top of page

Турбофолкот е идеологија, а не само музички жанр

  • Writer: Калина Качоровска
    Калина Качоровска
  • Jan 20
  • 7 min read

кон дискусијата започната на профилот на „Мелеем“


Последниве неколку дена, на Инстаграм профилот „Мелеем“ (повеќе од 22.000 следбеници) се разви дискусија на тема турбофолк. Не сум сигурна од каде точно почнува дискусијата, но ако добро разбирам, објавуваат видео од Скопје на некоја турбофолк песна, што резултира во критика од страна на дел од нивните следбеници, кои, во зборовите на Мелеем, се „ставени во граници“. По овие реакции, Мелеем излегува со неколку „сториња“ и објави во самоодобрана и критика на „алтернативците“ кои според нив, со неприфаќањето на турбофолкот се ограничени осудувачи и „хејтери“. Со оваа објава и овој став не само што не се согласувам, туку истите ги сметам и за разочарувачки, земајќи го предвид фактот дека профилот го следам веќе некое време и гаам особена почит кон нивната работа и труд за тоа македонското општество да почне малку поактивно да размислува на теми кои никогаш не биле дискутирани: архитектура, урбани простори, дизајн, град. Нивниот наратив е дека плукање по турбофолк и сите оние кои го слушаат е штетно, конзервативно, елитистички и дека прави непотребна општествена поделба; дека слушањето на овој вид музика треба да се нормализира, а не да биде табу. Ако стануваше збор за било што друго освен турбофолк, веројатно ќе се согласев. Но, турбофолкот не е само еден обичен музички жанр, па ај, остај ги луѓето да си слушаат што си сакаат, секој има свој вкус. Турбофолкот е, и тука доаѓа проблемот и тежината на ситуацијата, идеологија.


Принтскринови од постот на Мелеем поврзан со темата

 

 

Кога зборуваме за турбофолк, секогаш зборуваме за политика, затоа што тој се раѓа преку политика. За тоа од каде овој жанр потекнува може да се претпоставува и зборува на долго и на широко: некој тврди дека негов прототип е новокомпонираната народна музика која се популаризира во руралните средини на Југославија во 80-тите години на минатиот век [1], друг дека почеток е појавувањето на Лепа Брена на сцената, но општоприфатен став е дека турбофолкот вистински го зема својот замав со распадот на Југославија и почетокот на воените турбуленции во регионот во раните 90-ти. Во време на брзорастечки етнонационализам, криминал и воени злосторства, одеднаш медиумите почнуваат да промовираат тип на музика кој до тој момент бил на маргините. Криминализираните елити од тој период барале начин да ја омекнат и маскираат суровата социјална, политичка и економска реалност во регионот (нешто што е особено забележително во Србија). Па така, звук на војните, крвта, криминалот, режимот на Милошевиќ, воените профитери и новоформираната мафијашка култура не биле извици, крикови и плач, туку фолк мелодии проследени со нежни приказни за љубов, копнеж, романтика. Турбофолкот се прикраднува скришно, одвлекувајќи го вниманието на народот од секојдневните тешкотии со музика која совршено одговара со вредностите на тогашните политички елити.

 

Секогаш кога зборувам на оваа тема и кога гледам дека соговорникот мисли дека малку претерувам, го давам примерот за Аркан и Цеца. Па има ли нешто попретставително за културата (која започна, но не заврши) во 90-тите години од брак помеѓу воен злосторник и турбофолк суперѕвезда? Додека нејзиниот сопруг и неговите „тигри“ убивале луѓе на фронтот, Цеца ги забавувала луѓето, полнела сали и арени пеејќи за љубов и страст. Ама нели, нема врска, музика си е музика. 


