Колку често мислиш на Римската Империја? Прашање со кое што сме бомбардирани последните дена и на кое што сите го знаеме одговорот. Барем еднаш неделно или еднаш дневно, ние (прашањето воглавно се мисли на машките), мислиме на Римската Империја.
Но, на што се должи овој тренд кој стана толку популарен?
Па, фактот дека била сеопфатна империја и траела повеќе од еден милениум во некаква форма е нешто кое многу народи и нации го имаат врежано во својата култура и историја придонесува до нејзината популарност. Но, голем број од империите после неа пробувале да ја емулираат или да ја наследат титулата за да си дадат легитимитет на своето владеење. Токму заради тоа што го гледале како ,,период на големи напредоци во култура, знаење и цивилизација или совршено општество“. Токму за овој идеал на совршеноста сакам да зборувам во оваа колумна.
Океј, после тој почеток, мислам дека останаа само машките, па можеме сега да почнеме со зборување.
Често се случува да ја слушнеме споредбата дека сега сме на крај на еден временски период, крај на Pax Americana (Pax Romana - период на 200 години на мир и златен период на Римската Империја) и констатно да се прават паралели помеѓу двата нивни подеми и паѓања. Не се исти врвовите на гледање гладијатори кои се борат со лавови и можноста да си купиш куќа или стан. И нивните депресии, нивните лоши времиња, целосна инвазија и согорување на цивилизацијата или во нашиот контекст, дека живееме во нефункционални социо-економски системи. Двата клучни моменти кои биле есенцијални за тие светови се распаднати и токму во ова чувство луѓето се пронаоѓаат. Тие уживаат во периодот помеѓу замислата на врвот на империјата и на кратката граница до нејзиниот пад, за да си ја ублажат сегашната состојба. Мислам дека овој ист момент е присутен кога луѓето ги гледаат југоносталгичарските или екс-социјалистички видео монтажи, страници или архиви.
Тоа е гледано во општествениот контекст, но во поиндивидуалниот се манифестира кај младите во форма на рилс. Рилсовите најчесто се како да се справат со скршено срце, ама сите знаеме што е одговорот, да се зачлените во теретана и насредина се расфрлани слики или исечоци од римски статуи. Со фактот дека ќе направите мускули ќе ѝ покажете на женската што пропушта е врвот на вашиот развој. Константно мора да се зголемува и да се работи на екстериерот, а никогаш да не се премине границата и интроспективно да се погледне кон самиот себе. Како што е и наративот, империјата пропаднала заради оние варвари кои ја напаѓале констатно затоа што екстериерот не бил доволно силен.
Но сега, заедно со растот на мажосверските инфлуенсери се шират метафори и цитати кои прелошо се толкувани и кои едноставно немаат логика. Ќе го напуштиме Матриксот со тоа што ќе станеме негови членови? Неподнослива ти е секојдневната ситуација? Треба да се навратиш на стоицизмот, филозофијата која што владела со Римската Империја и мораш да бидеш издржлив како римски војник. Мораш ти да бидеш силен, за таа да биде силна. Ако таа можела да издржи, и ти мораш и твоја должност е да го направиш истото.
Не само што се гледа кон империјата во позитивна смисла, луѓето сакаат и чувствуваат потреба да се нејзини членови. Дека подобро би им било да живееле во тоа време отколку сегашното. Си ги фантазират нивните идеални животи во идеалното општество, но на што се должи тоа? Се должи на фактот дека до толку е романтизирана и далеку од нас (временски), што сите негативни мисли и чувства е смешно да бидат споменати. Не се само статуите избелени, туку и сите злодела. Аргументирам дека истите луѓе би го мислеле истото нешто за империите што траеле до вчера, но ако живееле сто или двесте години во иднината. Со оваа фантазија и фетишизација тие го хранат Недостатокот што го чувствуваат во секојдневниот живот. Ги изигруваат нивните мрачни фантазии што би направиле, како би направиле затоа што се чувствуваат лишани од секаква контрола врз своите животи. Не се повеќе тие конзуматорите на медиумот, туку глумци, режисери и цели продукциски куќи.
Сѐ е во моќта.
Има еден виц, Римјанинот што допринел најмногу за математиката е тој што му ја исекол главата на Архимед.
И како за крај, сакам да спомнам и да се навратам на самиот геополитички контекст. Дека да, Рим се романтизира како столбот на западот затоа што дефатко е, ама со неговото романтизирање се дава се поголем суверенитет на западот како општество. Секогаш ни е кажувано дека античка Атина е местото каде што се родила демократијата или дека европските вредности се над другите и треба да се пропагираат насекаде.
Главниот на дипломатијата на ЕУ самиот кажува ,,Европа е градина, а другиот дел од светот е џунгла“. Евроцентризмот и големината на Рим се истата страна на различна пара. Кога се зборува за едното, често се зборува и за другото и се надоградува. Никој никогаш не се сомнева кој го изградил Колосеумот или сите градби подоцна. Но сите сме убаво запознаени со теориите дека Пирадимите се изградени од вонземјани, затоа што нема шанса некој што не е од Европа да го направи тоа.
Сите автори стојат во целост зад кажаното во своите колумни, дела, песни, кратки раскази и друг вид на текстови кои ги објавуваме. Култура β не мора секогаш да се согласува со ставовите на авторите, а искажаните ставови не секогаш ја рефлектираат уредувачката политика на Култура β.
Comments