top of page
Writer's pictureКултура β

Втор ден Cinedays: Бевме покрај смртта, архетиповите на мажественост и до границите на љубовта

И оваа година Cinedays ни носи богата програма. Ова може да се забележи и од вчерашниот ден, кој впрочем беше и вториот фестивалски ден, во кој имаше проекции на дванаесет филма на четири локации: парк МКЦ, кино Фросина, Кинотека (внатре и надвор). За жал, невозможно е да се биде на четири места одеднаш, па затоа морав да направам избор кои филмови ќе ги проследам. Па, така успеав да ги проследам Приспивни сирени (Siren lullabies) на Кристина Атовска, Дали си маж? (Are you a man?) на Ѓорче Страврески и Граници на љубовта (Borders of love) на Tomasz Winski.


Првиот филм кој го гледав, а и воопшто првата проекција на денот, беше независниот долгометражен филм на Кристина Атовска, Приспивни сирени. Почна во 16:30 часот, во најжешкиот период од денот, што беше неправедно бидејќи овој филм мора да го погледнат многу луѓе. Режисерката на филмот всушност е македонска новинарка која сама отиде во Украина да известува за војната во првите четири месеци. Иако имам одбивност кон документарци, овој филм не ме остави рамнодушна. Наместо вообичаените фактографски раскажувања, исполнет е со „фрагменти од животите на оние кои останале да живеат во војна и оние кои отишле да им помогнат“.


Нѐ води со неа од почеток, ги слушаме коментарите отстрана за тоа како таа не знае што е тоа војна, дека ниеден наш медиум нема да ѝ ги покрие трошоците, дека би дошле со неа, но не им се „гине“. Гледајќи го филмот „со секој нареден чекор се отвора нова врата на пеколот“, зборот страв е најчесто изговараниот збор при интервјуирањето на преживеаните, но од друга страна пак, се гледа решителноста на луѓето, нивната волја и цврстина. Ни докажува дека сите претпоставки кои сме ги имале за тоа што значи војна се погрешни и дека секоја бројка од загинатите има свој глас, дека „секој од нив е симбол на отпорот“. Сигурна сум дека овој филм ќе се гледа и прегледува и по крајот на војната, кој се надевам брзо ќе дојде.





Вечерта отидов на полабав но не и помалку општествено ангажиран филм. Следното нешто што го гледав беше краткометражниот филм на Ѓорче Ставревски Дали си маж?. Оваа проекција беше под отворено, во паркот зад МКЦ со повеќе од солидна бројка на публика. Морам да кажам дека филмот за разлика од други краткометражни кои често остануваат недокажани, пријатно ме изненади во заокруженоста на дејството која ја имаше. Ја разработува темата на токсичната машкост која е вкоренета во нашето општество. Во главната улога се наоѓа младиот Данило Ивановски кој одлично си ја заврши својата работа покажувајќи ја битката која се води со очекувањата за тоа каков треба да се биде. Тој е испратен на мисија да ја докаже својата машкост, но притоа се среќава со различни форми на мажественост: сопруг кој си ја тепа жена му, момче кое се учи да боксува и изреволтиран маж кој вреска: „ми шитна аспирин место бело“.




Мисијата е успешна, но мажот кој треба да ја валидира храброста на младото момче е пијан, па жена му го носи дома. На духовит начин филмот во петнаесет минути успева да го исмее лажното херојство и да допре доста проблематични теми кои дури некои долгометражни филмови не успеваат.










Третиот и последен филм кој го проследив беше чешкиот филм Граници на љубовта од режисерот Tomasz Winski. Насловот одлично ја сумира темата која се проблематизира во 95те минути. Соочени сме со пар кој ги истражува водите на немоногамноста и сите перипетии кои притоа се случуваат. Овој начин на живот за нив не успева бидејќи, веројатно, ги преоѓа границите на љубовта за мажот. Филмот беше снимен на естетски задоволителен начин, но можеби малку предолго траеше расплетот на настаните.





По денот исполнет со различни филмови сите завршивме во холот на МКЦ каде танцувавме на живата и пост-модерна музика на белградскиот бенд Визељ. Бендот комуницираше со музиката и преку добрите гитари и тапани, но и со танцување на истиот подиум со неа. Дефинитивно ќе ги преслушам дома!





 

Фото: Официјална Facebook страница на МКЦ // приватна архива

Comments


bottom of page