Она што е за мене, но веројатно за генерациите над мене, е  уште поинтересно е тоа дека начинот на кој турбофолкот се претставува или е перцепиран од општата јавност денес е многу различен од деведесеттите. Иако, особено популарен, во тоа време тој сепак бил презиран од интелектуалните елити како нешто срамно што не треба да се смета за култура. Сега, тој не само што е дел од мејнстримот, туку е прифатен како нешто што Урош Чворо го нарекува „автентична балканска културна форма на отпор кон перцепираната закана од културна глобализација и неолиберализам.“ [2] Колку погрешно! Фактот дека турбофолкот денес не е само дел од културата, туку тој е културата е нешто што треба сите да нѐ загрижува. Менување на дискурсот кон тоа дека турбофолкот е изворна регионална музика што треба да се цени како нешто традиционално, а сепак модерно и својствено за овие предели и дека на истиот треба да се гордееме, иако знаеме во каков општествено-политички контекст тој се појавува е апсурдно и крајно штетно. Ми се повраќа секогаш кога ќе чујам дека модерниот турбофолк и неговата глорификација на насилство, оружје, дрога и проституција е едноставно својствена за „балканскиот стил на живот“,  затоа што со прифаќање на тоа се закопуваме уште подлабоко во дупката од која тврдиме дека толку многу дека сакаме да излеземе. Зарем навистина имаме толку ниско мислење за самите себеси?


Во текст за The Calvert Journal, Теди Александрова наведува дека „[српскиот] турбофолк станал сè поразновиден и прогресивен по милениумот, со задоволство отфрлајќи ги своите окови од времето на Милошевиќ во корист на женско ослободување, квир перформативност и прекрасно направени клубски химни.“ Оваа анализа за трансформацијата на турбофолкот во нешто прогресивно за маргинализираните групи на постјугословенското општество е популарна (дури и во Македонија, нешто што особено може да се забележи на пример на скопските драг-шоуа) и не е целосно неточна, но се коси со фактот дека турбофолкот и денес е, пред сè, својствен за конзервативните делови на општеството поради две причини: 1) веќеспоменатиот пристап кон овој жанр како „наша“, „балканска“ музика со која треба да се гордееме и 2) текстовите често промовираат традиционални патријархални вредности. 


Турбофолкот може да еволуира, но не може да избега од своите корени. Како пример повторно ќе ја земам Србија, затоа што сметам дека Македонија не е многу претставителна, од една страна затоа што моменталната политичка состојба изгледа многу поинаку од онаа кај нашите соседи, а од друга страна затоа што немаме ни приближно толку развиена турбофолк сцена, напротив, оние кои слушаат таков тип на музика кај нас, најчесто слушаат српски, босански или бугарски песни. Во период на длабока социо-политичка криза, неколкумесечни граѓански протести и безброј трагедии дозволени од страна на владата, поделеноста на народот е очигледна. Но, еве, да видиме кој експлицитно застанува на страната на Вучиќ: Цеца и Карлеуша, двете најголеми турбофолк ѕвезди во државата. Од друга страна, студентскиот и граѓански отпор е јавно поддржан од страна на народните театри, музеи, професори, глумци, музичари. Што кажува ова? Колку турбофолкот и што (и кого) тој претставува навистина се има сменето од деведесттите до денес? Одговорот е повеќе од јасен. 


 

Сакам да се навратам на објавата на Мелеем која ме поттикна да размислам малку подлабоко за тоа зошто чувствувам толкава одбивност кога станува збор за турбофолк. Свесна сум дека една од можните реакции на ова што го пишувам ќе биде „аман бе, не е толку сериозно“, но сакам да го докажам баш спротивното, дека да, е толку сериозно. Оттука, поради сето она што погоре го напишав, нормализирање и де-табуизирање на турбофолкот не смее да се случи. Не затоа што сум елитистка, или алтернативка, или подобра од другите, туку затоа што турбофолкот бил, е и секогаш ќе биде идеологија и култура која е директен виновник за најголем дел од проблемите со кои овој регион се соочува од почеток на 90-тите па сè до денес. Токму затоа, критикување на овој тип музика не е резултат на нашите граници или стереотипи. Градот не бил поделен на алтернативци и турбофолкери пред 10 години, како што навестува постот на Мелеем. И градот и општеството се поделени на тој начин уште одамна, а веројатно и ќе продолжат да бидат, не затоа што двете групи слушаат различна музика, туку затоа што застапуваат различни вредности


