Младата поетеса Ивана Јовановска мината недела ја промовираше својата нова, втора, стихозбирка насловена „Номадски затвори“. Стихозбирката содржи 29 песни што главно циркулираат на теми поврзани со патувањето, животот отаде домот, дистанцираната љубов, па сѐ до смртта во неколку форми. Низ песните има чести референци на автори како Стефановски, Бодаков и Рембо што дава еден осврт кон нивното творештво, но и една нова интерпретација на нивните дела, па и емотивна поврзаност со авторите како ликови. Стихозбирката, иако куса, е прилично стегната, целовита, слоевита и циркулира од аспектот на себе-рефлексија до социјална промисла.
Микаел Фогел за поетиката на Ивана Јовановска вели: „Доказ за нејзината сила е што нејзината поетика „на постојните залихи“ секогаш им додава „нова количина страв“. Тоа, драги читатели, е она што ни треба од поезијата. Бидејќи стравот, вознемиреноста, суровоста, чистиот трепет... се резервите. Залихите најважни за опстанок. Средствата за преживување.“. Јулијана Величковска, пак, за збирката ќе каже дека „Номадски затвори на Ивана Јовановска е емотивна имплозија. Поезија, небаре падната трепка што чека најнежниот здив на ветрот да ја однесе далеку, сосе трепетот. Пишувана во мигот на нишањето по најтенката можна линија помеѓу сонот и јавето, помеѓу животот и смртта, помеѓу љубовта и заборавот...“
Во продолжение прочитајте неколку песни од „Номадски закони“:
мала патна торба
те оставам секогаш мирен.
тебе, што си си се потпрел
на едното рамо на европа и трпеливо чекаш
како помеѓу нас да нема километри, планини,
возови, разделби, распореди.
со дел од себе
во тебе пронаоѓам часови чекање
и знам дека морам да ти се вратам,
да го запрам часовникот што брои.
помеѓу љубовни песни, чекори и молчење
ме раззеленуваш и ме ослободуваш.
добрите поети пишуваат за универзални нешта,
а јас пливајќи во купишта стихови за тебе
никако да се подобрам.
само те љубам и се протегнувам
од едно до друго море
и од еден до друг бескрај
се пакувам во мала патна торба.
ако
ако си река
ќе истечеш
ако си оган
ќе изгаснеш
ако си нежност
ќе се сокриеш
ако си болка
ќе се прегрнеш
ако си сонце
ќе зајдеш
ако си месечина
ќе ме најдеш
ако си страв
себе ќе се победиш
вљуби се
и тивко ќе се ослободиш.
епитаф
нашиот епитаф се подготвува
уште од мигот кога првпат ќе чуеме:
денес
пак
некој прерано си заминал.
кревки сме додека сме живи
приказните ни ги собира во патна торба.
тие ќе зборуваат и по нас.
повторно војна
никогаш не помислуваме
на туѓата мака
сѐ дури пукотници
другиот не го стопија во нас.
сѐ дури не чувме дете
што си ја оплакува иднината без да знае.
разлевање во себе
веруваш зашто не се плашиш
од јамите на болката
што почнуваш да ги длабиш.
зашто си
немоќна прашинка на мигот
и вечноста не ти е дозволена.
зашто знаеш како да се разлееш во себе
и топло да го прегрнеш светот.
Comentarios