Вчера (10.1.) од печат излезе првата стихозбирка на поетесата и писателка Милена Сиљаноска, „Куќичка на дрво не е дом“. Стихозбирката е издание на издавачкиот центар „Три“, а на корицата се наоѓа сликата „Зимската тишина“ од Никола Пијанманов.
По тој повод објавуваме три песни од стихозбирката, прочитајте во продолжение!
КАЖИ СИ ГО ИМЕТО
и капијата
сама ќе се отвори
подоткопчај ја кошулата
во оваа куќа без прозорци
Не плаши се
ако си го прочиташ
на надгробната плоча
исклесано името
Прескокни ја
црвената река
и изгради ми мост
Кога ќе сакаш
да ме видиш
премини го
Знам дека си бил
Цвеќињата ги кренале
своите глави кон капијата
А мост нема
Само една дрвена штица
наквасена од левата страна
од некој
кој се обидувал
да се врати дома
ЈАБОЛКНИЦАТА ШТО УЗРЕВА ЗИМЕ
Меѓу гранките суви
како празна црква
се издигнува таа
држејќи ги угоре
своите плодови
полни како срца
Снегот крцка
под нозете
Чадот се издигнува од куќите
Магливи капки
се лепат за лицето
Гранките од тополата се кршат
– тука останувам јас
вечна зима.
ТВОЕ Е САМО ОНА ШТО ОСТАНУВА
Железен мирис
на грбот
гори изгореница
од икарските крилја
Comentarios