Сепак, колку и да не ми одговара, морам делумно да се согласам со тоа дека да, кај она што е општосфатено како „алтернативна сцена“ (иако што тоа подразбира е исто така дискутабилно), многу често постои доза на надменост и осудување, не само кон турбофолкот или поп музиката или што и да е, туку и кон внатрешноста. Она што го забележувам сè почесто е дека алтернативната сцена за која толку многу сакаме да зборуваме е далеку од сплотена и здружена, што ја прави ситуацијата уште потажна. Но, тоа е тема за друга колумна. 


На втората слика од објавата на Мелеем, тие споменуваат „италијански турбофолк“ и дека на светов не постои само српски турбофолк, а оние што така мислат коментираат коментари „како да не биле подалеку од Солун“. Овој дел ми остави особен впечаток, особено земајќи го предвид тоа дека целта на објавата е да се искритикува елитизмот на „алтернативците“, а тоа го прават претпоставувајќи дека сите луѓе треба да се шетани, образовани и „отидени подалеку од Солун“, што и не е баш реалистично. Малку контрадикторно, не? 


Последниот елемент од објавата кој сакам да го искоментирам е делот на самиот крај: „И оваа огорченост не води кон креативност, да не зборуваме дека не води кон развој на бизнис, затоа што основата на бизнис е да остваруваш контакти со различни типови на луѓе, и да се движиш по различни места. Па можеби затоа и економската ситуација е таква каква што е 🤪“. Сфаќам која е идејата, дека треба да бидеме поотворени кон луѓе, места и нешта кои можеби не се по наш вкус за да бидеме креативни и успешни луѓе. Да, се согласувам. Поентата ќе беше одлична ако стануваше збор за било што друго освен за турбофолк. На алтернативата ѝ треба мејнстрим за да биде алтернатива, тоа е нешто за што имам пишувано уште одамна и што е уште поочигледно денес, кога македонската поп сцена е речиси непостоечка. Но, во ниеден случај под „мејнстрим“ или „поп“ не смее да се подразбира турбофолк! А, кога станува збор за последната реченица, воопшто да се инсинуира дека економската ситуација е таква каква што е затоа што алтернативците одбиваат да слушаат турбофолк и да одат во Интермецо е само еден лош и неуспешен обид за смешка. 

 

Нормализирањето на турбофолкот не треба да се третира како некаков обид за инклузивност, затоа што истото ги занемарува политичките и културни корени на оваа музика која е многу повеќе од само музика. Критиките кон надменоста и елитизмот на алтернативните кругови е фер и валидна, но важно е да се направи разлика помеѓу негирање на туѓи музички вкусови и отфрлање на една штетна и декадентна идеологија. Турбофолкот е систем на вредности и како таков тој треба да биде предизвикан, дискутиран и осуден, а не слепо прифатен во знак на слободумие и „лабаво бе брат“. Само така можеме да водиме продуктивен дијалог за нашата култура и општество. 



 

[1]   Šentevska, Irena. “‘Turbo-Folk’ as the Agent of Empire: On Discourses of Identity and Difference in Popular Culture.” Journal of Narrative Theory, vol. 44, no. 3, 2014, pp. 413–41. JSTOR, http://www.jstor.org/stable/24484792.

[2] Aleksandrova, Tedi. “Turbofolk: how Serbia's weird and wonderful pop music came in from the cold.” The Calvert Journal, 1 March 2017, https://www.new-east-archive.org/articles/show/7805/turbofolk-serbias-weird-wonderful-pop-music.



Comments


Commenting has been turned off.
bottom of page