Во соработка со ПНВ Публикации го најавуваме вториот дел од учесниците на првото издание на „Добри гости - книжевни гостувања низ Македонија (vol.1 Штип)“ што ќе се одржи во сабота (29 октомври) со почеток во 19:30 во НУЦК „Ацо Шопов“.
Во рамки на книжевното гостување ќе учествуваат 20 поети меѓу кои и двајца гости од странство кои ќе се претстават со своја авторска поезија и проза, а во рамки на вечерта ќе бидат прикажани и неколку поетски филмови во авторство на Марија Шаклева, Санда Ѓоргиева, Диме Данов и Валентина Бакти од Србија. По читањето дружбата ќе продолжи во пабот "Only Fools and Horses".
Во рамки на вториот дел ги најавуваме: Павлина Атанасова, Николина Андова Шопова, Марија Шаклева, Лилјана Пандева, Андреј Ал-Асади, Стефан Костовски, Милена Ристова-Михајловска, Искра Постолова, Ребека Спасова и Марија Костиќ.
Ти сплетов песна
геометриски прецизна
градбено свилена
светлински проѕирна.
Ти со еден замав
ја отстрани.
Небаре пајажина.
Ги спаруваме
расфрланите зборови меѓу нас
небаре чорапи -
црниот со црниот
црвениот со црвениот
некој секогаш останува
сам
Клара,
ти што ги затвораш портите
за тропкањата на чевлите
да не ги намирисаат нашите стравови
и што голташ виори
наместо процедени солзи,
што си ја симнуваш душата
пред умртвени надусни,
и постсмртно гониш возови без патници,
засивени седиштa,
под уморни очила...
И великиот кнез се покори. Точно знаеше каде и како да си ја намести главата. Го слушаше отпетлувањето на Дора на горниот дел од нејзината облека. И во еден миг почувствува топли капки, веќе знаеше, мајчино млеко, по три во секое око.
А во неговите очи,
ко во два студени тишјаци,
клучот до сите насмевки на смртта.
Нашата радост, наша прокоба.
Срцето со своја азбука.
Ако галебот беше ангел
А ангелот ‒ галеб
Ќе можеше ли да го погледнеш ангелот?
... за душите да говорат енергетски јасно,
оти и кога молчиме,
тишината го вели она
што би си го рекле гласно.
Оаза си ми во пустината,
бунар љубовен на врвот на планината.
Ти ја препознавам убавината таму каде
светлината ја победува темнината.
Ги гледам гулабите наши
затворени со златни решетки,
но решетките се решетки и кога се златни…
Пуштете ги!
често плачев како дете
до петтата година цицав палец
патиките ги обував наопаку
Comments