top of page
Writer's pictureКултура β

„Твоја ли е градината, Алиса?“ од Андреј Медиќ Лазаревски, добитник на „Енхалон“ на 63. СВП

Песната „Твоја ли е градината, Алиса“ на македонскиот автор Андреј Медиќ Лазаревски ја доби наградата „Енхалон“, која се доделува на Струшките вечери на поезија за најдобра песна од млад автор прочитана на фестивалот.


Жири-комисијата, во состав Митко Гогов, Иван Шопов и Игор Трпчески, во своето образложение велат дека станува збор за песна во која доминира интертектуалната игра.


„Повикувајќи се на светскиот класик ‘Алиса во земјата на чудата’, преку интертекстуална игра Андреј Медиќ Лазаревски храбро и софистицирано води дијалог со себеси и светот преиспитувајќи ги своите внатрешни лавиринти низ неконвенционални и свежи поетски слики. Низ стиховите авторот успева да изгради култивирана визура во сопствениот лирски и филозофски дискурс. Песната нè води низ еден специфичен имагинарен времепростор, во кој авторот успева да дополнително да ги очуди познатите симболи, давајќи им нова смисла и семантичка сила. Преку патувањето низ универзалните егзистенцијални траектории низ светот на имагинарното и реалното, авторот, на места иронично и пркосно, нè повикува на нови преиспитувања, читања и преобмислувања на светот на дуалностите во кој е заробен. Неговиот императив не е да пишува за она што е присутно и видливо, туку да го артикулира и трансцендира она што интуитивно го пренесува од другата страна, во една нова метафизичка димензија“, стои во образложението на жири-комисијата.


По тој повод, ја објавуваме песната во продолжение!


твоја ли е градината, алиса?


влегувам низ вратата, алиса

ја гледам градината

и таа е одвратна, алиса

во гробот се превртувам.


те замислувам и те мислам, алиса

играм покер, немам џокер

четири дами в рака

и еден крал скриен в ракав.


влегувам низ вратата, алиса

и гледам

како си ја прокоцкувам сопствената иднина.


одам, одам, одам,

љубам, љубам

се губам

имам четири девојки одеднаш, алиса

и еден крал ‒ дрег кралица

бегам и од традицијата

и од либералните вредности, алиса

а и двете ме држат

и ме влечат

налево, налево, налево

надесно, надесно, надесно.


не можам да избегам

ја затворам вратата, алиса

дома сум

се чувствувам како во твојата земја

како во твојата градина.


Comments


bottom of page