top of page
Writer's pictureКултура β

Три песни од Нино Наумовски, добитникот на „Антев часовник“ за 2024г.

Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изразува своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Оваа година, комисијата имаше навистина тешка задача да направи селекција на поетските писма кои со своите квалитети и одличен израз се издвоија.


За наградата „Антев часовник“, награда која се доделува за најдобра поетска збирка од млад автор, жири-комисија одлучи наградата да ја доделат на авторите Нино Наумовски и Стефан Спасовски.


По тој повод објавуваме три песни од Нино Наумовски што може да ги прочитате во продолжение:


DE JOUR EN JOUR


Седејќи во запуштен парк

Ладното ветре така тивко пирка

Миг што ме потсеќа на филм од Годар.

Чекам да дојде странец и да ми побара цигара.

Да стекнам нови пријателства кои наместо апсурд

Спокој ќе дадат.

De jour en jour.

Чекам да дојде мојот миг.

Мојот миг на сцена која одамна го загубила својот сјај

Исто како паркот во кој седам.

Ги чувствувам во мене духовите на луѓето 

кои некогаш седеле тука

Разговарале за Ками, Бекет 

и страста што нивните дела ги буди во нас. 

Гете и Чехов, „мала шега”.

Мојот миг ќе дојде како многу од нив

И со него во нови спомени ќе ме турне.



ИНДИГО СОЛЗИ 


Јас сум индиго боја 

како темните ѕвезди

кои осветлуваат улици

со своето синило.

Во мрачниот град

каде светлината исчезна,

а со неа и љубовта која 

какo пеперутка одлета од ова мрачно место.

Љуби ме, 

вика сонцето кое одамна згасна.

Месечината плаче индиго солзи.

Сонцето веќе не ја сака

си најде нова галаксија што ќе ја пеплоса 

со своите смртоносни зраци.


ДА СИ ИНТЕЛЕКТУАЛЕЦ 


Со грутка нерешени проблеми

Нерасчистени соништа 

Магливи сеќавања

Пасија за животот

За разговорите кои траат со часови

За потребите кои треба да ги чуваш во себе.



 

Нино Наумовски, роден на 13.6.2005 година во Скопје, завршил средно образование во гимназијата „Никола Карев“, се занимава со музика, пишува поезија и повремено пишува текстови. Добитник е на многу награди од сферата на музиката, а притоа има и настапувано на поетски читања вклучувајки ги „Бела ноќ“ и „11 Октомври“. Во 2022 година објавувува стихови на неколку онлајн платформи. Учесник во организирање настани од културата во Културно информативен центар. Во 2023 учествува на „Рациновите средби” како дел од курсот за креативно пишување со Алек Русјаков. Во 2024 учествува на „Денови на поезијата” во склоп на поголема манифестација и настапува како дел од повеќе сценски музички дела на „Средноленд“ во Младинскиот културен центар.


Comments


bottom of page