен момент. Но, што се децата кои немаат лаптоп? Децата што немаат интернет? Децата што не можат да си дозволат тивка работна атмосфера? Што им останува ним? Ако нели, образованието и трудот се пат кон успехот и излез од сиромаштијата (што не е така), како тие деца ќе се бидат доволно учени за воопшто да тргнат по тој пат?
Омилен дел од почетокот на пандемијата па сѐ до денес ми беше кога познатите личности снимаа видеа како ја пеат Imagine од John Lennon во нивните палати за да покажат на нивните кутри фанови дека и тие поминуваат низ истото. Тоа е всушност периодот кога за првпат се појавија Parasite memes кои ја исмеваат нивната игнорантност за својата привилегија. Многумина од нив изјавија дека оваа криза е прикриен благослов, па за брзо време се појавија споредбите со сцената од „Паразит“ во која мајката од семејството Парк ја нарекува бурата која претходната ноќ целосно го уништи домот на семејството Ким – such a blessing.
Оттука, освен со корона кризата, класната нееднаквост може лесно да се спореди и со глобалното затоплување. Исто како што во филмот водата се движи надолу кон сиромашните, исто како што сонцето грее само кај богатите, така и климатските промени први ќе ги затекнат оние кои се најмалку заслужни, а најтешко би се справиле – ниската класа.
„Паразит“ вели дека трудот на работничката класа е невидлив за нивните експлоататори. Јас велам дека слично на тоа, вистинските последици од пандемијата ќе бидат невидливи за богатите и дека оние кои вистински (ќе) страдаат се оние кои не можат да си дозволат поинаков начин на живот од оној на кој се навикнати.
Comments