Утревечер (12.12.2024) со почеток во 20:30 во киното „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи читачка промоција на најновата стихозбирка од Јулијана Величковска, „Рајсфершлус“ во издание на ПНВ Публикации.
По повод промоцијата, во продолжение прочитајте три песни од стихозбирката!
врзувајќи ги зборовите и речениците сврзниците покажуваат и своја содржина свое значење но тоа значење се открива единствено преку самиот спој... читам и се прашувам блаже говори граматика или опишува кинбаку? јас сум за ексклузивни копулативни и финални ти си за темпорални допусни и односни навидум исти идентично градени но ти си честичка што само сака да (се) истакне јас пак упорно сакам поврзување дури и кога се развил однос на спротивставување сепак јас сум ками во мојата глава та моето срце и тело може да се врзат само со шименава
вака беше: тој беше главата тие беа ушите и очите луѓето на терен оперативците оттаму муабетот за казанот па два таруна па два шиника оти беше пуштил пипци насекаде инаку нема врска главите им тежеа просечно на колец ги нижев прво низ вратот па низ око им брцкав а брат ми дома тој беше со меко срце да беше храбар беше силен но и малку наивен или можеби само добар чесен и лојален и веќе долго не беше во тек со нештата девет години легнат болен на постела коските му се беа раскостиле месата му се беа раскапале но мислите не му се беа поматиле за сето време ме учеше како да мавам со тешка боздогана како да сечам со сабја дипленица и да јавам брзаго коња а оние неговите „верни“ побратими поетине што ми посакаа црни очи како црно грозје бело лице како јасно сонце и тонката ми става требаше да знаат дека за сестра на јунак се плаќа со глава
ангелина
јунона ме казни брбливка сум била не е виновен јупитер со нимфи што ја мами туку јас што од неа сум скрила ја изгубив моќта онемев речиси сосем можев само последен глас да речам од туѓи слушнати зборој а штом го видов наркис мисли и чувства ме обзедоа порој но тој беше чуден само во ликот свој беше вљубен и не е баш така како што ви велат тоа што само коски и глас ме стори и коските набрзо в кам ми ги престори не беше љубов ниту страст врела туку чемер и јад што не успевав да речам мисла моја мисла цела и кога неговата убост штом отвори уста веднаш ја снема ми стана мачно таков грозен и однатре гнил да го гледам та во пештери пусти во шуми се криев но брзо неговото тело шафранов цвет крај изворот стана а јас дури во подземјето изнајдов лек за мојата рана ко филомела за злото на тереј што со пурпурни букви во белите нишки пиша на разбој така и јас со убави мисли катаден ткаев за себе завој
ехо
Comments