Вчеравечер (10.5.2023) во галеријата на Младинскиот културен центар се случи првата самостојна изложба на младиот ликовен уметник Филип Мартиновски наречена „Соништа“. Во полната галерија, куси обраќања за изложбата и публика оставена да ужива во дебитантската изложба – првите соништа на Мартиновски се остварија!
Сликите на Мартиновски се вжештени, видлива доминација на портокалова, виолетова, жолта и сина боја, во речиси секоја слика со присутна симболика на окото, устата, главата и фацките (како што ги нарекува Мартиновски) и главно со текника акрил и/или фломастер на платно или картон – сите кажуваат нешто, (о)зборуваат, те гледаат, те впиваат или те јадат.
Неколку дела од изложбата оставаат силен впечаток и главно за истите присутните и најмногу зборуваа. Делото „Мразулци од фацки“ е едно од нив. Во ова дело доминантна е жолта боја во основата која во неколку наврати е пресечена со шилци-мразулци кои се составени од мали фацки. Симболиката може да биде различна и да се протега од крајност до крајност, од чиста шега до крајно општествено толкување на индиферентноста на луѓето како замрзнат колектив/маса/раја кои ја гледаат средината во која живеат целосно неутрално што е прикажано со жолтата боја, а не како лошо (црвено) или добро (зелено).
Други две позначајни дела од изложбата, барем за мене, беа „Улица со скици“ и „Слики во слика“ каде што е видлива одредена автореференцијалност и автоприсутност во сопствените дела. Во сликата „Улица со скици“ би можеле да го препознаеме уметникот присутен во сопствената слика, вметнувајќи се себе како Унамуно во романот „Магла“ и делото „Слика со слики“ вметнувајќи сопствени слики во една поголема слика како реферирањето на Сервантес самиот на себе на почетокот на „Дон Кихот“.
Но, за мене најзнајна и најдопадлива беше сликата-триптих составена од делата „Чамец“, „Мост“ и „Воз“ кои покрај тоа што се сродни по сличност на боите нудат и една полиперспективност на една иста слика, но нуди и поглед кон неколку дуалитети или спротивност кои доаѓаат во судир кога еден воз поминува над река. Триптихот ја нуди дуалноста на смирноста и брзината, тишината и бучавата, природноста и општественото, самата природа и интервенцијата врз неа и сѐ тоа преку чамецот и возот. Можноста за различните перспективи на еден ист поглед ја нуди хоризонталната поставеност на делата па така во даден момент можеме да гледаме само во чамецот, само во мостот и само во возот, но доколку сликите би ги поставиле една над друга тогаш може во еден ист момент да гледаме мост на кој поминува воз, а под него чамче кое се тресе. Можноста за вакви интерпретации, играрии и можни толкувања ја покажува вештината на Мартиновски како сликар кој не игра само со боите и техниките, туку веројатно и со нивните значења.
За крај, темата на сонот. Насловот на изложбата „Соништа“ е уште еден полисемичен момент во целиот проект кој се гледа дека е со умисла избран ставајќи ги умешно под своја капа сите слики изложени во рамки на оваа изложба. Кога ќе влезете во галерија, а тоа можете да се направи во наредните денови додека трае изложбата, влегувате во сон, во сонот на Филип кој е жив, исполнет со луѓе, со очи кои гледаат и следат и усти кои не можат да кажат ништо, но (о)зборуваат преку боите кои ги испуштаат. Соништата на Филип Мартиновски се срочени така како што треба да бидат понудувајќи им на примачите на оваа уметност еден мал увид во сонот, а потоа да го разберат толкувајќи го секој според својот соновник.
фото: Андреј Медиќ Лазаревски // Марија Велинова
ความคิดเห็น